• вторник, 02 јули 2024

Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

Скопје, 19 мај 2024 (МИА) -  Препознавајќи го значењето на климатските ризици, Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, а со мерките за континуирано јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, се придонесува и кон зголемување на неговата способност да го поддржи преминот кон зелена економија. Континуираното јакнење на солвентноста и ликвидноста на банките, заедно со зајакнување на капацитетот за соодветно управување со климатските ризици, ја дефинираат нивната улога на катализатор на финансиските текови кон зелени и одржливи проекти. Состојбата на „зелени“ кредити одобрени на приватниот сектор во 2023 година е зголемена за 2,8 пати во однос на 2019 година.

Ова го истакнала советничката на гувернерката на Народната банка, Милица Арнаудова – Стојановска, говорејќи за климатските промени и зелените финансии на Марили бизнис форумот, каде напомена дека со промените во начинот на утврдување на задолжителната резерва на банките, Народната банка придонесува за поттикнување на „зеленото“ кредитирање. Преку стратешки пристап и преземање низа мерки, Народната банка, додала, претставува активен чинител кон создавање зелена и одржлива економија.

Како што соопшти денеска Народната банка, Арнаудова – Стојановска нагласила дека растот на овие кредити е речиси во целост движен од корпоративниот сектор, додека учеството на „зелени“ кредити во вкупните кредити на банките на крајот на 2023 година изнесува 4,5 проценти и има тренд на пораст.

-Препознавајќи ги предизвиците од климатските промени на долг рок, централните банки имаат сѐ поголема улога во транзицијата кон зелена и одржлива економија, што е видливо од податоците на Глобалната студија за управување со резерви (Global Sovereign Asset Management Study, 2021) која покажува дека расте процентот на централни банки (35% во 2020 година наспроти 64% во 2021 година), кои се согласуваат дека „зелените“ обврзници треба да бидат дел од портфолиото на девизните резерви, посочила Арнаудова – Стојановска, која додала дека во таа насока „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. 

Народната банка изработила Среднорочен план на активности во доменот на управување со климатските ризици, 2023-2025, донела насоки за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, a неодамна во рамките на активностите за промовирање на зелените финансии објавила и преглед на „зелените“ показатели. Целта, како што велат од Народната банка, е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, што е клучно при изработката на анализите и креирањето на политиките.

-Порастот на климатските ризици поттикнати од технолошките промени, владините политики за климатска неутралност до 2050 година, како и промените во преференциите и кај инвеститорите и кај потрошувачите, наметнаа потреба за проактивно делување на сите чинители во еко-системот. Па така, за корпоративниот сектор особено се важни промените во регулативите поврзани со транзицијата кон јаглерод-неутрална и циркуларна економија, потенцирала Арнаудова–Стојановска истакнувајќи го значењето за усогласување на домашната законска регулатива со соодветните ЕУ регулативи. сст/дма/

Фото: Народна банка

Остани поврзан