• понеделник, 23 декември 2024

По лебдечкиот, следи и кинескиот „висечки воз“ со магнети

По лебдечкиот, следи и кинескиот „висечки воз“ со магнети

Пекинг, 16 ноември 2022 (МИА) - Кина е земја со супербрзи железнички линии, па неодамна го претстави и концептот на лебдечки воз со магнети, „маглев“, чии вагони левитираат и се движат без струја. Сега следи и „висечкиот воз“ со магнети.

Експерименталната линија на „Црвената железница“, долга 800 метри, е изградена во Округот Ксингуо во јужната кинеска покраина Џијангкси. Новиот воз-маглев ја користи познатата технологија на магнетно лебдење, но за разлика од „вообичаените“ маглеви кои се движат неколку сантиметри над шините, овој лебди под структура на челични столбови 10 метри над земјата, поради што го доби и називот „небесен воз“. Наместо да користи електромагнети со електрична енергија, овој воз лебди под својата шина благодарение на моќните постојани магнети. Овие иновативни магнети направени од ретки метали (тн. „ретка земја“), создаваат постојана сила што може да подигне состав од два мали вагони со 88 патници. Поради тоа што лебди во воздухот, возот се движи без триење и потполно тивко, па му треба многу мала количина електрична енергија за да работи. Експерименталниот „висечки маглев“ се движи со брзина од околу 80 километри на час. Планот е да се изгради и втора експериментална линија во должина од 7,5 километри, по којашто возот би се движел со брзина од околу 120 километри на час. Сепак, се чини дека оваа технологија тешко ќе се пробие вон Кина. Имено, за производство на постојани магнети потребни се значителни количини ретки земјени метали. Постојат 17 хемиски елементи со слични хемиски својства. Иако овие елементи се изобилно присутни во Земјината кора, тие обично се распрскани насекаде и ретко се концентрирани во руди, па нивното производство е неисплатливо. Ретки метални легури како што се самариум, гадолиниум, диспрозиум и прасеодимиум се користат за производство на постојани магнети. Тие се користат и за други високотехнолошки производи и се сметаат за една од клучните стратешки суровини на иднината. Кина поседува 40 отсто од светските резерви на ретки метали, како и 85 отсто од светското производство на овие метали. Затоа, доколку не дојде до големи геополитички промени или не се откријат нови наоѓалишта, се чини дека револуционерниот лебдечки маглев ќе го има само во границите на Кина, во догледна иднина.  си/ссм/

Остани поврзан