• понеделник, 24 јуни 2024

Младите Европејци се повеќе се определуваат за „Федерална Европа“ 

Младите Европејци се повеќе се определуваат за „Федерална Европа“ 

Брисел, 16 јуни 2024 (МИА) – Паневропската федералистичка социјал-либерална и прогресивна партија Волт на последните Европски избори го зголеми контото на своите гласови за дури петпати, што, според анализите на изборните резултати, првенствено се должи на поддршката од младите гласачи. 

Изборите покажаа тренд дека младите во Западна Европа се повеќе даваат поддршка на партиите кои се залагаат за „Федерална Европа“, односно за трансформација на Европската Унија во „Соединетите европски држави“, концепт на кој се противат десничарските партии. 

Така, партијата Волт во Германија освои еден милион гласови или 2,6 проценти. Но, процентот на младите на возраст од 16 до 24 години кои гласале за оваа партија достигна околу девет отсто од вкупниот број гласови. 

Во Холандија, Волт постигна уште подобар резултат освојувајќи 5,1 проценти од гласовите, на Кипар 2,9 отсто, а во Луксембург 1,04 проценти. Во неколку членки на ЕУ, Волт настапи во коалиција со центристички или зелени партии. Вкупно, Волт во новиот Европски парламент има петмина европратеници, за според од само едниот мандат во претходниот парламентарен состав. 

Подобри резултати постигнаа и другите профедералистички партии. Па така, австриската либералната партија НЕОС освои 10,14 отсто од гласовите, при што процентот на младите на возраст под 29 години што го дадоа гласот за оваа партија изнесува околу 17 отсто.

Аналитичарите посочуваат различни причини за растот на популарноста на федералистичките партии. Некои тоа го припишуваат на разочараноста на гласачите од зелените партии, па решија да дадат поддршка на некоја друга прогресивна партија со нагласена климатска политика, како што е Волт. Други, подемот на Волт го припишуваат на нивната програма во која имаше нагласен дел за положбата на младите.  

Зголемената поддршка за федералистичките партии меѓу младите, не се отслика и меѓу повозрасните гласачи, што се смета за показател на генерацискиот јаз. Всушност оние кои во голем дел решија да гласаат за федералистичките партии се избирачите кои се родени и израснати во Европската Унија во онаа форма во која е препознатлива денес. 

Тие можеби и не се „европски федералисти“ во традиционална смисла на зборот, но сепак  поддржуваат партии кои се залагаат за зајакнати надлежности на Брисел и поголема интеграција на ЕУ. 

Сепак, традиционалните федералисти стравуваат дека подемот на федералистичките партии може да доведе до поларизација и идејата за федерализација на Европа, по примерот на зелената платформа, да прерасне во политичка играчка наместо да претставува јавно добро. 

Генералниот секретар на невладината организација Унијата на Европа - Германија (ЕУД), Кристијан Мус, смета дека „федерализмот нуди позитивна визија за иднината“ за разлика од понудата германската екстремно десничарска Алтернатива за Германија (АФД).  

Според него, ова укажува дека некои млади гласачи избрале да веруваат во иднината на обединета Европа. 

Во сличен контекст размислува и претседателката на Младите европски федералисти, Кристел Савал, која посочува дека во време на дебата за проширувањето на Унијата и промени во основачките договори, на агендата се враќа и прашањето за федерализмот. 

- Резултатите од 9 јуни се ран показател за оно што ќе следи, смета Савал. сп/ 

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан