Ребалансот на Буџетот во четврток на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет
- Ребалансот на буџетот во четврток ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Комисијата е закажана во 11 часот. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен најдоцна до првата недела од август.
Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Ребалансот на буџетот во четврток ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Комисијата е закажана во 11 часот. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен најдоцна до првата недела од август.
Ребалансот беше усвоен на владина седница во вторникот, а во средата на прес-конференција во Владата го образложи министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.
Растот на БДП е ревидиран од првично планираниот 3,4 проценти на 2,1 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти. Во втората половина на годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, додека расходите се проектирани на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.
Според министерката за финансии, измените и дополнувањата на Буџетот се насочени кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирањето на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.
- Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби, место креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт, рече Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата во средата.
Вели дека се обезбедени пари за исплата на плати, пензии и законски обврски. Како што посочи, обезбедени се 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет, пет милијарди денари за пензиите, 600 милиони денари за исплата по судски решенија, една милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, што не била обезбедена, 322 милиони денари за Државна изборна комисија кои не беа испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик, 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии....
На седницата на Владата во вторникот биле прифатени и неколку заклучоци предложени од Министерството за финансии.
Меѓу нив се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.
Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии. При имплементација на Буџетот, буџетските корисници да не преземаат обврски над обезбедените средства со буџетот за соодветната фискална година.
Оние буџетски корисници кои остваруваат самофинансирачки активности и имаат неискористени средства во форма на салдо на сметки, тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да го финансираат со користење на средства од сопствените сметки.
Буџетските корисници исто така се задолжуваат континуирано да ги спроведуваат активностите за наплата на сопствените приходи и сите субјекти согласно ЕСПЕО да ги почитуваат обврските за навремено пријавување на доспеани, а не платени обврски согласно законските рокови.
На општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост им се препорачува да ги консолидираат финансиите, односно да преземат активности за наплата на сопствените приходи како и да ги намалат непродуктивните трошења.
Меѓу препораките усвоена на владината седница е и препораката работодавачите од јавниот сектор да преземат итни активности за спроведување на функционална анализа и за тоа да ја информираат Владата. бак/
Фото: МИА архива