• сабота, 14 февруари 2026

Одржана литературната манифестација „Вино преточено во љубов“ во Крива Паланка

Одржана литературната манифестација „Вино преточено во љубов“ во Крива Паланка

Крива Паланка, 14 февруари 2026 (МИА) - Стихови за љубовта како вечна инспирација, за виното и вонвременската димензија на стиховите, опеани од младите и повозрасни поети и поетеси од Крива Паланка, беа тема на осмата манифестација „Вино преточено во љубов" што се одржа во библиотеката „Кочо Рацин", како дел од прославата на христијанскиот празник Св.Трифун и католичкиот Ден на вљубените, во организација на НУ Центар за култура Крива Паланка.

Дваесетина творци на лирска поезија читаа стихови, придружувани од звуците на гитарата во изведба на Филип Додевски.

- Во пријатна атмосфера во нашата установа, Центар за култура Крива Паланка, успешно го реализиравме прекрасниот поетски настан „Вино преточено во љубов". Настапија млади поети и членови на Литературниот клуб "Калин", што функционира во рамки на библиотеката, а се слушнаа и стихови од младите средношколци од СОУ „Ѓорче Петров " од нашиот град, кои ги воспеваа љубовта и виното, така што го одржавме континуитетот на манифестацијата и ги израдувавме присутните љубители на пишаниот збор во пресрет на празниците, изјави директорот на Центарот за култура Крива Паланка Сашко Додевски.

Центар за култура Крива Паланка годинава ќе биде носител на повеќе традиционални манифестации и меѓународни фестивали, додека деновиве се очекува да бидат објавени и проектите на НУЦК, поддржани со Годишната програма на Министерството за култура и туризам на Македонија за 2026.ид/лв/

фото: Центар за култура Крива Паланка 

 

 

 

 

Остани поврзан