• понеделник, 22 јули 2024
МИА Радио флеш

1 март 2024

-Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска и утре е во официјална посета на Рим, Италија. Како што информира СЕП, Маричиќ ќе оствари повеќе средби со претставници од Италијанската влада. Маричиќ се сретна со заменик-министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија Едмондо Чириели. - На средбата со заменик-министерот Чириели беа зацврстени и потврдени ставовите на Италија и поддршката која ја добиваме како држава кандидат за полноправно членство во ЕУ, се вели во соопштението.

-Министерството за надворешни работи (МНР) најостро го осуди нападот во Газа, во кој загинаа голем број луѓе додека чекаа околу камионите за хуманитарна храна. - Ваквиот чин претставува сериозно кршење на меѓународното право. Повикуваме за заштита на цивилите и непречена испорака на хуманитарната помош. Почитување на меѓународното и хуманитарно право е приоритет, а цивилите мора да бидат целосно заштитени по секоја цена, стои во соопштението од МНР. 

-Најновите трендови и резултати од истражувањата за употребата на канабисот во медицински цели беше тема на вчерашниот едукативен настан, која се одржа под наслов „Клиничката перспектива за медицинската употреба на масло од канабис (CBD/THC), во третман на болка“. Во рамките на настанот домашни и странски експерти, покрај презентацијата на најновите истражувања кој во повеќе земји се во напредна фаза, зборуваа и за досегашните клинички искуства од третманот на пациенти во различни медицински области. Во рамките на едукативниот настан свое излагање имаше и доктор Силвиу Брил, директор на Институтот за третман на болка во Тел Авив во Израел. Д-р Брил е копретседател на Работната група за медицина базирана на канабис и претседател на работната група за онколошка болка на Европската федерација за болка.

-Баталјонот на специјални сили при Армијата чие мото е „Секогаш и секаде први“ денеска во касарната „Илинден“ одбележа 30-години од формирањето. Баталјонот го прославува 1 март, како датум во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, препознатлива како „Волци“, која воедно е и првата професионална единица. Првиот командант на Баталјонот, пензионираниот генерал потполковник Мирослав Стојановски, на кого му беше врачена плакета за неговиот придонес во формирањето на Баталјонот, ги повика припадниците на оваа единица да ги чуваат и негуваат армиските вредости - лојалноста, почитта, несебичното служење, честа, интегритетот и храброста. Стојановски потсети дека идејата за формирање на оваа единица на Армијата потекнува од октомври 1993 година кога на неформална средба на тогашниот воен врв, раководството на воената безбедносна служба првпат сериозно разговарала за претходно подготвен предлог којшто се однесувал на потребата да се формира професионална единица за специјални намени.

-Kапиталното двотомно дело „Историја на Охридската архиепископија“ од реномираниот славист, историчар, универзитетски професор и академик од минатиот век Иван Снегаров првпат e преведено на македонски јазик и наскоро ќе биде достапно за македонските читатели. Oвие два тома ќе бидат издадени во превод на издавачката куќа „Икона“. „Икона“ ги печати и четирите книги на великанот на преродбата од 19-от век, галичанецот Партениј Зографски. Тој бил ученик на Димитар Миладинов во Охрид, писател, учебникар, фолклорист, народен деец и духовник, митрополит во Кукуш, Дојран (Полјанин) и Ниш. Овие наслови ќе бидат промовирани на петти март 2024 година во 13.30 часот во Националната галерија Даут-пашин амам. Во рамки на настанот ќе бидат промовирани и двата тома од „Житија на Светителите“. Проектот е поддржан од Бугарската поддршка за развој.  

-Македонскиот весникот „Илинден“, што е гласило на истоименото друштво во Албанија, денеска одбележува 13 години од објавувањето на првиот број. - На први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Во овој изминат период, весникот побуди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и главен и одговорен уредник на весникот. Весникот, оценува тој, прераснал во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија и од име на редакцијата искажува посебна благодарност до читателската публика и соработниците.

-Цените на над 3.000 производи за чистење и за лична хигиена, од денеска се очекува да бидат намалени и до 18 отсто во грчките супермаркети, според податоците од Министерството за развој на Грција, а во рамките на владините мерки за справување со инфлацијата, јави дописничката на МИА од Атина. Од денеска стапуваат во сила четири владини мерки што имаат за цел трајно намалување на цените на конкретни производи. Според една од мерките, добавувачите се обврзани да ги намалат понудите до компаниите за малопродажба за 30 отсто, со што се намалуваат и цените во маркетите, а вклучени се производи за чистење (детергенти за перење, за миење садови, средства за чистење од секаков вид итн.), како и производи за лична хигиена (шампони и регенератори, гелови за туширање, сапуни, пасти за заби, бебешки и детски пелени). Цените на конкретните производи, според надлежното Министерство, се намалени од 12,7 со 18, 1 отсто.

-Обвинителството на ЕУ денеска го презентираше извештајот за своите активности минатата година, во кој се наведува дека во Бугарија се водат 203 истраги поради сомнение за измама со 884,9 милиони евра од европскиот буџет. Во 2023 година беа отворени 107 нови истраги за 405,2 милиони евра. Во оваа бројка пет инспекциски надзори се за измама со ДДВ со вкупна вредност од 28,2 милиони евра, покажуваат податоците. Минатата година не е издаден ниту еден налог за заплена на имот, се додава во извештајот. Во истиот период без последици завршиле 16 увиди, а материјалите во 14 случаи се предадени на бугарскиот суд. Од вкупно 225 пријави за сомневање за злоупотреба, 163 се поднесени од надлежните во Бугарија, 13 се од институции на ЕУ, 47 се од граѓани. Според инспекциите на Европското обвинителство, минатата година во Бугарија биле отворени четири предмети, но немало ниту една правосилна судска одлука и ниту еден не е осуден.

-Главниот обвинител на Европската унија, Лаура Кодруца Ковеси, предупреди криминалните организации да имаат преголемо влијание врз демократските структури. -Во нашите постапки гледаме бизнисмени, политичари или државни службеници кои ги штитат криминалните организации, рече таа за германски медиуми. Европското јавно обвинителство е независен и децентрализиран орган со овластување да гони прекршоци против буџетот на ЕУ пред националните судови. Неговиот фокус е на кривични дела кои се користат за погрешно добивање субвенции или договори од ЕУ, како и царински прекршоци и шеми за измама на данокот на додадена вредност (ДДВ). Ковеси верува дека степенот на измама со фондовите на ЕУ е потценет. Според проценките на полицискиот орган на Европол, до денес се конфискувани само четири отсто од криминално стекнатите средства во Европа.

-Секој договор во областа на безбедноста ја приближува Украина до поголеми можности, поголема глобална интеракција и поголема моќ, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на платформата Х, цитиран од Укринформ. Тој истакна дека неговата земја веќе склучила вакви договори со шест земји - Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Канада и Италија.„Секој таков договор ги проширува нашите можности и глобалната интеракција и не прави посилни. Во исто време, секој таков договор го зајакнува меѓународниот поредок заснован на правила“, нагласи Зеленски. „Колку поблиску соработуваме, толку побрзо ќе бидат поразени руските терористи“, додаде тој. Зеленски се заблагодари на секој лидер и на секоја земја што и помага на Украина. Укринформ пренесува дека Киев веќе почнал преговори и со Норвешка за склучување билатерален безбедносен договор.

-Единаесет лица се пренесени во болница откако избувна пожар во зграда во луксузната лондонска населба Саут Кенсингтон, во југозападен Лондон, во близина на Природонаучниот музеј. Лондонската противпожарна бригада на „Х“ објави дека 11 лица се лекувани поради вдишување чад и дека околу 130 жители морале да бидат евакуирани од зградата каде што избувна пожарот и од соседните згради. На местото на настанот пристигнале 15 противпожарни возила и околу 100 пожарникари. Околу 15 луѓе успеале да побегнат од запалената зграда пред да пристигнат пожарникарските екипи.

-Повеќе од милијарда луѓе се борат со прекумерната тежина и дебелината, посочуваат новите научни проценки на светско ниво, објавени во медицинското списание „Лансет“. Податоците од 2022 година вклучуваат околу 880 милиони возрасни и 159 милиони деца. Највисоки стапки на прекумерната тежина има во Тонга и Американска Самоа - за жени и во Американска Самоа и Науру - за мажи, со околу 70 - 80 отсто од возрасните кои живеат со дебелина. Во периодот меѓу 1990. и 2022 година, дебелината во светот кај жените се зголемила од 8,8 отсто на 18,5 отсто, а кај мажите од 4,8 отсто на 14 отсто, покажува истражувањето. Научниците истакнуваат дека дебелината ја зголемува опасноста од развој на бројни сериозни здравствени состојби, како срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и некои видови рак.

-Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата влада ќе најде начин да го отстрани ослободувањето на ултраортодоксните Евреи од задолжителна воена служба. Премиерот ја даде изјавата во услови на политичка тензија околу ова прашање, загрозувајќи ја иднината на владејачката коалиција, објавија британските медиуми. -Ќе поставиме цели за воведување на задолжителна воена и државна служба и за ултраортодоксните луѓе и ќе идентификуваме начини за исполнување на овие цели, рече Нетанјаху на прес-конференција. Во 2018 година, израелскиот Врховен суд го отфрли законот кој им дозволуваше на ултраортодоксните мажи да не се приклучуваат на војската. Во причините за одлуката беше посочено дека товарот на задолжителниот воен рок треба да биде подеднакво распределен на целото израелско општество. Сепак, парламентот допрва треба да усвои нови правила за да го реши прашањето според одлуката на Врховниот суд, а дозволата на владата привремено да продолжи со исклучувањето на оваа категорија израелски граѓани од воена служба истекува овој месец.

-Украина може да го користи оружјето што го обезбеди Финска за да гаѓа цели на руска територија, соопштија високи претставници во Хелсинки. Финскиот министер за одбрана, Анти Хаканен, кажа дека неговата земја не поставила никакви ограничувања за тоа што Украина може да направи со оружјето што го дава Финска, објави финската телевизија Иле. -Доколку е потребно, Украина треба да нападне и воени цели на руската страна. Тоа е сосема легитимна одбранбена битка што ја води Украина. Повелбата на ОН дозволува воени цели да бидат нападнати преку копнените граници, рече претседателот на парламентарната комисија за одбрана на Финска, Јука Копра. 

Остани поврзан