• петок, 17 мај 2024

Одржана четвртата малореканска научна конференција „По патеките на Дичо Зограф"

Одржана четвртата малореканска научна конференција „По патеките на Дичо Зограф

Дебар, 6 септември 2023 (МИА) - Во изминатите четири дена  Свештената Бигорска Обител ја имаше честа да биде домаќин на четвртата по ред Малореканска научна конференција, насловена „По патеките на Дичо Зограф“. 

- Оваа угледна научна средба беше организирана со благословот на нашиот почитуван надлежен митрополит, Неговото високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски, под покровителство и благослов на нашиот Старец и Игумен на Бигорскиот Манастир, Преосветениот епископ Антаниски г. Партениј, а во соработка и коорганизација со проф. д-р Сашо Цветковски, информираа од Бигорскиот манастир.

Свеченото отворање на конференцијата се одржало во сечесниот храм на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, во с. Тресонче, родното место на иконата на македонското фрескосликарство и иконопис Дичо Зограф. 

Благослов за успешна и плодотворна работа испрати владиката Партениј, преку високопреподобниот Архимандрит Доситеј, кој во таа прилика отслужи трисагија во спомен на зографот Димитар – Дичо Крстев и на другите творци на нашата духовна уметност и култура. 

Професорот Сашо Цветковски, истакнат научен соработник од МАНУ, одржа пригоден говор со кој ги поздрави организаторите и учесниците во научниот собор. На овој настан присуствуваа научни работници, студенти и членови на здружението „Брзовец“ од с. Тресонче, како и градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски. 

Во текот на следните денови, во салата за настани во Бигорскиот Манастир, беа одржани четири сесии, на кои реномирани истражувачи во областа на историјата на уметност и на архитектурата имаа свои презентации. Со свои трудови учествуваа научните работници Сашо Цветковски, Александар Василевски, Дарко Николовски, Ненад Макуљевиќ, Светлана Смолчиќ – Макулевиќ, Васил Ѓеоргиев – Ликин и Борис Марковски.

Четвртата Малореканска конференција заврши со свечено доделување сертификати за учество. Во името на владиката г. Партениј сертификатите ги додели Архимандрит Доситеј, кој им заблагодари на сите учесници и го акцентираше значењето на ваквите научни собири за културното и историско наследство на регионот. 

-Како општо резиме на годинешнава конференција беше нагласокот на потребата за обрнување на поголемо научно внимание на уникатниот иконостас во бигорскиот католикон, кој претставува светско ремек-дело со неизмерно уметничко и духовно значење, и како татков треба да влезе како подвижно културно наследство во УНЕСКО, додаваат од манастирот.

Димитар Крстев Дичов, попознат како Дичо Зограф е македонски иконописец, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век. Насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на црквите, насекаде во земјава, Србија и Грција. Неговото творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите. Дичо е роден 1819 година во Тресонче, област Мала Река, општина Маврово и Ростуше (некогаш дебарски регион), а починал во 1872 или 1873 година. Каде се неговите посмртни останки се уште не се знае. вт/мч/

фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан