Општина Крива Паланка дел од регионален проект за енергетска транзиција
- Општина Крива Паланка активно работи на енергетската транзиција како дел од проектот за одржлива и инклузивна енергија во Западен Балкан под мотото "Енергетската транзиција – можност за одржлив развој на општините од Западен Балкан".
Крива Паланка, 14 февруари 2026 (МИА) - Општина Крива Паланка активно работи на енергетската транзиција како дел од проектот за одржлива и инклузивна енергија во Западен Балкан под мотото „Енергетската транзиција – можност за одржлив развој на општините од Западен Балкан". Од службата за комуникација со јавноста информираат дека Општина Крива Паланка заедно со Требиње, Босна и Херцеговина, Скадар, Албанија), Ужице, Србија, Колашин од Црна Гора) и Ѓаковица, Косово учествува во проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка на општините во Западен Балкан“.
-Проектот се спроведува од Германската агенција за енергија (ДЕНА) во име на Германското Сојузно министерство за надворешни работи и има за цел да ги поддржи општините во: зајакнување на локалните капацитети, воспоставување регионална соработка и спроведување инклузивна и одржлива енергетска транзиција.Многу општини во регионот се соочуваат со слични предизвици: раст на трошоците за енергија, застарена инфраструктура, загадување на воздухот и потреба за модернизација на локалните енергетски системи. Транзицијата кон чиста и обновлива енергија овозможува понадежно снабдување со енергија, намалување на трошоците преку енергетска ефикасност и локално произведена енергија, како и развој на децентрализирани и заеднички засновани енергетски решенија, посочуваат од општината.
Оттаму додаваат дека сите овие активности го подобруваат јавното здравје, создаваат нови можности за вработување и го поддржуваат усогласувањето на општините со европските стандарди и финансиски инструменти.
-Инклузивна енергетска транзиција е клуч за правична промена.За да бидат придобивките од енергетската транзиција достапни за сите, процесот мора да биде инклузивен. Вообичаено, одлуките во енергетиката ги носи ограничен број актери, додека младите, постарите лица, жените, руралните домаќинства, малцинските заедници и лицата со попреченост остануваат недоволно вклучени.Вклучувањето на сите групи граѓани овозможува практични решенија што одговараат на локалните потреби, намалување на отпорот кон новите проекти, искористување на локалното знаење и вештини, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка.
Истовремено, велат од општината, заедницата е во центарот на енергетската политика преку партиципативни консултации со граѓаните, соработка со локални организации и институции, активности за информирање и едукација и поддршка на развојот на вештини поврзани со зелената транзиција.
Покрај тоа, во Крива Паланка се спроведуваат конкретни мерки како: инсталација на фотоволтаици на јавни објекти, енергетски фасади на јавни институции, модернизација на јавното осветлување со ЛЕД светилки и воведување на е-управување, со цел придобивките од енергетската трансформација да бидат достапни за сите жители на општината.ид/лв/
фото: Општина Крива Паланка