• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 1 март 2024

 

-  Техничкиот премиер Талат Џафери денеска  ќе присуствува на увид во градежните активности на делницата Гостивар - Букојчани дел од Коридор 8, по што ќе има изјава за медиумите. Како што информираат од владината прес-служба, во рамки на посетата на Општина Гостивар, Џафери ќе ја посети и Јавната здравствена установа - Општа болница „Ферид Мурад”, а ќе присуствува и на увид на градежните активности на патот Здуње - Дебреште. 

- Момче на 14 годишна возраст синоќа околу 19:30 часот е пронајдено без знаци на живот со повеќе убодни рани и надворешни крвавења во центарот на Прилеп на тротоарот од булеварот „Гоце Делчев“ наспроти Домот на културата „Марко Цепенков“.  Не давало знаци на живот и било пренесено во градската болница каде биле безуспешни сите обиди да се реанимира. -Во 19:35 часот добивме повик за интервенција на булеварот. Констатиравме дека лицето има повеќе надворешни крвавења, не даваше знаци на живот. Беше пренесено на одделот за анестезија и реанимација при градската болница, но сите обиди за негова реанимација беа безуспешни, ни изјави дежурниот лекар при Службата за итна медицинска помош во Прилеп.

- Министерството за внатрешни работи информира дека од вчера е воведена уште една нова секција на веб сајтот https://termin.mvr.gov.mk/ која има за цел да придонесе кон побрзо закажување на термин за фотографирање за лични документи. Во оваа секција наречена „Поднеси барање за термин“, се појаснува во соопштението од МВР, граѓаните го внесуваат својот матичен број, телефон за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин. Откако ќе го испратат барањето, се додава, операторите од повикувачкиот центар ќе ги исконтактираат на наведениот телефон за контакт за да го опслужат нивното барање во најкус можен рок. До оваа секција директно може да се пристапи преку следниот линк:
https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request  

- Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 10 пожари на отворено во државата во последното деноноќие, а пожарникарите сите ги изгаснале.  Регионалниот ЦУК Скопје информира за три пријавени и изгаснати пожари на отворено,  РЦУК Охрид за еден и Регионалниот ЦУК Штип за ѓест пријавени и изгаснати пожари на отворено.  Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.  Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

- За граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија од денеска е овозможен слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји, во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Тие ќе може да работат во сите три држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури.  - Од 1 март оваа година, граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија конечно ќе можат да живеат и работат во која било од трите земји како во својата. За овие наши простори каде првото правило на јавната администрација беше „не може“, 1 март е револуција. Пред точно три години и три месеци, лидерите на земјите од Отворен Балкан одлучија и потпишаа визионерска одлука за воспоставување слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан.

- Во Собранието за денеска се закажани седници на комисиите за прашања на изборите и именувањата и за економски прашања.  Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да расправа за Предлог одлуката за определување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот на државата, на пратениците како и на функционерите кои ги избира и именува Собранието.  На седницата на Комисијата за економски прашања,пак, треба да биде констатирано дека се повлечени материјалите за четирте предложени закони за стратепки инвестициски прокети во областа на енергетиката.

- Во касарната „Илинден“ - Скопје денеска  ќе се одржи воена свеченост по повод одбележување на Денот на првата специјална единицата и 30 години од формирањето на Баталјонот на специјални сили (бСС). Баталјонот на специјални сили го прославува 1 март, како датум во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, препознатлива како „Волци“, која воедно е и првата професионална единица. На свеченоста, покрај министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ќе присуствуваат и армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, пензионирани генерали, команданти на команди и единици на Армијата и други високи гости.

– Во знак на отворање на Месецот на Франкофонијата вечер со почеток од 20 часот во кино Милениум ќе се одржи гала филмска вечер со проекција на филмот „Страста на Доден Буфан“. Настанот ќе го отворат Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, и Дејана Поповска, македонска актерка која живее и работи во Париз. Филмот е во француско-белгиска копродукција, дело на Тран Ан Хунг со Жилиет Бинош, Беноа Мажимел и Емануел Сaленже. Филмот е номиниран за три Цезари во 2024 и е лауреат на Наградата за сценографија на Канскиот фестивал 2023.  

- Неформалната организација за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ по вторпат го организира настанот за млади „Клинци“ каде што ќе се претстават четворица млади автори и ќе биде поставена изложба на младиот уметник Бојан Звездаковски. На настанот што ќе се одржи во „Europe House“ со почеток од 20 часот ќе учествуваат младите автори Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Дамјан Златановски и Софија Тодороска. Тие ќе се претстават со своја поезија и проза.

- Во поп-ап галеријата „Гаража Камба“ во Загреб вечер ќе биде отворена „Мала изложба за мечтаење“ – самостојна изложба на Дарко Алексовски. „Мал прирачник за мечтаење“ е серија самостојно издадени фанзини на Дарко Алексовски преку кои тој истражува еден постојано променлив светоглед, како и мечтаењето за одредени места, предмети и ситуации каде што имагинацијата се испреплетува со нашите сеќавања. Изложбата е проширување на оваа мала серија публикации како начин за изразување преку различни визуелни и наративни методи.

- Во Музејот на современата уметност - Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на холандскиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева. Стал, кој ќе биде специјален гостин на Музејот, е препознатлив по истражување на односот меѓу уметноста, пропагандата и демократијата. Неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.

- Седмата изложба на макети, диорами и минијатури и четвртиот „Куп Скопје“ во организација на клубот „Мајор Михајло Ивановски - Микс“ ќе биде отворена денеска во Центар Јадро со почеток од 20 часот. Публиката ќе може да погледне макети изработени од домашни и странски изложувачи и да проследи меѓународен натпревар по пластично макетарство на кој ќе учествуваат макетари од Србија, Грција и Турција.

 -  Триесетгодишнина од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Јапонија и Република Северна Македонија ќе биде одбележана вечер (18.00) со свеченост во Археолошкиот музеј во Скопје.  Најавени се обраќања на амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја и државниот секретар од Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, по што директорката на музејот, Славица Бабамова, ќе ја отвори изложбата на јапонски кукли „НИНГЈО“ поддржана од Јапонската фондација.

- Белградскиот аеродром „Никола Тесла“, синоќа, од 22,30 часот, повторно е отворен за авиосообраќај, соопштија службите на аеродромот. Радио телевизија на Србија (РТС) објави дека извештаите за бомби биле лажни. Околу 19 часот и 15 минути на белградскиот аеродром пристигнала дојава за поставена бомба, по што била извршена контрадиверзантска проверка, а патниците биле евакуирани. 

– Шкотскиот град Глазгов од денеска до недела ќе биде домаќин на 19. Светското атлетско првенство (СП) во сала кое воедно е дел од квалификациите за обезбедување норма за настап на претстојните Олимписки игри во Париз. На СП ќе настапат над 600 атлетичари од 124 држави, а честа на македонската атлетика ќе ја брани Андреас Трајковски во дисциплината скок во далечина. Трајковски во Глазгов отпатува со нов македонски рекорд, прескокнувајќи 7.79 метри на 10 февруари на Балканското првенство во Истанбул на кое го освои сребрениот медал. Финалната серија во скок во далачеина е на програмата в сабота.

- Согласно усвоената ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2021-2027 година, Европската комисија предложи измени на Буџетот на ЕУ за 2024 година, со кои за Планот за раст за Западниот Балкан се предвидуваат 501 милион евра.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, изменетиот Буџет, кој е зголемен за над 5,8 милијарди евра, треба да и овозможи на ЕУ да продолжи со реализација на своите заеднички приоритети за оваа година во полза на граѓаните, кои живеат во Унијата, но и надвор од неа.  

- Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека е „згрозен од веста за уште еден масакр“ на северот на Газа во кој загинаа Палестинци кои чекаа ред за храна. - Ужаснат сум од веста за уште еден масакр на цивили во Газа кои очајно бараат хуманитарна помош. Овие смртни случаи се целосно неприфатливи, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“. Тој додаде дека лишувањето на луѓето од храна е „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.

- Отстапувањето од Европскиот зелен договор и од она што досега е постигнато во однос на климатските и еколошките прашања, би претставувало катастрофа не само за природата, туку и за економијата, вели водечката кандидатка на европските Зелени за изборите за Европарламентот во јуни годинава, актуелната германска европратеничка Тери Рајнтке во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА.

- Американскиот претседател Џозеф Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп ја посетија американско-мексиканската граница во ист ден, во време кога големиот прилив на мигранти стана едно од најважните прашања за гласачите. Бајден го посети пограничниот град Браунсвил, Тексас, со намера да ги потсети гласачите дека републиканците во Конгресот го отфрлија двопартискиот предлог за зајакнување на мерките за имиграција, откако Трамп им рече да не гласаат за законот, за Бајден да не постигне политичка победа.

- Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп, денеска изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден „мора да направи когнитивен тест“. -Џо Бајден треба да направи когнитивен тест. Можеби на тој начин би можеле да откриеме зошто носи толку ужасни одлуки, рече Трамп на својата социјална мрежа TruthSocial. Тој додаде дека веќе направил два теста - „двата без грешка“.

- Конгресот на САД донесе краткорочна финансиска мерка за да се избегне делумното затворање на американската федерална Влада, што ќе се случеше утре.  Американските медиуми пренесуваат дека усвојувањето на мерката овозможи една група федерални агенции да функционираат до 8 март, а други до 22 март. Усвојувањето на одлуката го поддржаа 77 членови на Сенатот, а 13 беа против. Претходно одлуката ја изгласа и Претставничкиот дом каде „за“ гласаа 207 демократи и 113 републиканци.  Со ова, се донесе времена мерка со која за седум дена се продолжи рокот што истекува денеска на полноќ.

- Вашингтон и Париз синоќа ги нарекоа „неодговорни“ зборовите на рускиот претседател, кој го предупреди Западот на реалниот ризик од нуклеарна војна доколку испрати свои војници да се борат во Украина и рече дека Москва има оружје да нападне цели на Запад. -Ова не е првпат да ја видиме неодговорната реторика на Владимир Путин. Вака не треба да зборува лидерот на земја со нуклеарно оружје, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

– САД ноќеска ја блокираа изјавата на Советот за безбедност на ОН, предложена од Алжир и поддржана од арапските земји, со која се посочува дека израелските сили се одговорни  за отворање оган врз Палестинците кои чекале да им се достави храна и друга хуманитарна помош во близина на градот Газа и за убиство на повеќе од 100 луѓе. Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, по вонредната затворена седница на Советот за безбедност на ОН изјави дека 14 од 15 членки на Советот за безбедност ја поддржале изјавата, пренесуваат американските медиуми.

- Германската влада ја зголемува за уште 20 милиони евра хуманитарната помош за луѓето во блокираниот Појас Газа, кој со месеци е подложен на непрестајно израелско бомбардирање, објави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, цитирана од ДПА. Сепак, тоа е далеку од доволно за да се задоволат потребите на жителите на Газа, нагласи шефот на германската дипломатија.

- Германскиот канцелар Олаф Шолц, за време на таканаречениот „Јавен дијалог“ во Дрезден, го повтори својот веќе познат став, да не се дозволи испраќање на ракетите “Таурус“ во Украина, објави Укринформ. Овој пат, аргументите на Шолц во поддршка на неговиот став беа дека ракетите од германско производство може потенцијално да се користат против цели во руската престолнина. Шефот на германската Влада изјави дека „Таурус“, чиј домет е до 500 километри, може да ја погоди која било конкретна цел во Москва, доколку се користи неправилно. Шолц додаде дека „и покрај сета дипломатска апстрактност, другите земји, исто така, се погрижија да знаат каде точно паѓаат нивните оружја.“

- Француското Министерство за вооружени сили ќе нарача 2.000 „камикази“ дронови од француско производство во наредните недели, а првите 100 од нив ќе и бидат доставени на Украина до лето, објави вчера францускиот министер за одбрана Себастиен Локарни. -Одлучив да нарачам 2.000 „камикази“ дронови и за потребите на француската армија и за Украина, рече министерот за време на посетата на фабриката на производителот на дронови Делер во Лабеж, на периферијата на Тулуз.

-Бројот на камиони кои доставуваат спасоносна храна, лекови и друга помош во Газа нагло се намали во последните недели. Ова е неприфатливо. Израелската влада мора веднаш да дозволи безбеден и непречен пристап до хуманитарна помош, рече Бербок.

- Ирскиот претседател Мајкл Хигинс ноќеска почуствувал слабост и бил примен во болница, каде му биле направени тестови, а првите резултати покажуваат дека неговата состојба е добра, соопштија од неговиот кабинет. Британските медиуми наведуваат дека претседателот Хигинс прво бил прегледан во неговата резиденција, каде што не бил идентификуван ургентен проблем, но била донесена одлука тој да замине во болница за да биде подложен на дополнителни тестирања.

 - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска изјави дека убиството на повеќе од 100 лица, кои чекале хуманитарна помош во Газа, е ситуација која бара ефикасна и независна истрага. Гутереш, во Сент Винсент и Гренадини, пред самитот на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите, изјави дека е „шокиран“ од последниот инцидент во војната меѓу Израел и Газа, пренесуваат британските меидуми.

- Во Иран денеска се одржуваат парламентарни избори, а врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи (84) беше еден од првите гласачи. Хамнеи ги повика граѓаните да гласаат што е можно поскоро, наведувајќи дека, како што рече, „и пријателите и непријателите на Иран ја следат излезноста“. -Направете ги вашите пријатели среќни и направете ги вашите непријатели безнадежни, додаде Хамнеи. Прелиминарните резултати од изборите во Иран се очекуваат во сабота.

- Најмалку 43 лица загинаа во пожар што избувна во шесткатен трговски центар во Дака, Бангладеш. Министерката за здравство, Саманта Лал Сен рече дека пожарот избувнал доцна синоќа во ресторан во трговскиот центар Грин Кози Котиџ и брзо се проширил на другите катови. До утрово, најмалку 43 лица починаа, а 22 други останаа со тешки изгореници и се во критична состојба. Тие се лекуваат во две поголеми здравствени установи. Причината за пожарот не е веднаш утврдена, но бригадниот генерал Мајн Удин, директор на противпожарната служба и цивилна одбрана на Бангладеш, рече дека тој може да потекнува од истекување на гас.

 - Поранешниот канадски премиер Брајан Малрони почина на 85-годишна возраст, објави неговата ќерка на социјалните мрежи. Брајан Малрони, роден во Квебек, ја водеше земјата од 1984 до 1993 година. Тој го одбележа канадскиот политички живот во 1980-тите, особено со потпишувањето на историскиот договор за слободна трговија со САД, што подоцна беше проширен и во Мексико

Остани поврзан