• понеделник, 15 декември 2025

Почна да функционира Центарот за поддршка на ученици со попреченост во кумановското училиште „Браќа Миладиновци“

Почна да функционира Центарот за поддршка на ученици со попреченост во кумановското училиште „Браќа Миладиновци“

Куманово, 29 септември 2023 (МИА) - Почна да функционира Центарот за поддршка на ученици со попреченост во кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово. Стручните лица денеска ги повикаа родителите кои имаат проценка за учениците направена од МКФ (Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје) да дојдат во Центарот и да добијат поддршка.

-Од оваа учебна година во рамките на ООУ „Браќа Миладиновци“ прием во прво одделение во посебни паралелки нема затоа што Законот за инклузивно образование е таков сите деца да ги инклузираме и вклучиме во редовните паралелки. Сите ученици во редовни училишта коишто имаат проценка од стручно тело за функционална проценка при МКФ треба да доаѓаат во Центарот за поддршка на учењето на учениците со попреченост бидејќи ние како посебни паралелки прераснуваме од оваа учебна година во Центар за поддршка и даваме услуги на сите инклузирани деца коишто имаат проценка од стручно тело, изјави Оливера Ѓорѓиевска, дефектолог во училиштето.

Просториите се доопремени, може да се изведуваат третмани по сензорна и со сензорна интеграција, се нуди и логопедски третман, се спроведува обука и вклучување на децата за употреба на асистивна технологија според можностите на учениците. Паралелките од второ до деветто одделение во останатите паралелки продолжуваат со работа и сите запишани деца ќе го завршат образованието во истурениот објект на улицата „Тане Георгиев“.

Бројот е веќе пополнет, има ученици од скоро сите основни училишта од Куманово.

- Ниедно дете не е одбиено и очекуваме уште поголем број на ученици во текот на второто полугодие, со самото откривање даваме поддршка на родителите, на наставниците за сите потребни работи коишто се потребни за да овие дечиња ги вклучиме во воспитно-образовниот процес и да им овозможиме подобра социјализација подобро прифаќање, да ја подигнеме јавната свест и да се пронајдат самите себе во овој воспитно образовен процес. Комисија за функционална проценка, стручно тело има во ООУ „Вук Караџиќ“, во склоп на тоа училиште работи, но комисијата доаѓа сè уште од Скопје, во контакт со нив ме информираа дека во најскоро време комисијата ќе работи нонстоп со кумановски членови на таа комисија. Јас како дефектолог поаѓам од препораките коишто ми ги дава таа комисија, вршам дефектолошки третмани за подобрување на концентрација и внимание, помош при почетно пишување и читање, развој на фина моторика, изјави Ѓорѓиевска.

Тимот од „Браќа Миладиновци“ од Центарот за поддршка ќе понуди и програма за инклузивните тимови во останатите училишта.ам/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан