Намалени резервите за водоснабдување на Атина – иницијативи на грчкото Министерството за животна средина за справување со проблемот
- Во изминатите две години резервите на вода што ја снабдуваат областа Атика, поширокиот регион на Атина, се намалиле во просек за околу 225 милиони кубни метри годишно поради сушата, а од Претпријатието за водовод и канализација (ЕИДАП) веќе активирале дополнителни извори за водоснабдување за да се избегнат проблеми, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 28 август 2024 (МИА) – Во изминатите две години резервите на вода што ја снабдуваат областа Атика, поширокиот регион на Атина, се намалиле во просек за околу 225 милиони кубни метри годишно поради сушата, а од Претпријатието за водовод и канализација (ЕИДАП) веќе активирале дополнителни извори за водоснабдување за да се избегнат проблеми, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од надлежното Министерство истакнуваат дека „последиците од климатската криза се рефлектираат на силен начин“ и намалувањето на врнежите од дожд и снег во последните две години предизвика намалување на четирите резерви на вода на акумулациите што ја снабдуваат Атика со над 400 милиони кубни метри вода годишно.
- Ако продолжи сушата од изминатите години ќе имаме дефицит од 150 милиони кубни метри годишно и резерва што може да трае околу четири години. Затоа, Министерството за животна средина и енергетика, во тесна соработка со ЕИДАП, веќе имаат изготвено и спроведуваат план и ќе ги одберат најдобрите решенија, што се реални да се имплементираат во следните четири години за да се обезбедат резерви на вода. Овие решенија вклучуваат: намалување на загубите во водоводните мрежи, делумно пренасочување на водата од реките кои завршуваат во езерото Кремастос, вклучување на нови акумулации, употреба на рециклирана вода за наводнување и индустриска употреба, оптимално управување со дождовниците и десалинизација со употреба на зелени енергетски ресурси. Доколку е потребно, подоцна ќе се спроведат акции за штедење, соопштија од надлежното грчко Министерство.
Додадоа дека справувањето со недостигот од вода и спречување на последиците е еден од приоритетите на државата и им препорачаа на граѓаните да учествуваат во „заедничките напори со разумно искористување на водните резерви“.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис рече дека прогнозата за врнежи во наредните години и децении е „клучот за планирање на идното водоснабдување на Атика“ и за таа цел со нови климатски модели многу висока прецизност, веќе се вршат студии, а врз основа на резултатите ќе се одредат следните чекори.
За водоснабдувањето на областа Атика, поширокиот регион на Атина, посочи дека дури и да се исполнат „најекстремните (реални) сценарија“, со проблемот со намалување на врнежите ќе се справат со помош на евтина енергија, преку обновливи извори.
Како што вчера објави МИА, според сателитските податоци и мерења на единицата Метео на Националната опсерваторија во Атина, површината на вештачкото езеро Морнос што е еден од главните извори за водоснабдување на Атина е намалена за 15-20 отсто во однос на просечната вредност од 2010 година. ср/рп/