• недела, 22 декември 2024

Општина Тетово ги намалува долговите поради извршители, Касами вели дека и поранешни советници на ист начин си ги бараат парите

Општина Тетово ги намалува долговите поради извршители, Касами вели дека и поранешни советници на ист начин си ги бараат парите

Тетово, 15 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами денеска ја објасни генезата на намалувањето на долговите на општината како правен субјект, од 14 на осум милиони евра. Од шесте милиони евра, два милиони евра се исплатени по барања на извршители, а четири со давање на обврзници кон доверителите, за што како локална самоуправа, ќе плаќа кон буџетот во наредните десет години.

Според градоначалникот, преостанатиот долг од осум милиони евра, во голем дел е поради тоа што, преку извршители треба да се платат неисплатени надоместоци и камати на поранешните советници.

- Има сериозни обврски кон советниците од претходните состави. И советниците и претседател на ДУИ, што биле, имаат доставено до извршители да наплатат, не само долг, туку и камати и плус такса за извршување. Поголем дел од листата се советници и пожарникари. Општината не ги реализирала обврските кон пожарникарите кои ги ризикуваат своите животи што биле по закон. Тие ги пратиле на извршување и сега земаат и затезна камата и извршителите и адвокатите. Нешто што требало да се плати 50 илјади денари, сега општината плаќа над 100 илјади денари, посочи Касами на денешната средба со новинарите околу финансиската состојба на Општина Тетово и намалениот долг.

На новинарски забелешки, зошто се претставува како намалување на долговите, користењето на структурни обврзници преку државниот буџет, Касами посочи дека тоа не е финансирање од страна на Владата, затоа што Општината е таа која ги дава парите, што на крај завршуваат кај доверителите. По издавањето на државните обврзници, општината се обврзала да ги плати според договор во наредни 10 години. Компаниите и други субјекти, кои бараат да наплатат долг од општината, можат добиените обврзници од општината, да ги искористат за плаќање данок на додадена вредност, данок на добивка, да ги продадат на берза или да ги добијат парите на крај на сметка.

- Владата има обврски овие обврзници да ги плати на крајот на десеттата година. Но, според договорот, општината секоја година ќе плаќа една десетина кон државниот буџет. Ние десет години редовно ќе плаќаме на државниот буџет, за да државата на крајот на десеттата година, тие пари ги даде на оние кои ги имаат обврзниците. Тие обврзници ги држат компании и на крај од десеттата година, можат да се пријават во Министерство за финансии и да ги земат парите назад. Општината плаќа секоја година една десетина од обврската, како рата, посочи Касами.

За намалување на долговите на ЈКП Тетово, сега како најголем должник, со над 10 милиони евра, ќе биде потешко, затоа што според Касами, ова претпријатие не може да ги наплати сметките што не ги платиле граѓаните.

- Во делот на ЈКП, ако не се изменаџира по закон, не може да се наплати фактура подолго од една година. Само од тековната и од претходната година. Побарувањата на ЈКП Тетово од граѓаните е околу 10 милиони евра. Обврските на ЈКП кон комитентите, исто така, е 10 милиони евра. Овие обврски редовно се подмируваат преку извршители, со што испаѓа дека ЈКП Тетово мора да ги плати тие 10 милиони евра. Не може да ги одбегне. Од друга страна, ЈКП порано не ги следеле сите законски можности да ги наплатат неплатените сметки од граѓаните, рече Касами.

Според Касами, наплатата на даноците и таксите, како изворните приходи на општината, се зголемени, а доказ се наплатените долгови од страна на извршителите. ас/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан