• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Нема промена во моите ставови за употреба на името на државата

Мицкоски: Нема промена во моите ставови за употреба на името на државата

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека неговиот став за употребата на уставното име е јасна и оти темата со придавката е затворена.

Во интервју за ТВ 24 Мицкоски истакна дека нема промена во неговите ставови, но оти промена е што тој како премиер кажува Македонија, а лицемерие има кај поранешниот премиер кој цело време „пееше Северна“. Премиерот рече дека заклетвата ја дал согласно законите и Уставот. 

-Ни ветуваа дека ќе бидеме членки на  ЕУ, претходно сменивме знаме, менувавме Устав, сменивме име, се продаде лажна кампања за бесплатно здравство кое полошо не било никогаш, супер образование, а полошо не било никогаш. Наместо да добијам поддршка дека некој пркоси, дека не ги понижува граѓаните со придавката, јас сум предмет на напад, од Грција затоа што при колоквијална употреба користам Македонија, а од овие во опозиција кои распродадоа се што можеше да се распродаде, сум се заколнал со придавката, затоа што тие распродадоа се во името на ЕУ, потенцираше Мицкоски.

Во однос на критиките, Мицкоски посочи дека или погрешно го разбираат Преспанскиот договор или погрешно го читаат.

- Подготвен сум и за тоа да спорам и аргументирам.  Нека се навикнат на политичари кои нема да ги гледаат клекнати на колена кои ќе молат и го уништуваат достоинството. Ниту ќе бидам преагресивен да преименувам автопати, аеродроми, споменици да градам, но ќе ме гледате како сечам ленти, како правам реформи.  Не го кршиме договорот, според членот 1 став 3 и тој се повикува на членот 7 став 2 и 3, за жал договорот е потпишан каков што е потпишан и не подразбира дека при колоквијална употреба и секојдневен живот треба да се кажува придавката, изјави премиерот.

На приемот кај претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Владата рече дека не зборувале за заклетвата, на која Мицкоски се заколна под уставното име. 

-Со неа имаме добри и исклучителни односи и таа е додадена вредност во нашата политика. Јас не сум политичар со задни намери, ниту таа. Изборниот законик во делот на заклетвата е таков каков што е, имајќи го предвид Уставот и законите ја дадов заклетвата со придавката. Ќе биде лицемерно ако одам во Вашингтон и пред мене е плочката со придавката и јас да кажам не го користам. Што ќе им кажам на граѓаните, тоа што го гледате, не го гледате или да ја скршам плочката и да излезам од самитот на НАТО? Ќе го слушате премиерот како го користи терминот Македонија, но таков е Уставот и целокупниот систем на комуникација ќе биде се додека ваквиот Устав е на сила. Јас сум трпел политички штети кога сум велел дека Преспанскиот договор е реалност. Нашите поддржувачи и граѓаните кои гласаа за нас точно ја знаеја пораката. Не беше пораката дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го искине Преспанскиот договор и дека ќе го врати името, рече Мицкоски. ев/са/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан