• четврток, 09 април 2026

Мицкоски: Проектот во Враништа го разбива стереотипот дека политичарите мислат само на себе, а не и на граѓаните

Мицкоски: Проектот во Враништа го разбива стереотипот дека политичарите мислат само на себе, а не и на граѓаните

Скопје, 9 април 2026 (МИА) - По години ветувања денеска почнува реализацијата на проектот за изградба на систем за фекални отпадни води во струшкото село Враништа. Проектот, за кој денеска беше ставен камен темелник, се реализира со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Станува збор за петти проект што се реализира во општина Струга, а во текот на овој месец, според најавите, треба да се реализираат уште три други проекти.

- Поставуваме камен темелник на проект за кој се чекало со години. Проектот е петти што се реализира во Струга, а во текот на овој месец ќе се реализираат уште три, така што вкупната вредност на сите осум проекти е околу девет милиони евра, информираше градоначалникот на Струга, Менди Ќура. 

Премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со градоначалникот Ќура присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот, оцени дека со овој проект и низата други што се реализираат на територија на цела држава се разбива стереотипот од минатото дека сите политичари се исти и гледаат само за себе, а не и за граѓаните. 

- Ценам дека со нашата работа, посветена, фокусирана во рамки на нашите можности и ресурси, тоа што можеме да го направиме, го правиме исклучиво и за интерес на граѓаните. Тоа сум го кажал многу пати во минатото, ќе го повторам и сега, чуда не се возможни, сите оние коишто ветуваат чуда не ја говорат вистината. Ние не сме чудотворци, но ќе дадеме се од себе - да се изразам во спортски жаргон, ќе го оставиме срцето на терен за граѓаните да добијат поквалитетен живот и да го подобриме нивниот живот. Тоа е нашата инспирација и затоа сме посветени максимално, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека со политиките на Владата, Струга станува препознатлива и најави дека оваа општина ќе биде еден од главните приоритети во следните години. 

- Благодарност до граѓаните на Струга кои имаат трпение и коишто веруваат дека оваа Влада може да направи нешто повеќе за нив и нивните семејства, а ние како Влада даваме збор дека ќе сториме се што е во наша моќ да го испорачаме сето она коешто сме го ветувале и нема да застанеме тука, ќе се обидеме и проект повеќе да испорачаме, да го подобриме проектот повеќе на животот на граѓаните на Општина Струга, рече Мицкоски. сс/бак/

Фото: Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан