• понеделник, 16 декември 2024

Отворен jавен повик за доделување финансиска поддршка за нови дестинации од аеродромите во земјава

Отворен jавен повик за доделување финансиска поддршка за нови дестинации од аеродромите во земјава

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Министерството за транспорт го објави вториот јавен повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година. Финансиската поддршка се доделува за период од 1 јануари 2025 година заклучно со 31 декември 2027 година.

На повикот може да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми: да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година, да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година и да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење јавен воздушен превоз.

Давател на финансиската поддршка е Владата која донесе Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во земјава на домашни и странски превозници за периодот 2025-2027 година. 

Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на изготвување на барањето за плаќање, за патници превезени до Меѓународниот аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност за патници превезени до аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Средствата кои се останати по првиот повик за финанасиска поддршка, кои се утврдени по години и не се пренесуваат, се во износ од: 81.613.245,00 денари (1,327,045 евра) за 2025 година, 62.144.371,00 денари ( 1,010,478 евра) за 2026 година и 63.255.968,00 денари (1,028,552 евра) за 2027 година.

-Авиопревозникот на кој ќе му биде одобрено барањето за финансиска поддршка треба секоја нова дестинација воведена од/до „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, да ја опслужува најмалку два пати неделно, по однапред определен ред на летање за периодот за кој му се доделува финансиската поддршка, наведен во поднесеното барање, освен за неделата во која се паѓаат Нова година и верските празници католички и православен Божиќ, стои во повикот.

Барањата за финансиска поддршка ќе се разгледуваат и одобруваат по принципот на првенство при поднесување на барањето се до исцрпување на средствата утвредени со Програмата на Владата.  Во рамките на тригодишната програма 2025-2027 година за овој (втор) јавен повик предвидени се средства во висина од 207 милиони денари. Заинтересираните авиокомпании ќе можат да поднесуваат барања за субвенционирање во текот на целиот период за кој се доделува финансиската поддршка.

Со првиот јавен повик, Минстерството за транспорт обезбеди 6 нови авиолинии и тоа од аеродормот од Скопје кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт,  а од охридскиот аеродром кон Истанбул и Милхаус. мч/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан