• четврток, 26 декември 2024

Одобрен заем од 500 милиони евра од Унгарската експорт - импорт банка, следува потпишување договор

Одобрен заем од 500 милиони евра од Унгарската експорт - импорт банка, следува потпишување договор

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Петстотини милиони евра ќе земе државава од Унгарската Експорт импорт банка, како заем што според најавите од Владата ќе биде потрошен за поддршка на инфраструктирни проекти на општините и помош за стопанството, откако Собранието вчера го изгласа  Законот што е услов да се склучи Договорот за задолжувањето. 

Законот, по скратена постапка,  доби гласови на 65 пратеници од владејачкото мнозинство. Опозициската СДСМ, која не учествуваше во расправата во матичната Комисија за финасирање и  буџет, вчера при општиот претрес за законот на пленарната седница обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и оти носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Според владејачката ВМРО-ДПМНЕпостапката е   транспарентна и  однапред се знае за што ќе биде потрошен заемот што е наменет за помош на општините и на стопанството.

Заемот  од Унгарската експорт - импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Предвидено е државава да и плаќа на унгарската Експорт импорт банка провизија за евентуално неповлечени финансиски средства во висина од 0,5 проценти од заемот, на годишно ниво, а како што најави заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски по потпишување на указот од страна на претседателката на државата планираат веднаш да го потпишат договорот и да се плаќаат провизиите по тој основ.  Државава ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од  Унгарската експорт - импорт банка пред повлекување на траншата, која според  власта ќе изнесува 70 илјади евра, а тој износ го оспорува опозициската СДСМ. 

- Од она што го знаеме е дека таа провизија ќе изнесува околу 70 илјади евра и  споредено со еврообврзницата што сме ја издале во 2023 година за ист износ на заем   сме платиле 880  илјади евра, а во 2021 година милион и 200 илјади евра, рече заменик-министерот за финансии при општиот претрес за законот.

СДСМ, пак, критикува, дека државата покрај тоа што  ќе биде должник ќе плаќа и провизии на фирма која нема сама да ја избере.

-Во случајов покрај провизијата од 0,5 проценти добиваме и скриени трошоци за правни услуги, кои во суштина немаат никаква врска  за македонсккте институции. Се појавуваат скриени трошоци за кои многу малку или воопшто не можеме да слушнеме ниту прочитаме. Никаде не стои колку е износот на скриените трошоци кон избраната консултантска куќа, така што измислените 70 илјади евра и можеби  700 илјади, или пак 7 милиони ги знае само Владата, но наскоро ќе видиме во отворени финансии, рече пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи.

Според него, со овој заем се остава постор за политичи манипулации и корупција, а странските заемодавци може да поставуваат услови кои ќе бидат неповолни за нашата држава и ќе влијаат на нашите внатрешни и надворешни политики. 

-Ова е потенцијална замка која може да ја стави државата на патот на политичка подреденост и економска зависност од режими чии интерси не се усогласени со интересите на нашите грашани и со демократските идеали, наведе Битиќи.

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека е смешно да се зборува за тајност за задолжувањето кое што беше најавено уште во предизборниот период.

- Тоа е така затоа што свесни се дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претходни задолжувања, затоа што неговата влада на овој поранешен вицепремиер само од јануари до јуни годинава направија вкупни трошоци за камати во Буџетот од 182 милиони евра, а во истиот период во 2023 година 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра, рече Петрушевски. 

Парите, тврди власта, ќе се инвестираат во општините и граѓаните, а  задолжувањето е со поволни услови, со каматна стапка од 3,25 проценти, три годишен грејс период и 15 години рок на отплата. 

-Овој заем доминатно ќе биде искористен за две цели, за финансирање на инфраструктурни проекти на општините во износ од 250 милиони евра и за финасирање на евтини кредити кон стоанството од 250 милиони евра, рече  Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека  средствата нема да бидат управувани од Владата, туку од општините и стопанството.

Пред  усвојувањето на законот во матичната собраниска комисија СДСМ побара тој да се носи во редовна постапка со дебата со експретската јавност и обвини дека станува збор за корупциски проект.  Наместо претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска, пратеничка од СДСМ, седницата  на Комисијата за законот ја свика претседателот на Собранието. 

-Во услови кога првпат државата се задолжува директно од некоја друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на земените пари, кога не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени за СДСМ е крајно недозволиво да се носи овој закон по скратена постапка, рече на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Заемот го најави премиерот Христијан Мицкоски во јули годинава по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан при учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. 

Текстот на договорот за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, кој треба да го склучи министерот за финансии во името на Владата и Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Текстот  беше усогласен на 3 септември годинава. 

Според најавите, 250 милиони евра од заемот ќе бидат за финансирање на инфраструктурни проекти на општините,  а Повикот  за таа намена заврши минатата недела. Осумдесет општини поднесоа 357 апликативни формулари за финансирање на проекти, а по скратена постапка беа изгласани и измени на Законот за урбанистичко и просторно планирање, со кои, според власта, ќе се олесни постапката за подготовка на инфраструктурни проекти. Останатите 250 милиони евра од заемот наменети за бизнисот треба да бидат достапни од октомври  и според најавите од Владата ќе има контролни механизми како ќе се трошат. лв/нд/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан