• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

7 декември 2023 

- Процесот на проширување на ЕУ е некаде меѓу заснован на заслуги и геополитички пристап, што значи дека железната врата на Унијата се отвора накусо во одреден политички моментум и влегуваат оние кои во тој момент се до некаде поподготвени за прием од останатите, истакна денеска во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панелот „Проширувањето на ЕУ: Новата геополитичка неопходност” во рамки на настанот насловен „Самит ЕУ-Западен Балкан“ во организација на бриселската тинк-тенк организација „Пријатели на Европа“. 

Тој потсети дека ваквиот пристап пренесен на Западниот Балкан резултираше со него предолго време оставање на страна, но руската агресија врз Украина ги расчисти настанатите геополитички и стратешки облаци. 

- Малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД,  објави „Тајмс оф Малта“.

Анѓушев, беше назначен за почесен конзул на Малта во Скопје во октомври 2021 година, од страна на Владата на Малта. 

Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во САД, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

- Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

- Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека е поднесен предлог за разрешување на јавен обвинител поради тоа што не постапувал по предмети во законски пропишаните рокови. 

Во соопштението не се наведува за кој јавен обвинител станува збор, освен дека тој е од Основното јавно обвинителство Скопје. 

- Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и разгледување на извештајот на обвинителот-известител, донесе Решение со кое утврди дека обвинителот е одговорен за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство. Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите, се наведува во соопштението.

- Претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски на прес-конференција информира дека од денеска почнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година во матичното тело. Тој соопшти дека вкупно се поднесени 272 амандмани, од кои 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за овој Предлог – буџет поднесе 250 амандмани преку кои сакаме да интервенираме и да поправиме нешто што сеуште може да се поправи. Во досегашната дебата колегите од СДСМ не ја прифаќаат реалноста за состојбите во Македонија. Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа Ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година, рече Стојаноски.

- Подобрување на безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство  во земјава во согласност со европската регулаторна рамка е главната цел на новиот Твининг лајт проект „Поддршка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“ чиј старт официјално беше означен денеска. 

Проектот, кој ќе се спроведува во наредните 10 месеци, е во вредност од 250 илјади евра, финансирани од Европската Унија, а твиниг партнер е Хрватската агенција за цивилно воздухопловство.

Негова специфична цел е да ја поддржи македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) во изработката  и спроведувањето на национална правна рамка за цивилно воздухопловство преку зајакнување на капацитетот за вршење на надзор над безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство.

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува денеска да биде испратена во Турција целокупната потребна документација на екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

- Започната е целосната постапка, доставени се сите материјали до Министерството за правда. Според моите информации и разговор со министерот уште вчера се работи на подготовката и на преведувањето на целосната документација. Очекувам дека денеска таа целосно ќе биде веќе испратена во Турција, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СВР Охрид.  

Спасовски потврди дека Палевски патувал со македонски пасош. 

За Палевски беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол. Тој беше уапсен во Турција и се чека негова екстрадиција. Тој преку Белград и Бугарија пребегна во Турција.

За адвокатот Васко Стојков, со кого Палевски замина во Белград, како што информираше Спасовски, се уште трае распитот, а за возачот кој го превезе Палевски во Турција ќе биде поднесена кривична пријава. 

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека се уште трае распитот на адвокатот Васко Стојков, со кого Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, замина во Белград.

- Адвокатот е задржан на распит којшто се уште трае во рамките на 24-часовното задржување и кога ќе заврши службите ќе одлучат што понатаму, рече Спасовски во Охрид.

Во однос на возачот кој го превезуваше Палевски во Турција и кој беше приведен на влез во земјава на граничен премин кај Дојран, Спасовски рече дека ќе биде поднесена кривилчна пријава.

- Согласно она што го имаме потврдено, службите ме информираа дека ќе се поднесе кривична пријава, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СВР-Охрид.

- Нова лабораториска опрема и резултати од научно истражувачки проекти се презентираат денеска на Фармацевтскиот факултет во Скопје.

Опремата е добиена во рамки на двегодишни проекти за опремување на лаборатории и научни истражувачки центри.

- Станува збор за пет научно истражувачки проекти на Факултетот, а вредноста на набавената опрема изнесува 450 илјади евра, изјави деканот на Факултетот Зоран Стерјев.

На настанот предвидени се обраќања и на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за образование Јетон Шаќири.

-  Верувам дека овој петти состанок на Високиот совет за соработка ќе биде можност за започнување нова ера во односите меѓу Грција и Турција, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, која истакна дека потребно е продлабочување на соработката и избегнување на тензии во билатералните односи, јави дописничката на МИА од Атина.

Турскиот претседател денеска е во Атина за петтиот Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, утрово беше примен од грчката претседателка и ќе се сретна со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис. 

На средбата со Сакеларопулу, Ердоган рече дека целта е обемот на трговската размена, од 5,5 милијарди долари да се зголеми на десет и истакна дека со Грција ќе разговараат за следните чекори во сите области, а министрите ќи стават потребите потписи.

-Верувам дека ќе биде најдобро за иднината и на двете страни да разговараме гледајќи ја чашата половина полна, порача Ердоган.

- Со противењето на Охридскиот договор и неговиот анекс да станат дел од преговарачкото поглавје 35 за влез во ЕУ, Србија ја затвора вратата за членство во Европската унија, изјави поранешниот посредник во техничкиот дијалог меѓу Косово и Србија во 2011-2012, Роберт Купер, јави дописникот на МИА од Белград.

Со ваквиот став, пензионираниот британски дипломат реагираше на тврдењето на српскиот претседател Александар Вучиќ дека вклучувањето на документите договорени од Косово и Србија во првата половина на 2023 година во преговарачката рамка би значело дека ЕУ ја затвора вратата за Србија.

-ЕУ не сака да биде дел од проблемот, туку да го реши. Нејзината мисија е сите членки да имаат некакви, не нормални, туку супернормални односи со своите соседи, кажа Купер за Гласот на Америка.

Поглавјето 35 во пристапните преговори на Србија ги вклучува и односите со соседите, односно регулирањето на односите со Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, потсетува Гласот на Америка.

- Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го поддржа повикот упатен од генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш до Советот за безбедност да се интервенира во војната во Газа.

Тој во објава на платформата Икс (Твитер) апелираше до „членовите на Советот за безбедност на ОН и истомислениците од ЕУ“ да го поддржат повикот на генералниот секретар.

Борел, исто така, ги критикуваше израелските доселеници на окупираниот Западен Брег за уривањето на палестинското училиште изградено со средства на ЕУ, нарекувајќи го тоа „кршење на меѓународното право“ и додавајќи дека „насилството на доселениците врз палестинските заедници мора да престане“.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера го предупреди Советот за безбедност на ОН дека војната меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас во Појасот Газа „може да ги влоши постоечките закани за меѓународниот мир и безбедност“.

Гутереш се повика на ретко користениот член 99 од основачката Повелба на ОН, кој му дозволува „да го насочи вниманието на Советот за безбедност на секое прашање што според него може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.

- Светската организација за заштита на човековите права Амнести интернешенел и невладината организација која ја следи состојбата со човековите права Хјуман Рајтс Воч денеска го осудија убиство на новинарот на Ројтерс и ранувањето на уште шестмина во јужен Либан на 13 октомври.

- Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев потпиша наредба за распишување предвремени претседателски избори во земјата, јави азербејџанската новинска агенција АЗЕРТАЧ.

Според наредбата, изборите ќе се одржат на 7 февруари во согласност со процедурата утврдена во Изборниот законик на Република Азербејџан.

Амнести интернешенел објави дека израелските напади во кои на 13 октомври во јужен Либан загина новинарот на Ројтерс, Исам Абдалах, и беа повредени уште шестмина негови колеги, веројатно е директен напад врз цивили што мора да се истражи како воено злосторство, објави матичната куќа на убиениот новинар. 

Хјуман Рајтс Воч наведе дека двата израелски напади биле „очигледно намерен напад врз цивили и во исто време воено злосторство“. 

- На четвртата републиканска дебата, во рамките на трката за претседателска номинација на партијата, учествуваа гувернерот Рон де Сантис, поранешната амбасадорка на Обединетите нации Ники Хејли, претприемачот Вивек Рамасвами и поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи.

На дебатата и овојпат не учествуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Наместо да биде на настанот, одржан во Тускалоса, Алабама, тој беше на Флорида и собираше средства за неговата кампања. 

- Израелската армија (ИДФ) изутрината соопшти дека нејзините војници напредуваат во копнена офанзива во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, додека воздушните сили извршуваат напади на десетици цели на Хамас.

Како што се наведува, двајца оперативци на Хамас излегле од тунелот и пукале во единицата Дувдеван, која возвратила и го уништила влезот на воениот објект.

Во северниот дел на Газа, ИДФ, во бегалскиот камп Џабалија, ја презеде контролата врз главниот пункт на Хамас во областа, убивајќи неколку оперативци.

Израелската морнарица продолжи да им помага на копнените сили со напади и гранатирање цели на Хамас долж брегот.

Во меѓувреме, во израелскиот град Сдерот и други места во пограничната област се огласија сирени за ракетна тревога.

Остани поврзан