• петок, 24 мај 2024
МИА Флеш

11 април 2024 

- Поголема кличина на недозволени предмети се откриени при претресите што утрово беа извршени во Казнено поправната установа Идризово со цел  обезбедување доказни материјали, информира за МИА директорот на КПУ Идризово - Скопје, Зоран Јовановски.

Тој нагласи дека веќе се завршени претресите.

-Во акција координирана од Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомневања за кривично-правни дејствија, утрово се извршени претреси во КПУ Идризово – Скопје со цел обезбедување доказен материјал, информира претходно ОЈО Скопје. 

- Раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 - 2026 година, очекува Светска банка за Северна Македонија. Како што беше речено на денешната презентација на редовниот Економски извештај за Западен Балкан, ризик е зголемувањето на платите кои не се во согласност со продуктивноста и тоа е нешто што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво. 

Според Светска банка, земјава бележи зголемен буџетски дефицит, а минатата година имала и економски раст најнизок во регионот. Оваа година се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата. 

- Министерството за здравство (МЗ) преку соопштение попладнево информира дека поради дефект на еден од компресорите, во тек на два дена бил одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти. Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар, потенцира Министерството.

- Се работи за дефект на еден од компресорите, поради што многу инструменти зависат од притисок што го генерираат пумпите, затоа во тек на два дена елективниот програм, а не итните случаи беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ, каде што е постигнато усогласување и во тек е усвојување план, како ќе се одвива кохортацијата на пациенти кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ, појаснуваат од МЗ.

- Северна Македонија останува хибриден режим и во најновиот извештај на Фридом Хаус „Нации во транзит“. Фридом Хаус во таа категорија става 11 држави, кои имаат карактеристики на автократија и демократија. Бидејќи не припаѓаат на ниеден од двата блока целосно, нивните институции се ранливи, што во 2023 довело до поголемо назадување отколку напрадување, се вели во извештајот.

- Во Западен Балкан тоа било особено нагласено. Во Србија имало „историско назадување. се вели извештајот, пред се` заради напорите на претседателот Александар Вучиќ за консолидирање на моќта во 2023. Но, Северна Македонија е веднаш зад Србија. Во Северна Македонија има најголем пад во регионот после Србија. Годината беше обележана со политичка поларизација и меѓупартиска борба во владејачката коалиција, како и со опозицијата. Главната опозициска партија, продолжи да игра нагласено опструктивна улога, вели за Гласот на Америка Александра Карпи, која е една од двајцата изработувачи на извештајот.

 - Основање на борд за валидација, составен од домашни и меѓународни експерти, кој ќе врши ветинг на сите проекти и закони за заштита на животната средина и ќе гарантира дека сите закони се одржливи, најави кандидатот за претседател од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Бујар Османи. 

Османи порача дека постои нераскинлива врска меѓу нашата околина и националната безбедност и ги повика сите да ја поддржат зелената агенда којашто ја става на прво место заштитата на животната средина. 

- На сметките на околу 14.300 тутунопрозводители денеска се исплатени субвенциите за реколтата од 2023 година во вредност од близу 1,5 милијарда денари, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Министерот Николовски појасни дека се исплатени субвенциите за договорен и предаден ориентиран ароматичен тутун и според него, ова е најголемата исплата и поддршка на тутунопрозводителите. 

Тој информира дека субвенциите се исплатени на сите оние кои ги исполнуваат условите, без никакви притисоци, списоци, партиски поделби...

- Чесно и рамноправно со едно решение и една исплата во еден ден за сите тутунопрозводители, потенцира Николовски.

 – Грција го надгледува воздушниот простор на Северна Македонија во рамките на „air policing“ мисијата на НАТО и сме многу горди за тоа. Спроведуваме „air policing“ и во други земји што немаат воздушни капацитети, истакна министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас за време на панел дискусијата на Делфи економскиот форум, на прашањето дали Грција или Турција го надгледува воздушниот простор на земјава, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас објасни дека станува збор за пракса во рамките на НАТО што ѝ дава можност и на Турција и на Грција и посочи дека  грчкото воено воздухопловство располага со капацитети и е подготвено да им помогне на земјите кои имаат потреба.

- Белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“, кој се соочи со банкрот, ќе биде преземен од холандската ВДЛ и германскиот „Шмиц Каргобул“, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што јави белгиската државна фламанска телевизија ВРТ, ваквата одлука е донесена на синоќешниот состанок на стечајните управници на „Ван Хол“, на кој биле отфрлени останатите доставени понуди за преземање на компанијата, кој има свој погон и во ТИРЗ „Бунарџик“ кај Скопје. 

Одлуката е донесена откако членот на Управниот одбор на холандскиот производител на автобуси ВДЛ, Ролф-Јан Цвеип се заканил дека неговата компанија ќе ја повлече понудата, доколку до истекот на вчерашниот ден не биде решено кому ќе биде продадена „Ван Хол“. 

- Албанија планира да ја прошири својата воздушна флота со борбени авиони, други беспилотни летала и хеликоптери. Што се однесува до поморската безбедност, планира да набави еден воен брод и друг на средно ниво. На терен ќе има и засилување со оклопни автомобили и системи за противвоздушна одбрана со среден дострел, јави Ора њуз.

Во следните 10 години земјата има за цел да ги модернизира вооружените сили за да одговори на новите безбедносни предизвици.

Според неодамна објавениот долгорочен план за развој на вооружените сили 2024-2033 година, главниот фокус ќе биде ставен на модернизацијата на одбранбените системи против беспилотни летала, противвоздушната одбрана со системи со краток дострел и одбранбените системи со среден дострел.

- Турската полиција заплени 608 килограми кокаин, што е трета по големина заплена на тој вид дрога во историјата на земјата, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Дрогата, главно во течна форма, е запленета во операција спроведена во три провинции, објави Јерликаја на платформата Х.

Запленети се и речиси 830 килограми хемикалии кои се користат за преработка на дрогата.

- Ракетата од тешка класа „Ангара-А5“, чие лансирање беше двапати одложувано, денеска беше успешно лансирана од космодромот „Восточни“.

Лансирањето беше извршено според планот во 12:00 часот по московско време, јавија руските медиуми. По 12 минути и 26 секунди, горната етапа Орион се одвои од третата етапа на ракетата, по што во орбитата ќе лансира пробен товар.

Првото лансирање на оваа ракета од Восточни првично беше закажано за 12:00 часот по московско време на 9 април, но беше откажано две минути пред лансирањето. Причината беше дефект на системот за надополнување на резервоарот за оксидатор на централната единица.

- По синоќешните и утринските руски напади врз украинската цивилна инфраструктура претседателот Володимир Зеленски денеска изјави дека на земјата и е потребна поддршката од западните партнери и дека нејзиното отсуство ќе и даде на Русија „дозвола за глобален терор“.

„Сите наши европски соседи и други партнери ја гледаат критичната потреба на Украина за системи за противвоздушна одбрана“, напиша Зеленски на платформата Х, додавајќи дека „доколку руските ракети и беспилотни летала „Шахед“ продолжат да ја погодуваат, не само Украина, туку и решителноста на нашите сојузници, тоа ќе претставува дозвола за глобален терор“.

- Бројот на украинските момчиња кои бегаат од воената мобилизација се зголеми по најавата дека старосната граница ќе биде намалена од 27 на 25 години, но се зголемија и цените на услугите за спроведување преку западната граница поради зголемената внимателност на Украина, изјави еден шверцер на дезертери за „Скај њуз“.

Шверцерот во интервјуто рече дека цената за спроведување преку западната граница пеш е 6.000 долари, но дека бегалците добиваат попуст од 2.000 долари доколку се спремни да препливаат преку една од многуте реки што ја делат Украина со соседните земји. Се уште не се случило некој да се удави додека ја препливал реката, но само неколку добиле хипотермија, вели шверцерот и дека има опрема за дезертери кои не знаат да пливаат.

- Полскиот парламент попладнево треба да расправа за либерализацијата на законот за абортус, еден од најстрогите во Европската унија.

За време на неговата изборна кампања, премиерот Доналд Туск вети дека ќе ги зајакне правата на жените и ќе го олесни пристапот до абортус. Сепак, во централно-левичарската коалиција на Туск има несогласување околу степенот до кој законот за абортус треба да се либерализира.

Во 2020 година, Уставниот суд дополнително го заостри полскиот строг закон за абортус под тогашната влада на конзервативната националистичка партија Право и правда (ПиС).

- Во ЕУ денеска стапи во сила Законот за интероперабилна Европа, кој има за цел да ја олесни прекуграничната размена на податоци, да ја забрза дигиталната трансформација на јавниот сектор и да овозможи подобар пристап до јавните услуги за граѓаните и бизнисите во Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел. Законската регулатива е од суштинско значење за постигнување на целите утврдени со програмата „Дигитална декада на ЕУ“, која предвидува сите клучните јавни услуги во Унијата да бидат достапни онлајн до 2030 година и треба да овозможи функционален единствен дигитален пазар и поефективна имплементација на дигиталните карактеристики на јавните политики, од правдата, преку здравството, па до транспорт. 

- Виетнамската милијардерка инвеститорка Труонг Ми Лан денеска е осудена на смрт пред судот во градот Хо Ши Мин во јужен Виетнам поради банкарска измама вредна повеќе милијарди долари во најспектакуларното судење во историјата на Виетнам, објави државниот медиум „Тан Ниен“.

Труонг Мај Лан (67), која има кинеско потекло, е осудена за грабеж на една од најголемите виетнамски банки, Комерцијалната банка Сајгон, во износ од 44 милијарди долари во период од 11 години, а таа ги негира обвиненијата, објави Би-Би-Си. 

- Воената хунта во Мали денеска ги забрани сите политички активности до понатамошно известување, објаснувајќи дека сака да го заштити јавниот ред и мир.

Денешната одлука доаѓа по минатогодишната одлука за одложување на изборите на неодредено време.

Портпаролот на воената хунта, Абдулаје Маига, ја прочита изјавата во телевизиско обраќање за време на прославата на Рамазан Бајрам во оваа западноафриканска земја.

 

Остани поврзан