Несудениот словачки министер за животна средина Хулиак најавува референдуми за излез на Словачка од ЕУ и НАТО
- Кандидатот за словачки министер за животна средина Рудолф Хулиак, чија номинација не ја прифаќа претседателката на државата Зузана Чапутова, најави дека ќе се обиде да иницира референдум за излез на Словачка и од ЕУ и од НАТО.
Брисел, 23 октомври 2023 (МИА) – Кандидатот за словачки министер за животна средина Рудолф Хулиак, чија номинација не ја прифаќа претседателката на државата Зузана Чапутова, најави дека ќе се обиде да иницира референдум за излез на Словачка и од ЕУ и од НАТО.
- Во рамките Словачката национална партија ќе се обидам да иницираат задолжителен референдум за повлекување на Словачка од Северноатлантската алијанса и Европската Унија, изјави Хулиак во гостување во шоу на државната телевизија РТВС.
Именувањето на новата словачка Влада е блокирано поради одбивањето на Чапутова да ја прифати номинацијата на Хулиак, кој за министер за животна средина е предложен од десничарската Словачката национална партија (СНС), една од трите членки на новиот владин кабинет заедно со партиите Насока – Словачка социјална демократија (СМЕР-ССД) на мандатарот Роберт Фицо и Глас - Социјална демократија (ХЛАС-СД) на Петер Пелегрини.
На изјавата на Хулиак за „Словегзит“ и за истапување на Словачка од Алијансата, реагираше Пелегрини кој изјави дека неговата партија ќе инсистира во програмската изјава на новата Влада да биде јасно наведена заложбата за „зацврстување на Словачка во НАТО и ЕУ“.
Тој претходно изјави дека ХЛАС-СД ќе ја напушти владата доколку таа го промени курсот на надворешната политика на земјата.
Дури и СНС се огради од изјавата на Хулиак, нагласувајќи дека тоа не е официјална позиција на партијата и дека тие се залагаат за „реформа на ЕУ“.
Референдуми за излез на Словачка од ЕУ и НАТО беше предизборно ветување на екстремно десничарската партија Република, која за малку не успеа да го мине изборниот праг за влез во Парламентот. Претходните обиди за организирање слични референдуми во Словачка беа неуспешни.
Инаку, Чапутова ја одби номинацијата на Хулиак поради неговите изјави дека не верува во климатските промени и дека тие се измислени за да им се одземат автомобилите на луѓето, потоа поради нарекувањето на поборниците на зелената транзиција во ЕУ - „бриселски еко-терористи“, како и поради изјавите дека еколошките активисти треба да се обесат . Тој, меѓу останатото, има изјавено и дека лично ќе ја посети Русија и „ќе побара прошка“ за досегашната политика на Братислава, често е обвинуван за ширење дезинформации на социјалните мрежи и е познат по нападите врз припадниците на ЛГБТ+ заедницата.
Чапутова изјави дека чека ново име за кандидат за прв човек на Министерството за животна средина, по што сака да ја именува новата влада во полн состав, додека Хулиак најави дека ќе поднесе уставна жалба против претседателката затоа што одбива да го именува на функцијата.
За денеска е предвидена средба на Фицо со раководството на СНС за судбината на Хулиак. Доколку тој успее да ги убеди националистите да предложат нов кандидат за министер за животна средина, Чапутова би можела да ја именува Владата в среда, за кога е најавена и конститутивната седница на новиот словачки Парламент, по што Фицо веќе в четврток би можел да ја претставува земјата на Самитот на ЕУ во Брисел, во својство на словачки премиер. сп/
Фото: МИА Архива