Навршуваат 50 години од смртта на Џими Хендрикс
- Џими Хендрикс беше познат по своите маестрални импровизации на концертите и, посебно, по специфичната изведба на американската химна „The Star-Spangled Banner“ на познатиот Вудсток фестивал.
Сиетл, 17 септември 2020 (МИА) - Утре навршуваат 50 години од смртта на култниот американски гитарист Џими Хендрикс, чијашто оригинална и невообичаена техника на свирење и денес, по половина век е инспирација за многу музичари.
Роден е 1942 година во Сиетл, Вашингтон, САД. Важи за еден од најталентираните и највлијателни гитаристи во историјата на рок-музиката. Запаметен е по албумите „Are You Experienced?" (1967), „Axis: Bold as Love" (1968) „Electric Ladyland" (1968), „Smash Hits" (1969) и „Band of Gypsys" (1970).
Негови најпознати хитови се „Hey Joe“, „Voodoo Child“, „Little Wing“, „Crosstown Traffic“ и „Purple Haze“, меѓу другите.
Џими Хендрикс беше познат по своите маестрални импровизации на концертите и, посебно, по специфичната изведба на американската химна „The Star-Spangled Banner“ на познатиот Вудсток фестивал. Тој беше еден од првите гитаристи што користеше специјални ефекти, како што се изобличувања на звукот и засилувања со тн. аудио-фидбек.
Леворакиот гитарист почина ненадејно на 18 септември 1970 година во Лондон, на 27-годишна возраст.
Списанието „Ролинг Стоун“ во 2003 година го смести на првото место на листата „100 најголеми гитаристи на сите времиња“.
Музичката куќа Сони неодамна објави преиздавање неговите два албума под наслов „Electric Ladyland, Experience Hendrix". си/