• петок, 22 ноември 2024

ОЈО Струга поднесе две обвиненија за назначување директори на училишта во Струшко

ОЈО Струга поднесе две обвиненија за назначување директори на училишта во Струшко

Струга, 17 мај 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Струга поднесе два обвинителни предлози за кривични дела „Несовесно работење во службата“ и продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“, поврзани со работата на училишта на територијата на општина Струга.

Во првиот предмет, како што соопшти Основното јавно обвинителство, обвинети се четири лица.

- Првообвинетата – наставник по француски јазик во основно училиште во Велешта употребила три лажни јавни исправи како вистинити, кои ги искористила за полагање стручен испит во Државниот испитен центар. Останатите тројца: градоначалник на општина Струга, директор и помошник-директор на училиштето ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за назначување на првоосомничената за в.д. директор на училиштето во периодот од 19 април 2022 до 6 септември 2023 година, стои во информацијата.

Во вториот предмет, како што е наведено, обвинет е градоначалникот на општина Струга за кривично дело – „Несовесно работење во службата од 353-в“.

- Тој донел решение со кое за в.д. директор на основно училиште во селото Подгорци именувал лице кое не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што е предвидено во Законот за основно образование. Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11 ноември 2022 до 25 април 2023 година, соопшти ОЈО. сс/мд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан