МИА Флеш
- 30 октомври 2024
30 октомври 2024
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, што треба да биде објавен денеска, да биде сличен како и претходниот извештај со одредени подобрувања во некои области.
Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Ѓорче Петров, премиерот рече дека ќе даде свое мислење за извештајот откако тој ќе биде објавен.
Скопје – Доставување на Предлог уставни измени до Собранието пред да биде формирана влада во Бугарија, според премиерот Христијан Мицкоски, „би било наивно“ и „таков унилатерален потег би значел целосно загрозување, и на така загрозените евроинтеграции на државата поради авантурите на претходната влада“. За можноста да се изгради натпартиски став за уставните измени со одложено дејство, Мицкоски, повтори дека во својот говор на 23 Октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“, додека за можноста ЛДП да влезе во владината коалиција, рече дека за тоа не е разговарано ниту во рамки на коалицијата, ниту во рамки на партијата, но дека „секоја поддршка од пратеник што ги поддржува политиките на оваа Влада е добредојдена во рамки на гласањето во Парламентот“.
Во однос на Бугарија, Мицкоски нагласи дека треба „да добиеме било каков сигнал за да почнеме да одиме напред“ и дека „сигурно нема да влеземе во било каква авантура, инаку ние можевме тоа многу порано да го направиме ако бевме почетници во оваа работа“.
Брисел - Северна Македонија преставува добар пример за изградба на мултиетничко општество, но земјата мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени.
Ова се едни од главните пораки содржани во Предлог-извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ од „Пакетот за проширување“ на Европската комисија, што официјално треба да биде усвоен денеска и објавен попладнево.
Скопје - Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски има сертификат за државна тајна, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за изградба на нова градинка во Општина Ѓорче Петров.
Прашан за тоа што ќе направи Владата во однос на отворениот предмет на Државната комисија за спречување корупција за именувањето на Христовски за директор на АНБ, премиерот рече дека ќе го чекаат мислењето на Комисијата.
Скопје - Пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција во законодавниот дом соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.
Според Петровска, именувањето на директор на АНБ е под сомнителни околности и сомнителен серификат за познавање на англиски јазик. Со именувањето на Христовски за директор на Агенцијата, таа вели се руши угледот во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница.
Мадрид - Шпанскиот крал Фелипе Шести денеска вети целосна потребна поддршка на роднините на жртвите од поплавите што го опустошија југоисточниот дел на Шпанија.
-Уништени сме од најновите вести за поплавите, напиша шпанскиот кралски двор во објава на социјалната мрежа Х.
Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека во САД се приведени и испитувани руски новинари, кои требало да известуваат за претстојните претседателски избори.
Таа додаде дека визата на снимателот на весникот „Известија“ е поништена поради административни причини.
Тбилиси - Грузиското обвинителство денеска соопшти дека отвори истрага за наводното фалсификување на парламентарните избори и ја покани претседателката Саломе Зурабишвили утре детално да ги претстави нејзините обвинувања за изборна измама.
Проевропската опозиција ја обвинува владејачката партија Грузиски сон за измама и изборна кражба, а Брисел и Вашингтон побараа од Тбилиси да отвори истрага за наводите за нерегуларности.
Брисел - Кандидатот за нов еврокомесар за внатрешни работи и миграција, Австриецот Магнус Брунер најави дека би го поддржал евентуалниот предлог за тројно зголемување на постојаниот состав на европската Агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) на 30.000 припадници.
Ваквата најава Брунер ја даде во писмен одговор на прашање на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент (ЛИБЕ), пред кој ќе биде сослушуван следната недела.
Лондон - Тинејџерот обвинет за напад со нож врз три девојчиња на курс по танц во Англија посветен на Тејлор Свифт е обвинет за производство на смртоносниот отров рицин и за терористичко дело поради поседување прирачник за обука на џихадисти, соопшти полицијата.
Осумнаесетгодишниот Аксел Рудакубана, обвинет за убиство на три мали девојчиња и ранување на уште 10 лица на 29 јули, произвел рицин, кој бил пронајден при претрес на неговиот дом, соопшти полицијата во Мерсисејд. Бил пронајден и компјутерски документ со прирачник за обука на „Ал Каеда“, насловен: „Воени проучувања на џихадот против тирани“.
Бејрут - Израел изврши воздушен напад врз клучен пат меѓу либанската престолнина Бејрут и главниот град на Сирија - Дамаск, уништувајќи минибус полн со муниција, при што загина возачот, соопштија извори од либанската служба за безбедност, пренесува БТА.
Изворите потврдија дека минибусот, погоден на патот помеѓу Бејрут и Дамаск, бил полн со оружје, а по нападот патот е затворен за сообраќај. Во меѓувреме, израелската војска повика на евакуација на населението во градот Баалбек во источен Либан.
Вашингтон - Барбара Пирс Буш, ќерка на поранешниот претседател на САД, републиканецот Џорџ Буш помладиот, ја поддржа кампањата на демократската кандидатка Камала Харис.
Минатата недела таа учествувала во мобилизација на гласачи во сојузната држава Пенсилванија, објави списанието „Пипл“. Барбара Буш изјави дека очекува Харис да донесе напредок за земјата и да ги заштити правата на жените.
Пекинг - Доколку Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, тој би можел да го „отфрли“ Тајван бидејќи политиката на Соединетите Држави отсекогаш била „Америка на прво место“, изјави денеска портпаролката на кинеската канцеларија за прашања на Тајван, Жу Фенглианг.
За време на неговата кампања, републиканскиот кандидат даде неколку коментари велејќи дека барателот на заштита од Кина, Тајван, треба да плати за тоа. Тој, исто така, го обвини островот за кражба на американскиот бизнис со полупроводници.
Женева - Лекари без граници им се придружи на голем број хуманитарни организации во осудата на одлуката на израелскиот Парламент да усвои закон со кој се забранува работата на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) во Израел.
- Забраната ќе има катастрофални последици по хуманитарната ситуација во Газа и во Западен Брег, каде милиони луѓе се потпираат на УНРВА за основна помош, се наведува во соопштението на организацијата.