Николоски: Во изминатите четири години менаџиравме криза, економијата доаѓа во фокусот
- Економијата беше и останува врвен приоритет за Владата. Очекувањата кои беа споделени и на состаноците со ММФ и Светска банка се декакризата е во најголем дел надмината и може да се фокусираме на економски раст и да ги постигнеме посакуваните стапки на раст, истакна заменик министерот за финансии Филип Николоски, во интервју за Гласот на Америка за време на учеството на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Вашингтон.
Скопје, 20 април 2024 (МИА) - Економијата беше и останува врвен приоритет за Владата. Очекувањата кои беа споделени и на состаноците со ММФ и Светска банка се декакризата е во најголем дел надмината и може да се фокусираме на економски раст и да ги постигнеме посакуваните стапки на раст, истакна заменик министерот за финансии Филип Николоски, во интервју за Гласот на Америка за време на учеството на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Вашингтон.
-Не треба да заборавиме дека во овие четири години менаџиравме криза. Имавме пост-ковид криза, енергетска криза и инфлаторна. Сепак, успеавме да го задржиме стандардот на граѓаните, пораснаа платите, пораснаа пензиите, имаме рекорден раст на просечната плата за овие седум години, посочи Николоски.
Како што рече, главен фокус е задржување на стандардот на граѓаните. Тој напомена дека во 2023 година, Германија имаше негативен раст, од -0,3 проценти.
-Со оглед дека Германија е наш најголем трговски партнер, не можеме да очекуваме дека ние како мала и отворена економија ќе имаме супериорен раст. Кога менаџираш кризи, не можеш да се фокусираш на раст. Сега на состаноците со ММФ и Светската банка, се говори дека во најголем дел, кризата е позади нас и е надмината. Тоа ќе даде еден поттик и во наредните четири години македонската економија да го достигне оној посакуван раст и ќе се движи на ниво меѓу 4 и 5 проценти. Тоа ќе ја забрза економијата и ќе го подобри стандардот на граѓаните, рече заменик-министерот за финансии.
Тој потсети дека деветте пакети антикризни мерки беа директно насочени и кон граѓаните и кон бизнис секторот. Притоа, наведе дека се спроведуваат мерки и политики со кои се зачувува стандардот на граѓаните.
-Од 2017 година, една просечна македонска плата заедно со една минимална плата, секојпат во овие седум години се над нивото на потрошувачката кошничка. Така и сега просечната плата достигна 40.000, минималната плата е 23.000 денари, а потрошувачката кошничка е 60.000 денари. Токму со политиките и мерките што ги прави оваа Влада, се зачувува стандардот на граѓаните, истакна Николоски. бт/нд/
Фото: МИА архива