• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

29 октомври 2024 

Скопје - Катерина Димитровска од Изборната единица 1 од листата за пратеници на Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде новата пратеничка во Собранието. 

Претпладнево на седница на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, претседателот на ДИК Борис Кондарко ги извести членовите дека Димитровска го прифатила мандатот. 

Димитровска доаѓа на местото на Марија Митева, која поднесе оставка на пратеничката функција и стана портпаролка на Владата. 

Скопје - Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите низ формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба.

Ова го истакна министерката за образование и наука на дебатата со наслов „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците кои ги носи вештачката интелигенција?“, организирана во рамки на 19та годишна конференција на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, што денес и утре се одржува во Скопје.

-Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето, рече Јаневска, посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција која е во согласност со етичките и моралните начела и норми.

Говорејќи за дигитализацијата на образованието, министерката рече дека тоа е отпочнат процес во кој државата е поназад од земјите од ЕУ, а понапред во споредба со земјите во регионот. Посочи дека министерството е фокусирано на два аспекти – дигитализација на наставата и дигитализација на образовните услуги.

Скопје - Министерството за образование на Полска организира два вебинара на кои се поканети и наставници, едукатори, службеници и образовни експерти од земјите од Западен Балкан.

Како што известува МОН, вебинарите се организираат во контекст на претседателството на Полска со Вишеградската група (В4).

-Првиот вебинар за размена на добри практики за обезбедување квалитетно образование за сите ученици со мигрантско потекло, особено за децата бегалци од Украина, ќе се одржи на 19 ноември 2024 година, од 15 до 18 часот. Вториот вебинар овозможува дискусија за предизвиците на технолошката трансформација на училишното образование и ќе се одржи на 28 јануари 2025 година  во период од 15 до 18 часот. Вебинарите ќе се одвиваат на англиски јазик, а учеството е бесплатно, наведува МОН во објавата. 

Скопје - Министерот за правда Игор Филков во Будва остварил средба со унгарскиот министер за правда, Бенце Тузсон.

- Нашите односи со Унгарија се пријателски, а земјата ни е значаен поддржувач во процесот на пристапување кон Европската унија, напиша на неговиот фејсбук профил министерот Филков.

Тој објави дека со задоволство ја прифатил поканата од министерот Тузсон и ќе присуствува на меѓународната конференција „Правна конкурентност - инструменти на правото за поконкурентна Европа“, што ќе се одржи во Будимпешта на 11 и 12 ноември. 

Скопје - Предизвиците со кои се соочува современото семејство се комплексни и бараат холистички приста, истакнал заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во своето обраќање на Меѓународната конференција на тема: „Предизвиците на современите семејства “, организирана од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј.

Во своето обраќање, заменик министерот Велковски ја истакнал потребата од проактивен пристап во третманот на семејството. Тој посочил дека Владата покажува силна политичка волја за решавање на прашањата поврзани со семејството, демографијата и младите, особено во контекст на миграцијата, глобализацијата и социјалните промени.

Велковски нагласил дека економската нестабилност, зголемените животни трошоци и нестабилните услови на пазарот на трудот се само дел од предизвиците со кои се соочуваат современите семејства.

Струмица - Намерата не е да излезам од ЗЕЛС затоа што сакам да сум надвор од ЗЕЛС, намерата е да го вклучиме алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите со што не се соочува само градоначалникот на Струмица или „Комуналец“, се соочуваат 53 илјади граѓани, таков проблем имавме и во Гостивар, во еден период во државата околу 150 илјади луѓе беа оставени без питка вода. Требаше Костадинов да излезе од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не. Мора да градиме одговорен пристап кон граѓаните и кон институциите.

Ова денеска го одговори градоначалникот Костадин Костадинов на новинарско прашање за неговиот став за излегувањето на Струмица од ЗЕЛС.

Тој истакна дека не сака да излезе од ЗЕЛС, бидејќи ЗЕЛС е заедница која треба да се грижи за интересот на сите општини, која треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и треба неселективно, како што впрочемм посопчи, вчера биле изјавите од потпретседателите на ЗЕЛС, кои тој ги почитува почитувам и охрабрува во тој дух да се градат односите.

Тетово - Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами за писмата кои Али Ахмети ги праќа до премиерот и до странски политичари оцени дека не се во интерес на граѓаните.  Касами му порача на Ахмети да работи на реформи во неговата партија ДУИ.

- За жал Али Ахмети не работеше во интерес на граѓаните ниту кога беше во власта, ниту сега кога е во опозиција. Тој место да работи во реформирање на неговата партијата и да се спреми за следните избори, како што имаше доволно време кога беше дел од власта, за да се занимава со работи кои не беа негови, наместо да работи за граѓаните и сега во опозиција наместо да се занимава со работи кои се својствени за опозициона партија, тој има време за жал да пишува писма.Во време кога тој пишува писма ние реализираме проекти во интерес на граѓаните и на локално и на централно ниво, истакна Биљал Касами од Тетово.

Според лидерот на Движење Беса, статусот на Албанците не е загрозен, како што вели Ахмети во писмата.

Атина – Германските репарации и окупаторскиот заем се цврсти национални барања на Грција, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, меѓутоа не откри дали оваа тема ќе се најде на утрешната средба на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, јави дописничката на МИА од Атина.

- Не ја знам агендата на средбата, но факт е дека прашањата за германските репарации и окупаторскиот заем во целина се цврсти национални барања и цврсти грчки барања, неотуѓиви барања на грчката држава, од кои никогаш не се откажавме и е нешто што сакаме да го ставиме јасно на знаење и дека ќе продолжиме да го покренуваме на соодветен начин, рече Маринакис.

Претседателот на Германија од денеска е во тридневна официјална посета на Грција, што ја започна во Солун, а утре во Атина ќе биде примен од грчката претседателка и ќе се сретне со грчкиот премиер.

Сараево - Мозочниот удар и натаму е една од главните причини за траен хендикеп и смрт кај возрасните. Брзата медицинска реакција е клучна за намалување на последиците од мозочниот удар, како што потсетува и Светскиот ден на борба против мозочниот удар, кој се одбележува секоја година на 29 октомври, од кога беше воспоставен во 2004 година.

Во светот, годишно 12 милиони луѓе доживуваат мозочен удар. Со ова зголемување на бројот мозочни удари, главниот град на Австрија, на пример, развива нови иновативни пристапи за лекување. Имено, Виена има околу два милиони жители, а просечната возраст на погодените од мозочен удар е околу 65 години. Во овој град годишно се згрижуваат околу 4.000 пациенти со мозочен удар, што е четвртина од вкупниот број пациенти во Австрија.

Виенската здравствена асоцијација (ВИГЕВ) развива нов систем. Тој е изграден на три основни пристапи: Прием во специјалната единица, системска тромболиза - третман со употреба на посебни лекови за згрутчување на крвта (тромб) што го блокира крвниот сад во мозокот, и - за одредени пациенти, минимално инвазивна хируршка процедура со церебрална тромбектомија.

Тирана - Албанската влада за следната година планира историски највисок буџет, проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година.

Со Нацрт-буџетот се предвидува да се продолжи со финансирање, во значителен обем, на јавни инвестиции во просек од 6,1 отсто од Бруто домашниот производ, кои ќе бидат насочени кон финансирање на проекти од стратешко значење и поврзани со планот за раст на ЕУ.

-Планираните расходи се однесуваат на дигитализацијата, транспортот, националната безбедност, здравството, образованието и земјоделството и руралниот развој. Буџетските приходи за 2025 година се предвидени на 7,5 милијарди евра или 28,8 отсто од БДП. Владата предвидува задолжување на странскиот пазар со еврообврзница во износ од 600 милиони евра, објавија албанските медиуми.

Букурешт - Над 67 проценти од Романците би сакале идниот претседател на земјата да биде прозападен кандидат, додека 17,1 проценти се со спротивното мислење. Околу 3,9 проценти наведуваат дека тој аспект нема значење, а 11,5 проценти не знаат или не одговориле, покажуваат податоците од најновото истражување на социолошката агенција ИНСКОП (INSCOP).

Од испитаниците, 70,6 проценти би претпочитале некој со искуство, додека 24,5 проценти посакуваат некој помлад. За 3,7 проценти тоа нема значење, а 1,2 проценти не знаат или не одговориле.

Мнозинството од 44,5 проценти од учесниците преферираат иден претседател кој не е поврзан со партии, додека 41,9 проценти се на спротивното мислење. Други 7,1 проценти наведуваат дека овој аспект нема значење, а 6,5 проценти не знаат или не одговориле.

„Поголемиот дел од Романците изјавуваат дека би сакале прозападен и искусен претседател. Во поглед на односите со политичките партии, Романците се поделени на два речиси еднакви табора,“ коментира директорот на ИНСКОП Ремус Штефуријак.

Брисел - Европската комисија на утрешното заседание на Колеџот на комесари треба да го усвои Пакетот на извештаи за 2024 година за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ. 

Како што информира денеска портпаролот на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер, Пакетот ќе вклучува извештаи за напредокот на 10-те земји опфатени со процесот на проширување, вклучително и Северна Македонија. 

По усвојувањето на пакетот, тој ќе биде официјално презентиран од страна на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. 

Вилнус – Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда денеска го повика НАТО да одговори на помошта од Северна Кореја во руската војна против Украина и да му обезбеди на Киев сè што му е потребно за да победи. Вклучувајќи и дозвола за напади со западно оружје врз територијата на Русија.

- НАТО треба да одговори со обезбедување на Украина со сè што и е потребно за победа: ракети со долг дострел, дозвола за напад на воени објекти во Русија, зголемување на воената помош, напиша Наузеда на платформата Икс.

Според него, „неодлучноста води кон ескалација, а не обратно“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте вчера го потврди присуството на севернокорејски трупи во Русија и нивното распоредување во регионот Курск за учество во војната против Украина.

Мадрид - Врховниот суд на Шпанија донесе значајна одлука со која ја укина забраната за рекламирање игри на среќа преку телевизија и интернет, што претставува значителен пресврт за индустријата. Судот заклучи дека ваквата забрана нема уставна или правна основа, што ќе има далекусежни последици не само за Шпанија, туку и за членките на ЕУ, како и за земјите кандидати за членство.

Меѓу укинатите ограничувања е и забраната за појавување на познати личности во ТВ реклами, која беше оценета како повреда на слободата на говорот. Пресудата јасно укажува на потребата од усогласување на законските прописи кои балансираат помеѓу слободата на деловното работење и заштитата на потрошувачите, без прибегнување кон прекумерни забрани.

Оваа одлука претставува пресвртница за индустријата за игри и маркетинг во дигиталната ера, испраќајќи силна порака за важноста на пропорционалноста во регулирањето на деловните активности.

Рејкјавик  – На денешната средба во Рејкјавик помеѓу премиерот на Исланд, Бјарни Бенедиктсон и претседателот на Украина, Володимир Зеленски се разговараше за вложување во одбранбеното производство и поддршката на патот кон НАТО.

Зеленски се заблагодари на нордиските држави за поддршката за Украина од првиот ден на судирот со Русија.

- Секој ден ги браниме нашите животи, нашите домови, нашите деца. Но, тоа не би било можно без вашата силна поддршка, поддршката од секој партнер. Ние сме многу благодарни, но денес мора да бидеме посилни за да го запреме (рускиот претседател Владимир) Путин. И сакам да разговарате за ова со нашите партнери, со сите сојузници. Имаме „План за победа“, се стремиме кон негова вистинска поддршка, нагласи Зеленски.

Тој побара Исланд да го финансира производството на Украина на гранати, беспилотни летала и ракети со долг дострел и друго оружје и да се приклучи на коалицијата за засолништа иницирана од Украина и Финска.

Буенос Аирес – Хотел од десет ката утрово се урна во аргентинскиот град Виља Гасел, во провинцијата Буенос Аирес, соопштија локалните власти.

Се претпоставува дека седум до девет луѓе, биле во објектот кога се урнал. Пожарникарите и спасувачките екипи трагаат по лицата под урнатините.

Локалните власти соопштија дека градилиштето немало соодветни дозволи за работа.

Токио – Нуклеарниот реактор во електраната Онагава, североисточна Јапонија, денеска повторно почна со работа, првпат по земјотресот и цунамито што го погодија регионот во 2011 година, што доведе до нуклеарна катастрофа.

Како што јави јапонската новинска агенцијата Кјодо, нуклеарниот реактор е рестартиран заедно со десетина други реактори во земјата откако ги исполниле новите, строги безбедносни стандарди.

Реакторот број два во нуклеарната централа Онагава, лоцирана во префектурата Мијаги, сега е првиот реактор од типот на вриење што се рестартира по катастрофата, сличен на реакторите во Фукушима, кои претрпеа топење на горивото.

- Нуклеарната енергија и обновливите извори се клучни за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Ќе ја зголемиме нивната употреба, но само ако се гарантира безбедноста, изјави портпаролот на јапонската Влада, Јошимаса Хајаши.

Остани поврзан