• понеделник, 23 декември 2024

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово 

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово 

Тетово, 17 мај 2024 (МИА) - Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик.

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. ас/дма/


Фото: ОО Сојуз на борци 

Остани поврзан