• вторник, 25 јуни 2024

„Браселс Тајмс“: Сагата за српскиот литиум е знак дека Белград не се откажал од патот кон ЕУ

„Браселс Тајмс“: Сагата за српскиот литиум е знак дека Белград не се откажал од патот кон ЕУ

Брисел, 24 јуни 2024 (МИА) - Планот на Србија за отворање рудник за литиум претставува повеќе од енергетска транзиција бидејќи може да и помогне на земјата да се приближи до членството во ЕУ, пишува „Браселс Тајмс“.

Србија сака да биде еден од најголемите добавувачи на литиум во Европа и го оживува „контроверзниот рударски проект што беше одложен“ за да ги оствари тие амбиции. Истовремено, не може да се занемари влијанието врз нејзината кандидатура за членство во ЕУ, пишува на англиски бриселскиот портал и магазин, пренесе Бета.

По големите протести на еколошките здруженија и граѓаните пред две години, српската влада беше принудена да се откаже од плановите да му дозволи на рударскиот гигант Рио Тинто да продолжи да го развива проектот и дозволите беа повлечени, потсетува бриселскиот портал.

Сега Рио Тинто доби втора шанса - српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела посочи дека ќе даде зелено светло за проектот доколку ЕУ и компанијата можат да дадат одредени гаранции.

Од рударската компанија се бара да докаже дека рудникот ќе има помало влијание врз животната средина, како што тврди, а Брисел да покаже дека ќе има доволно бизнис во синџирот на вредност за извоз на литиум од Србија.

Според медиумот, тоа значи да се покаже дека ќе се инвестира во производство на електрични возила и батерии. „Србија не сака да донесе контроверзна одлука и на крајот сè да биде залудно“.

Брисел е многу заинтересиран и на крајот на 2023 година, Вучиќ потпиша писмо за намери со ЕУ за стратешко партнерство во врска со материјали како што е литиумот. ЕУ, од своја страна, може да укаже на милијардите од производството на батерии и неодамнешната одлука за воведување царини за кинескиот увоз.

Во меѓувреме се слушаат гласови дека српската влада ќе донесе две контроверзни одлуки - да одобри дозволи за ископување и да го забрани извозот на сиров литиум. Ако тоа се случи, тоа ќе биде јасен знак дека Србија не сака компаниите само да ги развиваат своите наоѓалишта на литиум, кои се проценуваат на четири милијарди евра, но и да инвестираат во погони за преработка.

Бриселскиот портал понатаму пишува дека српската сага за литиум може да се гледа и во геополитички контекст бидејќи несомнено покажува дека Белград не се откажал од својот пат кон ЕУ „и покрај бројните назадувања во последно време“. Приказната за литиумот покажува дека Србија се уште е заинтересирана за ЕУ, со оглед на тоа што бара гаранции за синџирот на вредност од ЕУ, а не од Кина, Русија, па дури и од САД.
Белград најверојатно нема да влезе во бизнис со литиум со Кина, односно шансите на Брисел се поголеми бидејќи и потенцијалната награда е поголема, пишува бриселскиот портал.

Рудникот со проценки за производство на 58.000 тони литиум годишно до 2028 година, може да покрие речиси една петтина од побарувачката на литиум за производство на батерии за електрични автомобили во ЕУ.

Ова е голема сума и и дава моќ на Србија во преговорите со ЕУ доколку Брисел навистина сака да постигне напредок во процесот на проширување во наредните години.

Порталот понатаму наведува дека ЕУ претходно му дала одврзана рака на Вучиќ бидејќи често, понекогаш необјасниво, се сметал за некаков гарант за стабилноста во регионот.

„Додадете врвен трговец со литиум во мешавината и позицијата на српскиот претседател ќе изгледа уште посилна. Тоа исто така може да и помогне на неговата нација да се приближи до членството во ЕУ“, се заклучува во написот на „Браселс Тајмс“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан