• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

6 декември 2023 

- Не гледам простор наредниве месеци, како што одиме кон техничка влада која треба да стартува на 28 јануари, дека ќе се направи политичка клима во која ќе изгласате со две третини уставни промени. Не само за тоа прашање со Бугарите, генерално за кое било прашање, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.

- Пендаровски, во изјава за медиумите, по неговото учество на „Отворениот форум за антикорупција“ што се одржува денеска во Скопје, посочи дека пред година и половина, рекол дека реалните политички шанси да се изгласат уставните промени се минимални, знаејќи ги, како што посочи јавно декларираните ставови на опозицијата која, според него, без аргументи е влезена во таа работа.  

-  Ме прогласуваа за евроскептик или дури некои велеа дека сум се откажал од европскиот пат. Јас само ја декларирам реалноста, како што ја гледам, како што ја гледаат македонските граѓани.

Според Пендаровски, како што ќе одиме во наредниов период кон изборите и кон техничка влада, ќе биде се потешко власта и опозицијата да направат политички консензус, без разлика што ќе бидат во иста техничка влада од јануари натаму.

- Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

Министерството за правда, претходно информира дека постапката за екстрадиција е започната и побарале од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката. Во постапката, како што појасни МП, треба да ги примат списите, да се изготви барање за екстрадиција и сите документи да се преведат на турски јазик, (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција), по што барањето се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Палевски е осомничен за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.

- Шефот на државата Стево Пендаровски денеска истакна дека водењето на политика, која поттикнува етничка омраза е опасно, особено за мултиетничка држава како Северна Македонија, а особено лоша пракса е на трагедиите, како последната со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски да им се дава етничка конотација и на жртвите, но и на сторителите.

Апелите не допираат до политичките субјекти кои на сите трагедии им даваат етничка конотација, потребно е дејствување на правната држава 

Тој денеска на маргините на Отворениот форум за антикорупција, одговарајќи на новинарски прашања да даде порака до јавноста истакна дека станува збор за трагедија во која животот го губат двајца наши сограѓани, а за оние кои шират говор на омраза и поттикнуваат етничка толеранција истакна дека смета оти апелите не допирата до нивната свест и оти е потребно правната држава да ги преземе неопходните чекори во таа смисла. 

- Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење Славица Грковска денеска во врска со ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД изјави дека главната обврска е секогаш на домашните институции, но оти секоја меѓународна помош е добредојдена. Таа напомена дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД.

-И претходно сум изјавила дека главната обврска е на домашните институции, но секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал, изјави Грковска на новинарско прашање во врска со ставањето на Анѓушев на црната листа на САД, денеска на маргините на Отворен форум за антикорупција.

- Постигнат напредок во фискалната децентрализација, а зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на 6 проценти е тренд кој што треба да продолжи, посочи министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на Годишната конференција за децентрализација и локално управување, организирана Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа што се одржува денес и утре на тема „Граѓаните во фокус: Креирање иднина со поквалитетни локални услуги“.

Министерот Пенов истакна дека следниот предизвик е дигитализацијата на локалните услуги, кој како процес е започнат, но рече дека ќе биде интензивиран.

-Процесот на дигитализација е комплексен вклучува многу институции и чекори, но важно е добро да се програмира и со поддршка од донаторската заедница да почнеме со конкретни мерки веднаш, наредната година, нагласи Пенов, кој како приоритетна област посочи на управувањето со јавните финансии, посебно наплатата на локалните даноци и такси.  

- Истражувањето нарачано од Европскиот парламент во пресрет на претстојните европски избори покажа дека повеќе од 70 отсто од граѓаните сметаат дека „членството на нивната земја во ЕУ е корисно“.

Испитаниците наведоа бројни причини, но најчеста причина е тоа што ЕУ го одржува мирот и ја подобрува соработката меѓу земјите.

„Резултатите од истражувањето покажаа дека имиџот на ЕУ меѓу граѓаните е стабилен од март 2023 година со 45 отсто од оние кои имаат позитивен имиџ, 38 отсто имаат неутрален став, а 16 отсто имаат негативен став“, се наведува во заклучокот на денеска објавениот извештај.

- Според податоците со коишто располага Министерството за здравство, 45,4 отсто од населението во земјава се пушачи, од кои 12,4 отсто се млади лица на возраст од 13 до 15 години, покажуваат анализите на Аналитика тинк-тенк кои денеска беа презентирани на настанот на тема „Преку зајакнување на фискалните и здравствените политики до намалени смртни случаи, спречување на пушење кај младите и зголемени буџетски приходи во Северна Македонија“ што се одржа во Скопје.

 - Зголемувањето на акцизата од 30 отсто би значело зголемување на цената на цигарите за 22 отсто. Меѓутоа, она што е поважно е дека тоа би значело слевање во буџетот на дополнителни 265 милиони евра, што е пресметка приближно еднаква со пресметките коишто ги направи Министерството за финансии во месец октомври кога излегоа новите измени на законот за акцизи, потоа спасување на 7000 смртни случаи годишно, намалување на преваленца на пушење за два отсто, намалување на интензитет на пушење за околу 300 цигари годишно, намалување на потрошувачка на цигари за 17, 5 отсто, значи сите овие придобивки се многу значајни и за фискалната и за здравствената политика, се препораките и заклучоците кои ги дава анализата на Аналитика тинк-тенк.

- Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска остварил средба со делегација од Комисијата за европски прашања на Парламентот на Чешката Република, предводена од претседателот на оваа Комисија, Владислав Вилимец, која претстојува во работна посета на Северна Македонија.

- Од МНР соопштија дека во фокус на разговорите со чешките сенатори биле перспективите и предизвиците на процесот на пристапување во ЕУ и недвосмислената поддршка од Чешка на овој пат.

Ја ценам посветеноста на Чешка и повиците за зајакнување на ангажманот на ЕУ во земјите од Западен Балкан меѓу другото, и преку неформалната група Пријатели на Западен Балкан. Бројните јавни изјави за поддршка од чешки официјални лица за нашата интеграција во ЕУ пред и за време и по чешкото претседателство со Советот на ЕУ се потврда за дека традиционалното пријателство и партнерство меѓу Северна Македонија и Чешка, истакнал Османи, стои во соопштението.

- Турција ги отфрла плановите за формирање „тампон зона“ во Појасот Газа по завршувањето на борбите, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој на новинарите во авионот што се враќаше од Катар им рече дека таквиот план, кој Израел го достави до Турција и некои арапски држави минатата недела, е „неправеден“ кон Палестинците.

За иднината на Газа по војната ќе одлучуваат Палестинците, вели Ердоган, повторувајќи дека Израел мора да ги врати териториите што ги окупираше.

За актуелната ситуација во регионот на Блискиот Исток, лидерот на Турција ја обвини поддршката што Западот, особено САД, му ја даваат на Израел и го предупреди Тел Авив да не врши операции против припадниците на Хамас на територијата на Турција, „затоа што може да плати висока цена за тоа“.

- Во рамки на напорите за зголемена поддршка како одговор на актуелната криза на Блискиот Исток, ЕУ во текот на овој месец планира да организира уште шест нови хуманитарни летови за испорака на помош за луѓето во Газа, соопшти денеска Европската комисија. 

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, вкупната помош од ЕУ за цивилното население во Газа ќе надмине 1.000 тони.  

Новата хуманитарна помош ќе се состои првенствено од објекти за сместување, средства за хигиена и медицинска опрема, обезбедени од хуманитарните партнери на ЕУ и од донации од Белгија, Германија, Грција, Луксембург, Ирска, Португалија, Словачка и Шпанија. 

- Шпанската полиција, заедно со царинските органи, успеаја да зададат голем удар против меѓународниот шверц на дрога, пренесува ДПА.

Полицајците откриле огромно количество од 7,2 тони кокаин во контејнер со замрзната риба од Јужна Америка, објавија радио станицата Кадена Сер и весниците Фаро де Виго и Воз де Галиција, повикувајќи се на истражни извори. Приведени се четири лица.

Станува збор за најголемото количество кокаин во подолг период кое било пресретнато во регионот на Галиција во северозападна Шпанија, наведува „Кадена Сер“. Првично беше нејасно од која јужноамериканска земја потекнува контејнерот, пишуваат медиумите.

- Авионот во кој се наоѓаше рускиот претседател Владимир Путин беше придружуван од ловци Су-35С на руските воздушни сили додека не слета во Абу Даби, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ловците носеа стандардно оружје од различни класи. Авионите Су-35С полетаа од оперативниот аеродром во Русија во тешки временски услови со силен дожд и ветер. Со ловците управуваа пилоти од прва класа“, рече Песков.

Тој додаде дека за поддршка на воздухопловните сили за претседателскиот авион имале посебни дозволи за летање од земјите над чија територија лета авионот на Путин и им се заблагодари на тие земји за нивната соработка. 

- Шведска и САД потпишаа договор во областа на одбраната што му овозможи на Вашингтон пристап до сите воени бази во скандинавските земји, соопшти шведското Министерство за одбрана.

Шведскиот министер за одбрана Пал Џонсон изјави дека договорот потпишан вчера во Вашингтон „ќе создаде подобри услови за Шведска да добие помош од САД во случај на војна или криза“.

Тој објасни дека договорот не значи дека САД ќе ги користат сите 17 воени бази, туку дека најважно за Вашингтон е да можат да складираат одбранбена опрема онаму каде што им е најпотребна.

Договорот во Пентагон го потпишаа Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кои по тој повод изјавија дека капацитетите на шведските вооружени сили ќе го зајакнат НАТО.

- Азербејџан нема цел да стане членка на Европската унија, изјави денеска претседателот на Азербејџан Илхам Алиев на форумот во Карабах, насловен „Враќање дома по 30 години. Достигнувања и тешкотии“, пренесуваат руските медиуми.

-Во својот надворешнополитички план, Азербејџан нема наведена цел да стане членка на Европската унија, рече Алиев, додавајќи дека ова е многу практична позиција бидејќи, како што тврди, Баку „таму никогаш нема да биде прифатен“ .

„Договорот испраќа силен сигнал дека остануваме посветени заеднички да ги решаваме безбедносните предизвици“, рече Остин.

- Првиот контингент американски пешадиски борбени возила „Бредли“ М2А2 за хрватските вооружени сили утринава пристигна во Риека, соопшти американската амбасада во Загреб на социјалните мрежи.

Станува збор за 22 од вкупно 89 борбени возила кои во наредниот период треба да ги заменат возилата произведени во поранешна СФРЈ.

„Оваа моќна платформа ќе ги зајакне капацитетите на хрватската армија, одбранбената позиција на НАТО во регионот и ќе понуди подобри можности за хрватската армија за обука и партнерство со вооружените сили на САД“, се вели во соопштението објавено на Икс.

Борбените возила ќе бидат транспортирани во погонот за специјални возила „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Славонски Брод, каде што ќе бидат целосно обновени. Обемниот процес на реновирање ќе се состои од погон на возилото, инсталирање нови системи за оружје, бојадисување и проверка, соопшти амбасадата.

-  Поранешниот британски премиер Борис Џонсон рече дека презема лична одговорност за грешките направени во справувањето со пандемијата и им се извини на жртвите во истрагата за Ковид-19 во Обединетото Кралство.

Џонсон рече дека неговата влада „несомнено“ требало да ги направи работите поинаку, но инсистираше на тоа дека го постигнала „најдоброто ниво“ во „многу тешки“ околности.

-Можам ли само да кажам колку ми е мило што сум во оваа истрага и колку ми е жал за болката и загубата и страдањето на жртвите од Ковид, рече Џонсон.

Тој додаде дека неговата влада направила грешки, велејќи: „Толку многу луѓе страдаа, толку многу луѓе ги загубија животите“.

Остани поврзан