• понеделник, 05 август 2024
МИА Радио флеш

  5  август 2024

 

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе го пречека и ќе биде домаќин на косовскиот премиер Албин Курти.

Како што соопштија од владината прес-служба, во рамки на посетата предвидена е тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Курти, по што ќе следи билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни.

Предвидено е Мицкоски и Курти денеска да одржат заедничка прес - конференција во Медија центарот на Владата.

Се очекува во разговорите да стане збор и за инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на скопскиот аеродром.

Скопје – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе продолжи амандманската расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. 

Согласно Деловникот, амандманската расправа, која денеска се одвива веќе петти ден, треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите.

Скопје - Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески синоќа во „Палатата на Принцот“ во Монте Карло со блескав настап го заокружи своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки одржа
серија концерти во тековната сезона 2023/24 година.

Овој пат, како што соопштуваат од КултурОп, публиката со овации ја поздрави изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс што Трпчески и овој
реномиран оркестар го изведоа под диригентската палка на неговиот уметнички и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија.

Охрид – Грчката вечер во рамки на годинешното „Охридско лето“ го носи дуото составено од уметниците Христос Гримпас на виолончело и Џорџ – Емануел Лазаридис на пијано.

Христос Гримпас е дипломец на Државниот конзерваториум во Солун, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост-дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Наградите кои се впишани во неговата биографија ги вклучуваат: Грчкиот натпревар за млади солисти во 1997 година, Меѓународниот натпревар „Хелекспо“ во 1998 година, а добитник е на стипендии од Здружението на љубители на музиката во Атина, од фондацијата „Александра Трианти“ како и од фондацијата „Александрос Оназис“.

Како солист настапува со оркестрите во Солун, Карлови Вари,  оркестрите во Пазарџик и Софија, како и со оркестарот во Днипро и Харков. Има остварено снимки со Симфонискиот оркестар на Грчкото радио.

Скопје  – Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“ од Скопје, заедно со соработниците од Археолошкиот институт од Белград и координаторот DIGI.BA од Сараево денеска во Европската куќа во Скопје ќе ги промовира VR и AR апликациите изработени во рамките на проектот „SHELeadersVR“ (Владетелки на Балканот) поддржан од програмата Креативна Европа.

Целта на проектот е да се создадат дигитални апликации коишто ќе овозможат користење на виртуелна и проширена реалност при реконструкција на животот, дејствијата, просторот за живеење и предметите поврзани со пет избрани жени – средновековни владетелки од територијата на Западниот Балкан.

Скопје – Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Никола Јаничиќ е прогласен за најкорисен играч на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое синоќа заврши во во Скопје.

Селекторите на 22-те селекции на собирот на јуниорите од Дивизијата „Б“ одлучија Македонецот да го понесе признанието МВП.

Скопје – Во изборот на идеалната петорка на Европското првенството Б-дивизија во Скопје се најдоа и две имиња од македонската репрезентација.

Покрај најкорисниот кошаркар на шампионатот, Никола Јаничиќ, во изборот на ФИБА се најде и Марко Луканоски.

Покрај македонскиот двоец, во ТОП 5 на Европското првенство во Скопје се најдоа уште и двајца репрезентативци на Австрија, Имран Суљановиќ и Фун Шот, а идеалната петорка се комплетира со Бугаринот Александар Гаваљугов. 

Њујорк – Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и организацијата Save the Children (Спасете ги децата) објавија дека до 30 јули оваа година сите 625.000 запишани ученици во Појасот Газа изгубиле една цела учебна година.

Меѓу нив има и 39.000 ученици кои за првпат ги пропуштиле тавџихи - завршните испити во средно училиште, се наведува во соопштението на две организации.

Мексико Сити - Мексикански новинар кој работел во една од областите со најмногу криминал во земјата бил убиен од вооружени напаѓачи синоќа, а двајца полицајци кои биле задолжени за негово обезбедување се ранети, соопштија локалните власти.

Интернет порталот за вести што го води репортерот Алехандро Мартинез ја потврди неговата смрт. Страницата ги покрива локалните вести и криминалот во Селаја, најопасниот град за полицијата во Мексико.

Полицијата на Селаја соопшти дека Мартинез бил застрелан од напаѓачи кои патувале во друго возило. Двајцата телохранители се во болница, но не се знае за нивната состојба.

Газа - Палестинското исламистичко движење „Хамас“, кое управува со Појасот Газа го избра Халед Машал за привремен лидер, јавуваат арапските медиуми.

Според изворите на порталите Ал-Арабија и Ал-Хадад, лидерите на групата се согласија Машал да биде на чело на Хамас до одржувањето на нови избори.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден ќе одржи разговори за безбедносните тензии на Блискиот Исток со својот национален безбедносен тим и ќе се сретне со кралот Абдула Втори од Јордан, додека израелските лидери предупредуваат дека ќе нанесат „тежок удар“ доколку бидат нападнати.

Разговорите меѓу САД и Јордан доаѓаат еден ден по посетата на јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, на Иран, каде што повика на крај на ескалацијата и побара регионот да живее во „мир, безбедност и стабилност“.

Брисел - Европската Унија и натаму со голема загриженост ги следи случувањата во Венецуела и повикува на смиреност и воздржаност, се наведува во писмената изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел објавена доцна синоќа во врска со настаните во оваа јужноамериканска држава по претседателските избори одржани на 28 јули. 

Во ова критично време, важно е демонстрациите и протестите да останат мирни. Венецуелските власти, вклучително и безбедносните сили, мора целосно да ги почитуваат човековите права, вклучително и слободата на изразување и собирање, потенцира Борел во изјавата упатена во име на ЕУ.

Дакар - Африканската држава Мали синоќа објави дека ги прекинува дипломатските односи со Украина.

Причината е што „висок украински функционер“, според Мали, ја признал „вклученоста“ на Киев во тешкиот пораз на армијата на Мали и руската паравоена група „Вагнер“ на крајот на јули во борбата против сепаратистите и џихадистите во таа земја.

Преодната влада на Мали одлучи „веднаш да ги прекине дипломатските односи со Украина“, изјави портпаролот на таа влада, полковник Абдулаје Маја. 

Tокио – Турција и Јапонија ги предупредија своите граѓани веднаш да го напуштат Либан.

Јапонското МНР објави предупредување за патување во кое ги повикува јапонските граѓани во Либан да ја евакуираат земјата поради зголемените тензии.

Турција ги повика своите граѓани да го напуштат Либан поради можноста безбедносната ситуација таму брзо да се влоши, соопшти нејзиното Министерство за надворешни работи.

Пјонгјанг - Северна Кореја распоредила 250 балистички ракетни фрлачи на својата јужна граница, кои лидерот Ким Џонг-ун ги опиша како „моќен заштитен меч“ за одбрана на суверенитетот на земјата, објави државната медиумска агенција КЦНА.

Мобилните ракетни фрлачи беа прикажани вчера за време на специјална церемонија за предавање во главниот град Пјонгјанг, извести официјалната Корејска централна новинска агенција. Ким беше цитиран како вели дека ракетните фрлачи се „современо тактичко напаѓачко оружје“.

Њујорк - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека размислува за свикување на комитет на експерти кој би утврдил дали епидемијата на мпокс (мајмунски сипаници) во неколку африкански земји треба да се квалификува како меѓународна вонредна состојба. Тедрос рече дека СЗО и Африканските центри за контрола и превенција на болести ги зголемуваат напорите за прекин на преносот на вирусот.

Париз - Поранешниот напаѓач на Милан, Златан Ибрахимовиќ му се обрати на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ кој вчера го освои златниот олимписки медал.

-Ти си едноставно најдобар! – напиша Ибрахимовиќ на социјалните мрежи.

Триесет и седумгодишниот Ѓоковиќ за првпат во кариерата го освои олимпиското злато, победувајќи го во финалето Шпанецот Карлос Алкараз (7:6 (7:3) и 7:6 (7:2).

Претходно, тој имаше само бронзен медал на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.

Париз – На една седмица до крајот на Олимписките игри во Париз, САД и Кина се најуспешни со по 19 освоени златни медали.

Следуваат Франција и Австралија со по 12 злата.

Велика Британија и Кореја имаат по 10 најсјајни одличја, Јапонија девет, Италија седум, Холандија шест, Германија и Канада по пет.

Барем по едно злато имаат освоено 44 држави, а со по најмалку еден медал се закитија 71 земја.

Најмногу медали имаат Американците – 71, Кина 45, Франција 44. 

Париз - Швајцарските триатлонци Адриен Брифо и Сајмон Вестерман не учествуваат во мешаната штафета на Олимписките игри во Париз поради цревна инфекција, соопшти прес-службата на швајцарскиот олимписки комитет.

Првично, Брифо кој беше 49-ти во поединечна конкуренција, беше пријавен за трката, но поради здравствени проблеми беше заменет од Вестерман. Но, подоцна и Вестерман пријавил цревна инфекција и се откажал од натпреварот.

Канбера - Австралија го подигна нивото на закана од терористички напад од „можен“ на „веројатен“ поради порастот на екстремистичкото расположение кај јавноста. Ова значи дека веројатноста за планирање и подготовка на напад во Австралија во следните 12 месеци е за 50 отсто поголема.

Премиерот Ентони Албанезе изјави дека степенот на готовност е зголемен по препорака на службите за безбедност, но додаде дека нема непосредна закана од напад.

Белград – Првиот сателит – Мозаик – што Србија де подготвува да го испрати во орбитата освен што ќе го набљудува Сонцето во доменот на рендгенските зраци, што е невозможно од земјата, има и мала камера што ќе ја снима Србија оддалеку. Тоа го нагласи во изјава за Политика научниот соработник на српската Астрономска  опсерваторија во Белград, Милан Стојановиќ.

Планот е „Мозаик“ да биде лансиран кон крајот на 2025 или почетокот на 2026 година и да се задржи во орбитата две до три години.

Тој додаде дека на тој начин ќе се добијат снимки од Србија и подобро ќе се совлада таа технологија.

Остани поврзан