• понеделник, 23 декември 2024

Најавено уште едно продолжение на „Истребувач“

Најавено уште едно продолжение на „Истребувач“

Лос Анџелес, 21 февруари 2024 (МИА) - Серијалот филмови „Истребувач“ (Blade Runner) ќе добие уште едно продолжение, во облик на минисерија. Според наводите, снимањето на третиот дел под наслов „Истребувач 2099“ ќе почне пролетва.

Минисеријата требаше да ја режира Џереми Подесва, кој работеше на „Игра на престолите“ и „Станица 11“, но проблемите со распоредот предизвикани од минатогодишниот штрајк на сценаристите го принудија да му ја предаде режисерската палка на Џонатан ван Тулекен. Во мигов се знае само дека новата приказна е сместена неколку десетлетија по онаа во вториот филм.

Претходниот филм, „Истребувач 2049“ од 2017 година,, во режија на Денис Вилнев, беше продолжение на филмот „Истребувач“ од 1982 г., режиран од Ридли Скот. Приказната го следеше тн. „репликант“ по име К, којшто се обидува да дојде до тајна што може засекогаш да го промени светот на луѓето и репликантите.

Сѐ уште не се соопштува дали Харисон Форд по третпат ќе ја глуми главната улога.

Ридли Скот ќе биде извршен продуцент на претстојната минисерија, а во таа улога ќе му се придружи и Мајкл Гин, кој работеше на вториот дел. Сценарист и извршен продуцент е Силка Луиза. „Истребувач 2099“ ќе биде објавен на стрим-платформата „Амазон прајм видео“. си/рп/

Фото: ИМДБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан