• недела, 22 декември 2024

На преговорите во Катар, Израел ќе понуди шестнеделно примирје во Појасот Газа во замена за ослободување на 40 заложници, вели израелски извор

На преговорите во Катар, Израел ќе понуди шестнеделно примирје во Појасот Газа во замена за ослободување на 40 заложници, вели израелски извор

Тел Авив, 18 март 2024 (МИА) - Израел денеска ќе испрати делегација на високо ниво во Катар, предводена од директорот на разузнавачката служба Мосад, за да преговара преку посредници со Хамас за обезбедување на шестнеделно примирје во Појасот Газа, при што палестинските милитанти ќе ослободат 40 заложници. изјави израелски официјален претставник, пренесува Тајмс оф Израел.

Преговорите би можеле да траат најмалку две недели, додаде изворот, наведувајќи ги тешкотиите што може да ги имаат странските делегати на Хамас во комуникацијата со групата во опколената енклава по повеќе од пет месеци војна.

Минатата недела Хамас постави своите услови за прекин на огнот во енклавата, кои вклучуваат повлекување на израелските вооружени сили од крајбрежната територија, враќање на раселените Палестинци во местата каде што живееле, размена на палестински затвореници за израелски заложници држeни од Хамас, како и пристап до хуманитарна помош за локалното население.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна ги нарече предлозите за договорот за заложници нереални, но пoсочи дека делегација ќе отпатува во Катар за да разговара за позицијата на Израел за потенцијален договор. ссм/

фото: архива

Остани поврзан