• недела, 22 декември 2024

ОН: Со помош на Иран, Хутите се трансформираа во моќна воена организација

ОН: Со помош на Иран, Хутите се трансформираа во моќна воена организација

Њујорк, 3 ноември 2024 (МИА) - Јеменските бунтовници Хути се трансформираа од локална вооружена група со ограничени способности во моќна воена организација со поддршка на Иран, ирачките вооружени групи, либанските милитанти Хезболах и други, соопштија стручњаците на Обединетите нации во новиот извештај.

Хути ја искористија војната на Израел и Хамас во Газа и работеле на подобрување на својот статус во „Оската на отпорот", за да стекнат популарност во регионот и пошироко, навеле стручњаците кои ги следат санкциите против Хути во извештајот поднесен до Советот за безбедност на ОН.

Во знак на поддршка на Хамас, Хутите напаѓаа бродови во Црвеното море и Аденскиот Залив, попречувајќи го морскиот сообраќај во клучната геополитичка област.

Иако тврдат дека ги гаѓаат бродовите поврзани со Израел поради нападите на Газа, стручњаците навеле дека тие неселективно гаѓаат бродови. Тоа, се додава во извештајот, го зголеми нивното влијание во регионот.

Анализата на податоци од Меѓународната поморска организација, САД и Обединетото Кралство открила дека се извршени најмалку 134 напади од област под контрола на Хутите на трговски и комерцијални пловила и воени бродови на САД и Велика Британија во Црвеното Море и Аденскиот Залив помеѓу 15 ноември 2023 и 31 јули 2024.

„Вакви размери на напади, користејќи системи на вооружување за напади на цивилни пловила, никогаш не се случиле од Втората светска војна", наведува во извештајот.

Петчлениот панел на ОН се состои од стручњаци за оружје, финансии, регионални прашања, меѓународно хуманитарно право и вооружени групи. Стручњаците доаѓаат од Индија, Египет, Швајцарија, Белгија и Зеленортските острови. Доверливи извори на панелот му кажале дека Хутите координираат операции со Ал Каеда на Арапскиот полуостров и ги зајакнуваат врските со милитантната група Ал Шабаб во Сомалија поврзана со Ал Каеда.

Хутите се во граѓанска војна со меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, од 2014 година, кога ја презедоа контролата врз главниот град Сана и поголемиот дел од северот. Надежите за мировни преговори за ставање крај на војната избледеа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година во јужен Израел и последователната одмазничка војна во Газа, која сè уште трае. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан