• четврток, 21 ноември 2024
МИА Флеш

19 ноември 2024

Белград - Српската Влада соопшти дека Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи од 22 до 24 ноември 2024 година на Белградскиот саем, јави дописникот на МИА од Белград.

-За време на тридневниот саем Винска визија, Белград ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија, Швајцарија, Тунис, Уганда, Обединетото Кралство и други. На овој начин Белград ќе биде во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното и гастрономијата, се наведува во сооопштението на Владата.

Скопје – Законите за градба и за урбанистичко планирање треба да претрпат темелни реформи, бидејќи не го пратат чекорот со времето, оцени денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Овие закони треба да се сменат. Во рамки на Министерството работиме на тоа и кога ќе имаме драфт верзии ќе го поканиме граѓанскиот сектор да се вклучи. Сметам дека јавноста треба да ги следи измените онака како што се напишани, а не онака како што некој ќе ги толкува, затоа што времето покажува дека или се прави тоа од незнаење или од други агенди кои не се поврзани со добробит на граѓаните, рече Николоски во одговор на новинарско прашање на денешниот настан со кој ССК одбележува 20 години од постоењето.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за негова идна заменичка, објави првиот човек на Северноатлантската алијанса.

- Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја презема оваа витална улога, наведува Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.

Скопје - Зголемување од 10 отсто на паричната маса наменета за покачување на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар - Скопје и Владата.

Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува крајот на оваа или почетокот на следната недела конечно да бидат прецизираат условите во однос на каматите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, и парите да бидат ставени во функција.

-Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има Министерството за финансии поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка, гуверенката.  Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, да се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најнински услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање кога ќе биде средбата со банкарите оваа недела и дали Владата размислува да ги покрие трошоците за каматите за кредитниот ризик за банките за да добијат фирмите поволни кредити.

Штип - Едносменската настава за учениците во Гимназијата  „Славчо Стојменски“ во Штип се одвива без никакви проблеми, а за подобрување на условите во ова училиште веќе се планираат и дополнителни инвестиции, односно реконструкција за да се подобрат условите за настава на учениците и наставниците, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на СОУ „Славчо Стојменски“- Штип.

Таа посочи дека Штип е образовен центар, но и често е во посета на штипските училишта, бидејќи градоначалникот Јорданов покажува проактивност во сферата на образованието, како и директорите на училиштата, кои многу сериозно го имаат сфатено процесот на промени во образованието.

Скопје - Во пресрет на Светскиот ден на детето – 20 Ноември, Народниот правобранител (НП) денеска ја најави претстојната кампања за подигнување на свеста за промовирање на правата на децата и нивна заштита од насилство, вклучително и од врсничкото. Дел од кампањата е и видеото „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!" во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото" финансиран од Европската Унија.

Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, изјави дека оваа година имаат триесетина претставки за врсничко насилство, дека состојбата секоја година се влошува и оти најзастапено е кај ученици во основните училишта, дури, рече, и кај деца од второ и трето одделение, а помалку го има во средните училишта. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека неговиот став за зделката со „Бехтел и Енка“ во врска со Коридорот 8 не е променет, но како одговорен политичар нема да дозволи да се оди чекор назад од тоа што е почнато. 

-Мојот став поврзан со тој Коридор и со таа зделка не е променет. Јас до ден денеска истото го кажувам. Но, како одговорен политичар нема да дозволам да одам чекор назад тоа што е веќе почнато, бидејќи на тој начин покрај 350 милиони евра коишто веќе се платени од страна на претходната влада како аванс, а не е ништо направено. Имајќи го во предвид тој криминален и антидржавен договор ќе завршиме на арбитража која што сигурно ќе ја изгубиме и така ќе платиме уште нови 350 милиони најмалку долари и ќе дојдеме до цифра помеѓу 700 и една милијарда, а нема да добиеме ниту еден километар автопат, изјави Мицкоски.

Скопје - Зголемување на соработката, размена на искуства за европската интеграција, поддршка на граѓанското општество, прашања поврзани со јакнењето на демократијата и владеењето на правото. Овие теми беа во фокусот на разговорите меѓу заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков со претставници на Фондацијата за граѓанска Унгарија, која е партиска фондација на унгарската владејачка партија Фидес.

На состанокот, како што соопшти Министерството за европски прашања, Трајков истакнала дека нашата земја е целосно посветена на реформските процеси неопходни за напредокот кон Европската Унија, нагласувајќи дека партнерствата со организации како Фондацијата за граѓанска Унгарија можат да дадат значителен придонес во споделувањето добри практики и поддршка на граѓанските иницијативи кои го поттикнуваат демократскиот развој на земјата. 

Брисел - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.

Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1.000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100.000.

Осло - Норвешката полиција денеска соопшти дека 27-годишниот син на норвешката принцеза Мете-Марит е уапсен поради сомневање за силување.

Во соопштението на полицијата се наведува дека Мариус Борг Хојби, кој е син на принцезата од нејзина врска пред таа во 2001 година да се омажи за престолонаследникот Хакон во 2001 година, бил уапсен синоќа.

Киев - Украинските сили го одбележаа 1.000-от ден од војната во Украина, со изведување на првиот напад на руска територија со американските ракети со долг дострел, соопштија утрово украинските воени претставници.

Голема експлозија го осветли ноќеска небото на околу 124 километри од најблиската украинска граница, во складиште за муниција во Карачев, во рускиот Брјански регион.

Тбилиси - Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили денеска официјално побара од Уставниот суд да ги поништи резултатите од парламентарните избори на кои победи владејачката партија, а кои опозицијата ги смета за наместени, изјави нејзината адвокатка.

„Претседателлата поднесе жалба до Уставниот суд и побара да се поништат резултатите од парламентарните избори на 26 октомври, поради општото кршење на универзалноста и тајноста на гласањето“, рече Ека Беселија, која пред судот ја застапува прозападната претседателка.

Женева - Повеќе од 200 деца се убиени, а 1.100 се повредени во Либан во последните два месеци, изјави денеска портпаролот на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), Џејмс Елдер.

„Бројот од над 200 (убиени деца) е (евидентиран) само во последните два месеци. Најмалку 231 (дете) се (убиени) од почетокот на војната минатата година“, рече Елдер на прес-конференција во Женева како одговор на новинарско прашање за жртвите.

Тбилиси - Полицијата во Тбилиси рано утринава растури шаторски камп што демонстрантите го поставија на главната улица во знак на протест поради резултатите од парламентарните избори минатиот месец и бараат ново гласање.

По изборите одржани на 26 октомври партијата Грузиски сон остана на власт, но противниците тврдат дека гласањето било наместено. Таа партија блиска до Русија на тој начин обезбеди четврти мандат на власт.

Вашингтон - Сојузниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп остро ја критикуваа одлуката на претседателот Џо Бајден да и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади во Русија, обвинувајќи го за сериозна ескалација.

Бајден, кому му остануваат уште два месеца од мандатот, значително ја промени политиката на земјата попуштајќи пред долгогодишното барање на Украина, која речиси три години се бори против руската инвазија.

Порт-о-Пренс - Повеќе од 20.000 луѓе ги напуштија своите домови на Хаити поради зголеменото насилство од бандите, соопшти Меѓународната организација за миграција.

Бранот раселување, најголем од август 2023 година, доаѓа откако вооружените банди, кои се здружија, го зацврстија своето влијание во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, додека националната полиција е преоптоварена и недоволно опремена, се вели во соопштението.

Брисел – Украина може да биде сигурна дека европската и западната поддршка ќе продолжат со 50 милијарди евра од ЕУ до 2027 година и уште 50 милијарди долари од земјите од Г7 и од Унијата до 2026 година, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во изјава по повод 1000 дена од почетокот на руската агресија врз Украина. 

Пред 1000 дена Русија се обиде да ја избрише Украина од мапата. По 1000 дена Русија не успеа во тоа поради отпорот на Украина и жртвата на Вашите херои. Денеска е ден на жалост, но и ден на ветување. Ветуваме дека ќе останеме покрај вас, онолку долго колку што е потребно, истакна Фон дер Лајен во видео пораката по повод „1000 дена украински отпор“.

Загреб - Опозициските пратеници во хрватскиот Сабор денеска остро го критикуваа премиерот Андреј Пленковиќ поради корупциската афера „Берош-Петрач“ и го сметаат за „шеф на широката корупциска мрежа на ХДЗ“.

Апсењето на министерот за здравство Вили Берош и корупциската афера „Берош - Петрач“ денеска се главни теми во салата и ходниците на Саборот.

Виена - Друштвото за австриско-руско пријателство ДАРД се распушта, објавија денеска австриските медиуми.

Долги години, виенското здружение е дом на водечки личности од политиката и бизнисот. Репутацијата на здружението, кое е блиско до Кремљ, и шпионските откритија за нејзиниот поранешен член и учесник во измамата „Вајркард“, Јан Марсалек, веројатно ја наметнаа оваа одлука, пренесуваат медиумите.

 

Остани поврзан