• понеделник, 23 декември 2024

Шефовите на дипломатиите од Западен Балкан на заседание на ФАК во Луксембург 

Шефовите на дипломатиите од Западен Балкан на заседание на ФАК во Луксембург 

Брисел, 24 јуни 2024 (МИА) – Шефовите на дипломатиите на земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска во Луксембург ќе учествуваат на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК), 

Како што соопшти белгиското претседателство со ЕУ, во делот од состанок на ГАК посветен на Западниот Балкан, министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата ќе разменат мислења со нивните колеги од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово. 

Покрај за Западниот Балкан, Советот за надворешни работи ќе расправа и за руската агресија врз Украина, состојбата на Блискиот Исток, случувањата во Грузија и за соработката со земјите од Регион на Големите езера во Африка. 

Заседанието ќе започне со расправа за најновите случувања на теренот во Украина, во чии рамки европските шефови на дипломатии ќе имаат неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Дмитро Кулеба. 

По точката за руската агресија врз Украина, членовите на ГАК ќе дискутираат за ситуацијата на Блискиот Исток во светло на неодамнешните случувања, по што ќе им се приклучат министрите за надворешни работи од земјите од Западниот Балкан на размена на мислења за состојбата во регионот. 

Своето заседание, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе го продолжат со дискусија за неодамнешните случувања во Грузија, поврзани со усвојувањето на законот за „странски агенти“ што предизвика антивладини протести во земјата. 

Заседанието на ГАК ќе заврши со расправа за африканскиот Регион на Големите езера од аспект на Стратегијата на ЕУ усвоена минатата година. 

Со Советот ќе претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања, надворешна трговија и федерални културни институции Хаџа Лабиб. сп/бак/

Фото: Европски совет

Остани поврзан