• Wednesday, 27 November 2024

Предлог-законот за заемот од Унгарија ќе се гласа на пленарна седница најверојатно во вторник

Предлог-законот за заемот од Унгарија ќе се гласа на пленарна седница најверојатно во вторник

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за финансирање и буџет го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка. Со седницата претседаваше Бојан Стојановски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска не ја закажа седницата. Пратениците на СДСМ не учествуваа во работата на Комисијата. 

Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела. 

Предлог-законот го образложи заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски. Вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Унгарската експорт - импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни
услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ од комисиската говорница, а потоа и од прес - конференција истакна дека пропаднаа сите обиди на СДСМ да спречи капитални проекти во општините ширум Македонија и на поволни средства за инвестиции во приватниот сектор. Според него, СДСМ во текот на денот покажале недржавничко однесување обидувајќи се да спречи изградба на нови градинки, училишта, игралишта катни гаражи и други бројни инфраструктурни проекти. 

Проектот за 250 проекти за општините е одобрен од граѓаните на избори. До утрово, како што кажа, апликации за проекти поднеле 78 општини со 353 проекти меѓу кои и општини предводени од градоначалници на СДСМ Делчево, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и Крушево. 

-СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за задолжување затоа што тоа е партијата која јавниот долг го зголеми на двете милијарди евра и над 60 проценти од БДП. Ваквата аларматна состојба со јавниот долг придонесе за каматната стапка на последната еврообврзница што ја зема двоецот СДСМ - ДУИ во 2023 година да достигне високи 6,25 проценти односно речиси сто проценти повеќе од заемот кој денеска сакаа да го спречат, рече Стојановски.

На собраниската седница зборуваше и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски кој образложи дека во соодетниот рок претседателката на Комисијата за финансирање Сања Лукаревска од СДСМ не сакала да закаже седница за заемот и претседателот на Собранието врз основа на член 126 став 3 од Деловникот го закажал ова заседание. Мицевски ја обвини опозицијата дека сака да ја блокира работата на Собранието. 

СДСМ свој став за неприсуството на седницата најави дека ќе го објави преку соопштение. ев/лв/