• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

7 ноември 2024 

Скопје - Земјотрес со  епицентар во скопското епицентрално подрачје, со Рихтерова локална магнитуда од 2.2 степени е регистриран утрово во 5 часот и 49 минути, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

-Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и околината, со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Опсерваторијата.

Брисел - Случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешниот петти Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.  

На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. 

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори. 

- Подготвен сум да разговарам со секого, секаде, врз основа на вистински договор што ќе не однесе до целта, е не да го направиме само првиот чекор, рече Мицкоски. 

Скопје - Седум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста се на дневен ред на денешната 29. седница на Уставниот суд.

На дневен ред е иницијативата поднесена од  ВМРО – ДПМНЕ за член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, како што информираат од Судот, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Се наведува дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Исто така подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Брисел, денеска ќе учествува на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.

Предвидено е министерката Димитриеска-Кочоска да се обрати на првиот панел на конференцијата насловен „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“, на кој ќе стане збор за актуелните и идните предизвици на процесот на проширување на ЕУ.

Според најавите, Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што и претстојат на земјата на патот кон полноправно членство во ЕУ, содржани во неодамна усвоената Реформска агенда, при што се очекува да ја реафирмира цврстата определба на македонската Владата за нејзино спроведување. 

Покрај Димитриеска-Кочоска, како панелисти на оваа сесија од конференцијата се најавени и српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, францускиот министер за европски прашања Бенжамен Адад, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и деканката на Париската школа за меѓународни односи и поранешна шпанска министерка за надворешни работи, ЕУ и соработка Аранча Гонзалес Лаја. 

Скопје - Народната банка денеска ќе ги презентира есенските макроекономски проекции. На прес-конференцијата најавено е присуство на раководството на централната банка. 

Според пролетните макроекономски проекции, просечната инфлација за годинава беше проектирана на ниво од 3,5 проценти, а растот на македонската економија на 2,6 проценти. Како што беше посочено тогаш ризиците околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на страната на побарувачката. Како што тогаш изјави гувернерката, задржана е определбата за претпазливост во монетарната политика, а идните промени ќе зависат од трендовите на девизниот пазар и движењето на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и од поставеноста на ЕЦБ.

По намалувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка, Народната банка почна со претпазливо олабавување на монетарната политика со намалување на основната каматна стапка за 0,5 процентни поени. 

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска ќе ги додели ваучерите за инвертер клими. На доделувањето во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје најавено е присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Оваа мерка, како што соопштуваат од  Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, е во насока на остварување на целите на Владата за поддршка на животниот стандард на граѓаните и намалување на аерозагадувањето.

Според Министерството, вкупно 6 182 домаќинства ќе добијат ваучери. Преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23 000 денари или 25 000 денари се 4 591 домаќинствo, а преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30 000 денари се 1 591 домаќинство.

Атина – Делегациите на Грција и Турција одржаа нов круг разговори од Мерките за градење доверба, а биле разгледани мерките планирани за оваа година и се дискутирало за спроведувањето на заеднички договорените активности во рамките на мерките за 2025 година, соопштија од Министерството за одбрана на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Состанокот што се одржа вчера во Истанбул, поминал во позитивна клима, а на следната средба домаќин ќе биде Грција.

Во делегациите на двете земји учествуваат амбасадори, високи воени и други функционери од двете страни.

Брисел - Оваа година ќе биде најтоплата во историјата и прва во која просечната температура била за повеќе од 1,5 степени потопла од просечната температура во прединдустрискиот период, објавија европските научници.

Агенцијата на ЕУ „Коперник“ проценува дека просечната глобална температура во 2024 година би можела да биде за 1,55 степени повисока од прединдустрискиот просек, во споредба со 1,48 степени во 2023 година. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш веќе зборуваше за „климатски колапс“.

-По десет месеци, 2024 година речиси сигурно дека ќе биде најтоплата досега и прва со температури над 1,5 степени над прединдустриските нивоа, рече директорката на агенцијата, Саманта Бургес.

КОП29 (COP29) започнува в понеделник во Баку, Азербејџан.

На климатската конференција во Париз во 2015 година, земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување под два степени и идеално на 1,5 степени Целзиусови.

Вашингтон - Специјалниот советник на американското Министерство за правда Џек Смит разгледува начини како да стави крај на два федерални кривични случаи против новоизбраниот претседател Доналд Трамп пред тој да ја преземе функцијата, изјави претставник на Министерството запознаен со ова прашање.

Продолжувањето на постапката за импичмент против Трамп ќе ја наруши долгогодишната политика против гонење на актуелниот претседател, а со приближувањето на два рока за поднесување на федералните случаи, 15 и 21 ноември, одлуката на одделот за тоа како да се отфрлат обвиненијата може да дојде за неколку недели, пишува Ју-Ес-Еј Тудеј.

Трамп се соочува со обвинувања дека се обидел да ги украде изборите во 2020 година и да го спречи Конгресот да ги преброи гласовите на Изборниот колеџ на 6 јануари 2021 година.

Трамп, исто така, беше обвинет за незаконско задржување доверливи документи по напуштањето на Белата куќа.

Вашингтон – Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга и поранешна државна секретарка Хилари Клинтон им ја честитаа изборната победа на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот потпретседателски кандидат Џеј Ди Венс.

Клинтон изразија надеж дека Трамп и Венс ќе „владеат за сите“.

Тие ги пофалија и демократските кандидати за претседател и потпретседател Камала Харис и Тим Валц, кои ги поддржаа, за „позитивната, прогресивна кампања со која сите треба да се гордеат“, јави Си-Ен-Ен.

- Мораме да запомниме дека Америка е поголема од резултатите на какви било избори и она што ние како граѓани го правиме сега ќе ја направи разликата помеѓу нацијата што оди напред и онаа што се движи назад, рекоа Клинтон на X.

Американскиот претседател Џозеф Бајден му честиташе на Трамп и најави дека вечерва ќе и се обрати на јавноста.

Вашингтон - Идната прва дама на САД Меланија Трамп по победата на нејзиниот сопруг Доналд на претседателските избори во САД изјави дека мнозинството Американци им ја довериле „оваа важна одговорност“. 

„Ќе го заштитиме срцето на нашата република, слободата. Очекувам дека граѓаните на нашата земја повторно ќе се посветат еден на друг и ќе се издигнат над идеологијата заради индивидуалната слобода, економскиот просперитет и безбедноста“, напиша Меланија Трамп на платформата X. 

Таа додаде дека верува дека „американската енергија, вештина и иницијатива ќе ги спојат најдобрите умови“ за да ја унапредат американската нација. 

Вашингтон - Американската војска синоќа тестираше уште една невооружена интерконтинентална балистичка ракета. Лансирањето се случи од вселенската база Ванденберг во Калифорнија на 5 ноември во 23:01 часот по локално време.

Тим на американското воздухопловство и морнарица го надгледуваше лансирањето, кое испрати невооружена интерконтинентална балистичка ракета Minuteman III (ICBM) од Ванденберг кон Центарот за тестирање на балистички ракети Роналд Реган на Маршалските Острови, југоисточно од Јапонија.

Според американските воздухопловни сили, Minuteman III има максимална височина на летот од 1.120 километри, што е во регионот на ниската орбита на Земјата. 

Minuteman III може да стигне до Москва и Пекинг, на 9.500 и 9.650 километри од Калифорнија, соодветно, за 30 минути.

Американската војска тестираше уште две ракети Minuteman III во јуни 2024 година, лансирајќи ги во рок од два дена. Ваквите тестови редовно се спроведуваат за да се одвратат американските противници и да се осигура дека нуклеарниот арсенал на земјата е сигурен и подготвен за лансирање.

Лос Анџелес – Пожарот кој брзо се шири, поттикнат од силните суви ветрови на Санта Ана, принуди илјадници луѓе да ги напуштат своите домови во Јужна Калифорнија.

Противпожарната служба во округот Вентура, северозападно од Лос Анџелес, го окарактеризира пожарот како „многу опасен“. Жителите треба да ги почитуваат наредбите за евакуација, рече шерифот Џим Фрајхоф на прес-конференција.

За неколку часа, таканаречениот „Планински пожар“ во близина на градот Камарило се прошири на површина од повеќе од 40 квадратни километри.

Властите предупредија на силни ветрови од Санта Ана, кои главно се случуваат во Јужна Калифорнија во текот на есента и зимата. Сувите ветрови, велат тие, ќе го засилат екстремниот ризик од пожари. Дополнително, постојаните температури слични на летото и сувата вегетација, која лесно се пали, се фактори кои придонесуваат.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „одличен“ разговор вчера со Доналд Трамп по неговата победа на претседателските избори во САД.

-Се согласивме да одржуваме близок дијалог и да ја унапредиме нашата соработка. Силното и непоколебливо американско лидерство е од витално значење за светот и за праведен мир, напиша Зеленски на „Х“.

„Неговата огромна кампања го овозможи овој резултат. Го пофалив неговото семејство и тим за нивната одлична работа“, вели тој.

Зеленски беше меѓу првите што му честиташе на Трамп за изборната ноќ.

Украина е силно зависна од американската помош во одбраната од Русија.

Трамп за време на неговата изборна кампања вети дека за многу кратко време ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина.

Бејрут - Јужните делови на либанската престолнина Бејрут утринава беа цел на напад, еден час откако израелската армија ги повика жителите да се евакуираат, пренесоа француските медиуми.

Цел на најмалку два израелски напади беа четири населби за кои смета дека се упоришта на проиранското движење Хезболах.

Сликите објавени од француските медиуми покажуваат облаци чад над јужен Бејрут, а очевидци пријавија силни детонации.

Портпаролот на израелската армија претходно апелираше до жителите на четири јужни населби на Бејрут, вклучително и локации во близина на меѓународниот аеродром, да се евакуираат.

Берлин – Лидерите на Зелената партија остро го критикуваа поранешниот министер за финансии Кристијан Линднер, кој вчера беше разрешен од германската влада, нарекувајќи го себичен и велејќи дека ја става личната политика пред националниот интерес.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши Линднер, лидерот на про-бизнис Слободните демократи (ФДП), и повика на гласање за доверба во парламентот на 15 јануари, што може да предизвика предвремени избори.

ФДП потоа ги повлече сите свои министри од владата, со што фактички стави крај на владината тристрана коалиција.

Германскиот министер за економија и заменик-канцелар Роберт Хабек рече дека со неодамнешниот политички документ на Линднер, кој повикува на продолжено потпирање на фосилни горива и намалување на социјалното осигурување, поранешниот министер за финансии мора да знаел дека Зелената партија нема да се сложи со тоа.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск денеска преку заедничка изјава ја изразија својата загриженост за политичката ситуација во Грузија. 

Макрон, Шолц и Туск, како членки на Вајмарскиот триаголник, трилатерална форма на соработка меѓу Франција, Германија и Полска, најавија дека не можат да го поддржат отворањето на преговорите на Грузија за пристапување во Европската унија доколку земјата не спроведе реформи, јавија британските медиуми.

„Доколку Грузија не го смени сегашниот курс на дејствување и не покаже опипливи реформски напори, особено со укинување на неодамнешните закони кои се спротивни на европските вредности и принципи, нема да бидеме во позиција да го поддржиме отворањето на пристапните преговори со Грузија“, се наведува во соопштението. 

Даблин - Премиерот на Република Ирска, Сајмон Харис, најави дека општите избори во таа земја ќе се одржат на 29 ноември.

Според истражувањето, неговата центристичка партија „Фин Гаел“ и коалициската партнерка Фиана Фаил имаат големи шанси да добијат четврти мандат, пишува Гардијан.

-Целта ми е да побарам распуштање на парламентот в петок и се надевам дека ќе имаме ден за гласање на 29 ноември, изјави Харис за јавниот сервис РТЕ, додавајќи дека претседателот и формално ќе го потврди датумот.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг му честиташе на Доналд Трамп за изборната победа на претседателските избори во САД, пренесоа агенциите.

Тој повика на посилен „дијалог и комуникација“ меѓу Пекинг и Вашингтон и рече дека „мора да има разбирање“ меѓу двете земји.

-Историјата покажа дека Кина и САД добиваат од соработката и губат од конфронтацијата, рече шефот на кинеската држава во извештајот што го емитуваше кинеската централна телевизија. „Стабилните, здрави и трајни кинеско-американски односи се во согласност со заедничките интереси на двете земји и очекувањата на меѓународната заедница“, нагласи Си Џинпинг.

Тој ги повика Вашингтон и Пекинг да „го зајакнат дијалогот и комуникацијата, правилно да управуваат со нивните разлики, да развијат заемно корисна соработка и да најдат соодветен начин Кина и Соединетите Држави да се согласуваат во оваа нова ера, во корист на двете земји и на светот“.

Мелбурн – Австралискиот премиер Ентони Албанез соопшти дека неговата влада законски ќе ги забрани социјалните мрежи за деца под 16-годишна возраст, што е прв таков предлог во светот.

- Социјалните мрежи им штетат на нашите деца и сакам да ставам крај на тоа, рече Албанез на прес-конференција.

Законот годинава ќе биде испратен до Парламентот, а ќе стапи во сила дванаесет месеци откако пратениците ќе го прифатат, додаде тој. Корисниците со родителска согласност нема да бидат исклучок.

- Социјалните мрежи ќе имаат обврска да го спречат пристапот. Тој товар нема да биде ниту на децата, ниту на родителите, рече австралискиот премиер.

Остани поврзан