• петок, 27 декември 2024

Муцунски: Соработката со Турција е наш значаен приоритет, им стоиме на располагање на претпиемачите за олеснување на реализацијата на деловните планови

Муцунски: Соработката со Турција е наш значаен приоритет, им стоиме на располагање на претпиемачите за олеснување на реализацијата на деловните планови

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) – Денешниов бизнис форум претставува одлична можност за размена на мислења и за согледување на потенцијалите за соработка во областа на дигиталната транзиција, како и во други области од заемен интерес на двете држави, порача министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски на отворањето на Македонско-турскиот бизнис форум што денеска се одржува во Скопје во организација на Стопанската комора и Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК).

Тој ги повика присутните претприемачи повеќе и поуспешно да соработуваат и им порача дека како Влада се нивни партнери и им стојат на располагање за целосна поддршка и олеснување на процесот на реализација на деловните планови и замисли за градење на поперспективна иднина за двете земји и за граѓаните.   

-Соработката со Република Турција е наш значаен приоритет имајќи ги во предвид економските потенцијали кои постојат за натамошно зголемување на надворешно трговската размена и нејзиното балансирање, како и за заеднички настапи на трети пазари и вложувања во инфраструктурни и капитални проекти. Трговската соработка меѓу двете земји се карактеризира со нагорен тренд на развој за што говори и податокот дека обемот на трговска размена достигна една милијарда американски долари во 2022 година. Согласно актуелните трендови се очекува оваа година да почнеме да го надминување овој праг, рече Муцунски.

Тој нагласи дека посакувана цел кон која треба да се работи во иднина е воспоставување на побалансирана надворешно трговска размена меѓу двете земји за намалување на нашиот дефицит.

-Република Турција како и досега останува многу значаен партнер за соработка на полето на инвестициите. Повеќе од 2.000 турски компании го препознаа потенцијалот и ги искористија предностите и придобивките од водењето бизнис во нашата земја, рече Муцунски и додаде дека Владата и понатаму ќе ги поддржува ваквите инвестиции.

Како што посочи, во изминатите неколку години турските туристи во континуитет се рангирани на првото место на странски посетители кај нас, но и голем број македонски туристи ја посетуваат Турција.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека билатералната и трговска соработка меѓу двете земји е одлична, но сепак има простор да се зголеми во наредниот период. Кажа дека турските инвестиции се едни од најбројните во земјава и сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции со околу две милијарди евра. Ги повика турските компании да инвестираат и да ги прошират своите инвестиции, а Владата, како што рече, ќе обезбеди најповолна бизнис клима за работа.

-Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата. Преку отворен и континуиран дијалог со бизнис заедницата сакаме да изградиме партнерски односи кои носат резултати. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите сите компании кои работат во земјава и домашните и странските инвеститори имаат исти услови и можности за добивање поддршка од државата, посочи Дурмиши. 

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески преку видео обраќање рече дека очекува нови турски инвестиции во земјава, заеднички настап на трети пазари и поголемо присуство на македонски фирми на саеми во Турција кои, како што истакна, може да бидат отскочна даска за останатите големи пазари во светот.

-Македонија и Турција секогаш имале одлични односи на економско и политичко ниво. Од економската соработка Македонија добива пазар од над 80 милиони жители па и повеќе, Турција е наш значаен трговски партнер, иако размената не е најдобра и има простор за нејзино зголемување. Најмалку што очекувам е да го задржиме капацитетот на економската соработка на сегашно ниво и со ист интензитет, па и поголем. Тоа е доволна гаранција дека за нашите компании ќе можеме да обезбедиме сигурен пазар, истакна Азески. 

Тамер Киран, заменик претседател на Сојузот на стопански комори - ТОББ истакна дека постојниот договор за слободна трговија и континуираното подобрување на инвестициската клима го прошируваат и продлабочуваат опсегот на билатералните и трговските односи меѓу двете земји.

-Уверени сме дека трговската размена за кратко време ќе надмине една милијарда американски долари. Бројот на турски инвестиции и бројот на наши компании кои работат во Северна Македонија постојано се зголемува, рече Киран и додаде дека турските инвестиции во земјава се доближија до две милијарди долари.

Како Сојуз на стопански комори, додаде, имаме блиска соработка со Стопанската комора и нејзиниот претседател Азески, а уверен сум дека економските односи можеме да ги подигнеме на завидно ниво. вј/аа/

Фото: МИА    

Остани поврзан