• петок, 28 јуни 2024

Поднесувањето изборни листи за локалните избори во Србија истекува на полноќ

Поднесувањето изборни листи за локалните избори во Србија истекува на полноќ

Белград, 12 мај 2024 (МИА) - На полноќ истекува рокот за поднесување на избирачките листи за изборите за Собранието на Град Белград, 14 градови и за 74 локални самоуправи кои ќе се одржат на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Белград.

Согласно Законот за локални избори, изборните листи се доставуваат директно до изборната комисија најдоцна 20 дена пред денот на гласањето.

На барање на опозијата беа донесени измени на избирачките списоци, и согласно измените на Законот за единствениот избирачки список, усвоени во Собранието на Србија, гласачите кои го промениле местото на живеење по 3 јули 2023 година нема да можат да гласаат на својата нова адреса на претстојните локални и белградски избори.

Како што е утврдено со роковникот за спроведување на изборните дејствија, 17 мај е краен рок за утврдување и објавување на збирните изборни листи, по што треба да се заклучат и избирачките списоци.

Што се однесува до Белград, Градската изборна комисија досега објави осум изборни листи за изборите за градското собрание на Белград. Владеачките партии СНС и СПС ќе настапат во коалицијата „Александар Вучиќ - Белград утре“. Опозициските партии од поранешната коалиција „Србија против насилството“ кои нема да ги бојкотират изборите-Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го даваме Белград, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Еколошкото востание и Новото лице на Србија одат во коалиција со изборната листа „Го избираме Белград–Добрица Веселиновиќ–Милош Павловиќ“.

Останатите изборни листи што ќе учествуваат на изборите во Белград се: „Руска партија- Срби и Руси браќа засекогаш“, „Чале, ова е за тебе “, „За зелен Белград–Кога ако не сега–д-р Дејан Жујовиќ“, „1 од 5 милиони–Белградски фронт-Ритам на градот–Душан Теодосијевиќ градоначалник“, „Ние силата на народот проф. д-р Бранимир Несторовиќ“ и „Народна листа-клуч за победа“. Изборите за град Белград ќе ги бојкотираат опозициските Партијата за слобода и правда (ССП), Нов ДСС (НАДА) и Срце, додека на локално ниво ќе настапат согласно одлуките на локалните одбори на овие партии.

Покрај изборите за градско собрание на Белград, белграѓани ќе гласаат и за советници во 17 белградски општини: Чукарица, Нови Белград, Палилула, Раковица, Савски венац, Стари град, Вождовац, Врачар, Земун, Звездара, Бараево, Гроцка, Лазаревац, Младеновац, Обреновац, Сопот и Сурчин.

Истиот ден, 2 јуни, ќе се одржат избори и во градовите: Нови Сад, Ниш, Суботица, Зрењанин, Кикинда, Вршац, Панчево, Сомбор, Сремска Митровица, Ваљево, Пожаревац, Јагодина, Ужице и Чачак.

Избори ќе се одржат во уште 51 општина во Србија: Ада, Алексинац, Алибунар, Апатин, Ариље, Бач, Бачка Паланка, Бачка Топола, Бачки Петровац, Бечеј, Бела Црква, Беочин, Бољевац, Босилеград, Бујановац, Чајетина, Чока, Горни Милановац, Инѓија, Ириг, Ивањица, Кањижа, Ковачица, Ковин, Мали Иѓош, Нова Црња, Нова Варош, Нови Бечеј, Нови Кнежевац, Оџаци, Опово, Пеќинци, Пландиште, Рашка, Рума, Сента, Шид, Сјеница, Србобран, Сремски Карловци, Стара Пазова, Сурдулица, Свилајнац, Шврљиг, Темерин, Тител, Тутин, Врбас, Врњачка бања, Жабаљ и Житиште. об/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан