• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

13 ноември 2024

Тирана - Соработката меѓу Албанија и Северна Македонија е важен чекор кон посигурна иднина во регионот, оценила претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, на средбата со македонскиот колега Африм Гаши, кој престојува во Тирана.

Додала дека посетата на Гаши на Тирана, која се случува брзо по нејзината посета на Скопје  ја потврдува  блиската и интензивна соработка меѓу двете собранија.
 
Повлекла  дека „Албанија има за цел да се приклучи на Европската унија до 2030 година и овој датум е амбициозна, но остварлива цел. На овој позитивен момент за Албанија треба да се гледа позитивно од целиот регион“.

Скопје - Членови и симпатизери на политичката партија „Десна“ денеска во Основен кривичен суд Скопје сведочеа во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тие споделија за нивниот ангажман во партијата, познанството со обвинетите и моментот на претрес на просториите на партијата.

Сведокот Ѓорѓи Џолев, претседател на Централниот комитет на политичката партија „Десна“, денеска образложи дека го донирал на партијата возилото „рено кангу“, кое било на име на неговата сопруга.

Прашан од која причина одлучил возилото да го даде на партијата, одговори дека нема конкретна причина.

-Ми беше полесно тоа возило некој да го користи од време на време, рече тој, посочувајќи дека тој повремено живеел во Исланд и немало кој да се грижи за возилото.

Скопје - Амбасадорот во Романија Андреј Жерновски, демантира дека не ги предал акредитивите за амбасадор во Букурешт, откако вчера на прес-конференција шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, образложувајќи ја одлуката за отповикувањето на седум амбасадори, меѓудругото рече дека Жерновски „формално правно, никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма“.

-Откако од медиумите дознав дека, како амбасадор, сум се тепал по официјални приеми во Романија, за што следеше приватна тужба од моја страна, вчера на истиот начин дознав нова вест- дека сум бил амбасадор „на диво“. Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа „генијална“ теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесувањето штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини, објави Жерновски на својата Фејсбук страница.

Скопје - Државата е подготвена за претстојната зимска сезона и врнежите од снег, а граѓаните да користат зимска опрема на своите возила и доколку немаат неопходна потреба да не патуваат при најави за обилни врнежи, истакна директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на прес-конференција по состанокот со претставници на координативното тело.

Тој упати апел до граѓаните да ги раздвојат фактите од вообичаените мислења на социјалните мрежи секоја година, дека снегот повторно ги изненадил надлежните институции. Капацитетите за чистење снег, нагласи, воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на регионот.

Скопје - На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на јавна расправа се претставуваат кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Станува збор за 24 кандидати кои се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив се правници, новинари, аналитичари, информатичари, а има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека односите на Турција со Израел се прекинати и додаде дека неговата земја е подготвена да започне прекугранични операции доколку се чувствува загрозена.

„Турција, на чело со Реџеп Таип Ердоган, не може да продолжи да ги развива односите со Израел. Немаме никакви односи со Израел во овој момент. Не презедовме никакви чекори за развој на тие односи“, изјави Ердоганпо враќањето од Азербејџан , јави  Си-Ен-Ен Турк.

Брисел – Европската комисија не ја коментира постапката и деталите одпроцесот за одобрување на номинациите на новите еврокомесари во Европскиот парламент, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер во одговор на прашање околу одлагањето на потврдувањето на шестмината кандидати за потпретседатели на Комисијата. 

Како што претходно јави МИА, лидерите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ се договорија за одлагање на седниците на ресорните комитети на ЕП за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на ЕК, чии сослушувања се одржаа вчера, со цел, како што беше образложено, да се обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“.  

Брисел - Европската комисија денеска објави дека очекува предлози од приватни инвеститори за учество во обновата на Украина до март следната година. Одобрените инвестициски проекти ќе бидат поддржани од фонд со буџет од 50 милијарди евра.

Се очекува проектите да бидат испратени до 1 март 2025 година, забележуваат од комисијата. Денеска и утре на состанокот во Варшава учествуваат повеќе од 5.000 приватни компании и организации, кои би сакале да го поддржат закрепнувањето на земјата нападната од Русија.

За опоравување на Украина потребни се буџетски средства и соработка со приватни организации, изјави во оваа прилика европскиот комесар за проширување и соседски прашања на ЕУ, Оливер Вархеи, цитиран во соопштението.

Берлин - Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц (66) потврди денеска дека ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември, а Бундестагот потоа ќе гласа на 16 декември, отворајќи го патот за вонредни избори што ќе се одржат на 23 февруари следната година.

Во говор во германскиот Парламент тој денеска рече дека е неопходно, правилно и неизбежно да се разреши министерот за финансии Кристијан Линднер и покрај тоа што владејачката коалиција доживеа колапс како резултат на тоа и дека е благодарен што нови избори ќе да се одржи на крајот на февруари.

Рим - Зачувувањето на светот е едно од најважните прашања на нашето време, кое е тесно поврзано со зачувувањето на мирот, порача денеска папата Франциск во пораката што во негово име ја пренесе државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку.

„Треба да се однесуваме и да живееме како членови на едно семејство кое го населува истото меѓусебно поврзано глобално село“, апелираше папата, пренесе Анса.

Според неговите зборови, научните податоци со кои располагаме не дозволуваат дополнително одложување на решавањето на ова прашање.

Вашингтон - Сенаторите од Републиканската партија, кои се мнозинство во Горниот дом на американскиот Конгрес, денеска одржуваат состанок за избор на нов лидер, по 18 години водство на Мич Меконел.

Подоцна во текот на денот, новоизбраниот лидер на Сенатот ќе има средба со избраниот претседател Доналд Трамп, кој денеска за првпат доаѓа во Вашингтон како победник во претседателската трка 2024 година.

На средбата, републиканските сенатори ќе ги слушнат номинациските говори  за тројцата кандидати, Џон Тун од Јужна Дакота, Рик Скот од Флорида и Џон Корнин од Тексас.

Teхеран - Највисокиот ирански дипломат Абас Арагчи изјави денеска дека каналите за комуникација со САД се се уште отворени, една недела откако Доналд Трамп е избран за претседател.

„Каналите за комуникација меѓу нас и Американците се уште постојат. Имаме разлики со Американците, кои понекогаш се многу фундаментални и централни... но мораме да управуваме со нив за да ги намалиме тензиите“, рече Абас Арагчи на маргините на неделниот состанок на владата.

Тој минатиот месец рече дека нема основа за индиректни нуклеарни преговори со САД.

Остани поврзан