• недела, 22 декември 2024

Мицотакис: Грција нема да ги открие „оружјата“ што ѝ се на располагање доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика

Мицотакис: Грција нема да ги открие „оружјата“ што ѝ се на располагање доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика

Атина, 12 јули 2024 (МИА) – Грција во овој момент нема да ги открие „оружјата“ што ѝ се на располагање за да одговори на евентуалното инсистирање на раководството на соседната земја на оваа тактика, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Вашингтон по завршувањето на НАТО Самитот и ги повтори позициите на Владата дека е неопходно целосно почитување на Договорот од Преспа и клучна е употребата на уставното име и во внатрешноста на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека имал можност да ги информира неговите колеги за „фактот што премиерот на Северна Македонија избра да не применува клучен член од Договорот во однос на единственото име на соседната земја за севкупна употреба и да ја нарекува својата земја „Република Македонија“ во внатрешноста, нешто што очигледно јасно се забранува со Договорот“.

Паралелно, потенцираше дека за време на состанокот и во присуство на сите лидери на НАТО, Мицкоски „не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на неговата земја“.

-Сметам дека на еден или на друг начин власта на соседната земја ќе сфати дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна. Договорите мора да се почитуваат. Тоа е нешто што го нагласив вчера на пленумот на НАТО и тоа е нешто што мислам дека го разбираат и сите наши сојузници. Ние сакаме Северна Македонија да направи чекори кон европски пристап. Но, за ова предуслов е почитувањето на меѓународното право и почитувањето на договорите што земјата ги има потпишано. Верувам дека на еден или на друг начин, ова е нешто што раководството на Скопје ќе го сфати, рече Мицотакис.

Премиерите на двете земји, иако учествуваа на исти настани на НАТО Самитот во Вашингтон, сепак не остварија билатерална средба, нешто што секако не беше претходно најавено, а портпаролот на грчката Влада на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарјаќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина зошто Мицкоски и Мицотакис не се сретнаа, кусо одговори дека она што знае е дека не се одржа средба и дека не знае нешто повеќе. ср/хс/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан