Народна банка: Странските директни инвестиции годинава околу 3,6 проценти од БДП
- -Странските директни инвестиции по значајното забавување во пандемиската 2020 година, кога се сведоа на ниво од околу 1,3 отсто од БДП, покажаа значително опоравување, особено во 2022-ра и 2023-та кога во просек изнесуваа 4,4 проценти од БДП. За оваа година сме поумерени и попретпазливи во проекциите и овие поволни остварувања кои беа евидентни во изминатите две години не ги вградуваме во целост. Нашата проекција за оваа година е околу 3,6 проценти со патека која значи дека на среден рок би достигнале ниво од околу 4 отсто, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции.
Скопје, 13 мај 2024 (МИА) - Народната банка е внимателна во проекциите кога се работи за странските директни инвестиции па засега, за оваа година, предвидува нивното ниво да изнесува околу 3,6 проценти од БДП. На среден рок, според проекциите, овие инвестиции би достигнале околу четири отсто.
Како што истакна денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, засега остварувањата се добри, но, сепак, треба да се следат и да се види која би била патеката во периодот што следи.
-Странските директни инвестиции по значајното забавување во пандемиската 2020 година, кога се сведоа на ниво од околу 1,3 отсто од БДП, покажаа значително опоравување, особено во 2022-ра и 2023-та кога во просек изнесуваа 4,4 проценти од БДП. За оваа година сме поумерени и попретпазливи во проекциите и овие поволни остварувања кои беа евидентни во изминатите две години не ги вградуваме во целост. Нашата проекција за оваа година е околу 3,6 проценти со патека која значи дека на среден рок би достигнале ниво од околу 4 отсто, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции.
Во однос на задолжувањето, гувернерката е децидна дека тоа, освен што треба да биде оправдано, најдобро е да се реализира преку извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови, како што се меѓународните финансиски институции. Но, ако има и други такви извори, и тие, напомена, треба да се земат предвид.
-Во услови кога меѓународните финансиски пазари се се уште затегнати и каматните стапки се се уште високи, клучно е да се задолжуваме кај извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови, а меѓународните финансиски институции вообичаено обезбедуват такви услови. Ако има и други извори кои би обезбедиле такви услови, треба да се земат предвид, истакна Ангеловска-Бежоска. мч/aa/
фото/видео: МИА