Отворена нова градинка во Општина Чаир, определени средства за изградба на уште две градинки
- На територијата на Општина Чаир денеска беше отворена градинката „Бамби“, која е дел од ЈОУДГ „Фидани“. Објектот е со површина од 2.058 квадратни метри, содржи 21 функционална занимална и има капацитет за згрижување на 350 деца.
Скопје, 8 август 2025 (МИА) - На територијата на Општина Чаир денеска беше отворена градинката „Бамби“, која е дел од ЈОУДГ „Фидани“. Објектот е со површина од 2.058 квадратни метри, содржи 21 функционална занимална и има капацитет за згрижување на 350 деца.
Изградбата на градинката чинеше 2 милиони евра, обезбедени средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Градинката „Бамби“ ќе згрижува деца од девет месеци до 6 години.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу нагласи дека децата што ќе се воспитуваат во оваа градинка ќе имаат можност да растат во современи и безбедни услови, согласно со највисоките стандарди на предучилишното образование.Оваа институција е директен одоговр на реалните потреби со забрзан раст на општина каква што е Чаир. Грижата и образованието во најрната возраст се темелат на секое индивидуално и општествено формирање. Како јавни институции имаме обврска не само да изградиме простории, туку да создадеме еднакви можности за секое дете да ги направи првите чекори во поддржувачка и инклузивна средина. Токму затоа нашата образовна политика се темели врз конкретни и опипливи проекти со долгорочно влијание, рече тој.

Ганиу информира дека покрај групите на албански јазик, во градинката ќе функционираат групите и на турски и босански јазик, со што, како што потенцира, се обезбедува еднаков пристап до образование за сите деца кои живеат во Чаир и се создава пример за почитување и соживот меѓу различните етнички културни средини.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани нагласи дека установата е изградена согласно највисоките стандарди со современа опрема и услови коишто гарантираат квалитетно предучилишно воспитание.

-Денес е ден кој не исполнува со особена радост и гордост. Денес отвораме врати кон иднината, кон подобро детство, кон еднакви можности за секое дете без разлика каде расте и живее. Со огормна чест ја отвораме најсовремената градинка во нашата држава во Општина Чаир, рече Лимани.
Првиот заменик претседател на Владата, Изет Меџити најави дека Владата веќе има доделено 3,5 милиони евра за изградба на две нови градинки на територијата на Општина Чаир.

-Оваа градинка чинеше 2 милиони евра, но Владата веќе има доделено 3,5 милиони евра за две нови градинки. Бараките и старите згради од комунизмот да одат во историја и да се заменат со вакви убави градинки, рече Меџити.
Станува збор за градинките „Весеза“ и „Боребарда“ (Снежана) кои се наоѓаат едната до ресторан „Фа-фа“ и другата кај базенот што се гради во Топанско поле, додаде Меџити. фф/вг/
Фото: МИА