Влада: Со закон ќе се регулира специјалната финансиска соработка со Унгарија
- Владата на денешната седница го задолжила Министерството за финансии да изготви Закон со кој ќе се регулира специјалната финансиска соработка со Унгарија за обезбедување на 500 милиони евра. Парите, како што наведуваат од прес-службата на Владата, ќе бидат наменети за капитални проекти во општините и домашното стопанство.
Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Владата на денешната седница го задолжила Министерството за финансии да изготви Закон со кој ќе се регулира специјалната финансиска соработка со Унгарија за обезбедување на 500 милиони евра.
Парите, како што наведуваат од прес-службата на Владата, ќе бидат наменети за капитални проекти во општините и домашното стопанство.
Министерството за транспорт на денешната седница ја информирало Владата дека успеало да постигне согласност со изведувачот на автопатот Кичево - Охрид, Синохидро за да ја повлече арбитражата пред Меѓународниот суд за арбитража во Париз со кој беше оптужено Јавното претпријатие за државни патишта.
-На овој начин се заштедени над 50 милиони евра кои ќе беа потрошени доколку арбитражната постапка продолжеше, стои во соопштението од Владината прес-служба.
Министерството за финансии, пак, се посочува, информирало за одлуката за одземањето на Лиценцата за приредување на игри на среќа во автомат клуб издадена на Друштвото за производство, трговија и услуги „АРЕНА ГАМИНГ“ ДООЕЛ Струмица.
-Даночниот обврзник не ги подмирувал месечните обврски за даночните давачки за целиот период на контролата и не работел во согласност со законот. Воедно констатирано е дека Државна лотарија незаконски доделувала лиценци за приредување на игри на среќа, за што ќе бидат информирани и надлежни истражни институции, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата. вг/цр
Фото: МИА Архива