• понеделник, 25 ноември 2024
МИА Радио флеш

22 октомври 2024 

Скопје - Неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето со истите, утврдил Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година.

-Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба, соопшти ДЗР.

Во текот на 2023 година Клиниката, како што се додава во соопштението, примила лекови во вредност од 33 милиони денари  по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција.

Скопје - Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат во текот на оваа седмица во Вашингтон, САД.

Во составот на делегацијата на Народната банка е и вицегувернерката Емилија Нацевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Нацевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.

Скопје - Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец октомври 2024 година изнесува 61.249,00 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Со изнајмен стан од 60 м2 за октомври кошницата изнесува 76.624,00 денари.

Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2024 година која изнесуваше 61.306,00 денари е намалена за 57,00 денари. 

Скопје - Националното студентско тело и студентскиот правобранител на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ поднеле барање до Министерството за образование и наука за преразгледување на бројот на стипендии за студентите од општествените науки во Конкурсот за академската 2024/2025 година.

Како што информираат, во барањето се истакнува намалувањето на бројот на стипендии за ова научно подрачје, кое се сведува на само четири стипендии, наспроти минатогодишните десет.

Атина – Грчката владејачка партија Нова демократија со 25 отсто е стабилна на првата позиција, ПАСОК е втора со 9,7 проценти помалку, потоа следат десничарско-националистичката Грчко решение и Комунистичката партија, а СИРИЗА е петта политичка сила во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали граѓаните се оптимисти дека ситуацијата за нив и нивното семејство во иднина ќе се подобри, 44 отсто сметаат дека состојбата ќе биде полоша, а исто толку дека ќе остане иста, додека пак за резултатите на владината политика, 53 проценти велат дека не се воопшто задоволни.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека очекува реконструкција на Владата која би се извршила во периодот од март до јуни следната година и истакна дека премиерот Милош Вучиќ ќе ја има неговата целосна поддршка, како и дека се можни избори во декември 2026 или на пролет 2027 година, јави дописникот на МИА од Белград.

-Знаете, имате некои луѓе кои мислеа дека можат да бидат таму (Влада) и да направат повеќе работи за себе, а не за граѓаните и општеството во целина. Луѓе кои мислат дека се незаменливи, луѓе кои мислат дека можат се, рече Вучиќ на РТС.

Според него, анализата на работата мора да ја направат градовите и општините, на ниво на покраината Војводина и на национално ниво. Тоа, како што вели, секогаш е добро.

Тел Авив - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Израел на средби со израелските лидери, што е прва станица од неговата блискоисточна турнеја која вклучува посети на Јордан и Катар.

Блинкен во текот на денот ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

Како што претходно беше најавено од Стејт департментот, Блинкен отпатува на Блискиот Исток за да ја потврди посветеноста на САД за безбедноста на еврејската држава и да разговара за начините за постигнување мир.

Тел Авив – Израелските одбранбени сили (ИДФ) декласифицираа разузнавачки информации за финансиските центри на Хезболах.

Израел во неделата вечер ја прошири својата кампања против Хезболах, почнувајќи серија напади за да ја поткопа способноста на групата да ги финансира своите операции.

- Израелските воздухопловни сили извршија серија прецизни напади врз финансиските упоришта на Хезболах, изјави контраадмиралот Даниел Хагари, портпарол на ИДФ.

Една од нашите главни цели минатата ноќ беше подземен трезор со десетици милиони долари во готовина и злато. Парите се користеа за финансирање на нападите на Хезболах врз Израел, додаде тој, без да прецизира дали сите пари биле уништени во нападот.

Бејрут - Најмалку 13 лица загинаа, а 57 се ранети во израелски напад во Бејрут, во близина на најголемата државна болница во Либан, е новиот официјален биланс од вчерашниот напад.

Меѓу загинатите, како што е соопштено, има и дете.

Болницата Рафик Харири, која беше оштетена во нападот, се наоѓа на периферијата на јужните предградија на Бејрут, која е и упориште на проиранското движење Хезболах.

Министерството за здравство соопшти дека 17 ранети се хоспитализирани, а седум од нив се во критична состојба.

 

Картум - Суданските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) објавија дека собориле транспортен авион во Дарфур, на западот на земјата. На снимки што се појавија на социјалните медиуми се гледаат борците на оваа паравоена формација како стојат на поле преполно со остатоци од авионот и како покажуваат документи за идентификација пронајдени во несреќата.

Руската амбасада во Картум потврди дека руски дипломати го истражуваат инцидентот што се случи во близина на границата со Чад. Во пораката од амбасадата се наведува дека е можно во авионот во моментот на несреќата да имало Руси.

РСФ од април минатата година водат жестока граѓанска војна со регуларната суданска армија.

Пјонгјанг - Северна Кореја синоќа ги негираше информациите дека и обезбедува војници на Русија кои би можеле да се употребат во конфликтот во Украина. Постојаниот претставник на Пјонгјанг во Обединетите нации го опиша тврдењето на Сеул како „неоснована гласина“.

-Што се однесува до таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не смета дека е потребно да ги коментира овие неосновани тенденциозни гласини, изјави севернокорејскиот претставник на седницата на Генералното собрание на ОН одржана доцна синоќа во Њујорк.

„Тврдењата на Сеул „се насочени кон оцрнување на имиџот на Демократска Народна Република Кореја и поткопување на легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу две суверени држави“, додаде тој.

Сеул - Јужна Кореја постепено ќе презема контрамерки во согласност со нивото на воена соработка меѓу Русија и Северна Кореја, изјави денеска заменик-советникот за национална безбедност Ким Тае-Хјо, откако Сеул го обвини северниот сосед за испраќање војници во Русија за учество во војната во Украина. 

По состанокот организиран од советникот за национална безбедност Шин Вон-сик, Ким го обвини Пјонгјанг дека се однесува како „криминална организација“ испраќајќи млади Севернокорејци да се борат во Русија. 

Тој вети соработка со сојузниците за да се обезбедат контрамерки против воената соработка меѓу Северна Кореја и Русија. 

Остани поврзан