• понеделник, 23 декември 2024

Во Кавадарци работилница „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните"

Во Кавадарци работилница „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните

Кавадарци, 17 мај 2024 (МИА) - „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните" е темата на работилницата што денеска се реализира во просторите на Општина Кавадарци. Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од  проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. 

Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека соработката на релација народен правобранител - локална власт е од суштинско значење и игра голема улога, пред се во остварувањето на ефикасна заштита на правата на граѓаните. Таа е, нагласи, од суштинско значење и затоа што токму голем број на ингеренции во сферата на урбанизмот, а кои значат создавање на претпоставки за хуман живот, уредување на просторот, живот во чиста животна средина, управување со отпадот, потоа процесот на образованието, како значајна алка во развојот на децата и низа други работи, се во ингеренции на локалните власти.

- Сосема сум свесен за потешкотиите со кои се соочуват најголемиот број на општини како немањето на доволно средства, но и кадар за справување со проблемите кои ги имаат граѓаните на локално ниво, затоа низ овие средби сакаме да поттикнеме дебата и да утврдиме кои се слабостите и како истите може да ce надминат, ce со цел децентрализацијата навистина да ги даде очекуваните резултати, а со тоа граѓаните да добијат администрација која ќе биде нивен вистински сервис. Како потврда на ова што го кажав се и дел од препораките на народниот правобранител дадени во извештајот за 2022 и 2023 година, истакна тој. 

Притоа посочи дека вo делот урбанизам, народниот правобранител препорачува локалните власти благовремено да започнуваат постапка за вработување на градежни инспектори, затоа што практиката за склучување на меѓуопштински договор за соработка во оваа област, се покажала како нецелосно ефикасна и недоволна, за да овозможи професионален одговор на потребите на граѓаните од две општини.

Народниот правобранител, подвлече, исто така препорачува, локалните власти да ангажираат поголем број на човечки ресурси кои ќе работат на предметите за добивање на правен статус на бесправно изградени објекти, затоа што неприфатливо e се уште да има нерешени предмети од 2011 година, имајќи предвид дека законскиот рок за конечно завршување на овој процес изминува за три години.

Во делот животна средина, народниот правобранител препорачува локалните власти, најпрво и веднаш, да преземат ефикасни дејствија во насока на вработувања на доволен број овластени инспектори за животна средина, а стратегиите, акциските планови и програми, кои ги носат за зачувување на здрава животна средина на нивните територии, да започнат фактички и да ги реализираат.

- Што однесува до соработката на народниот правобранител и Општина Кавадарци, со задоволство можам да кажам дека е на високо професионално ниво, поради што оваа Општина е позитивен пример на соработка помеѓу институцијата и локалната власт.  Во 2023 година од граѓаните на општина Кавадарци имаше 30 претставки од скоро сите области, од урбанизам, детски права, правосудство, работни односи, полициски овластувања, финансии и така натаму, а во првите четири месеци од оваа година има 17 претставки, доминираат тие од областа граѓански состојби, но се разбира има и од другите области, рече Зибери. 

Во изјава за медиумите, тој  ги пофали транспарентноста и отчетноста во Кавадарци и го истакна податокот што беше посочен на работилницата, дека од 15 илјади предмети во врска со постапување со бесправно изградени објекти во општината, 14.500 се веќе  решени позитивно а останатите се во постапка. И тоа во постапка не поради непостапување на службите, туку поради проблеми во имотно - правните односи на подносители на барања. Тој ги пофали и податоците во областа детски права и образование, лица со попреченост. 

Градоначалникот на Општината Кавадарци, Митко Јанчев ја поздрави соработката со канцеларијата на народниот правобранител и нагласи дека секогаш и редовно одговараат на евентуални претставки од граѓани, изнаоѓајќи решенија за евентуални проблеми. 

Во дискусијата се вклучија и претставници од невлaдиниот сектор. свд/сст/


Фото : МИА 
                       

Остани поврзан