• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

27 ноември 2024

Скопје - Нашата визија е јасна, сакаме јавна администрација којашто ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност, истакна премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација. Конференцијата е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“. 

- Јавна администрација што нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори. Зборуваме за една важна тема, што со годините многу малку била предмет на студиозна анализа, ниту пак на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките што треба да се преземат за поголем квалитет на услугите, но и иновациите како важен предизвик на тој план, рече Мицкоски. 

Истакна дека ова е тема којашто не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, туку и го обликува лицето на државата.

Скопје - Во Македонскиот народен театар синоќа беа одбележани 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Јапонија. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изрази уверување дека и во иднина, низ заеднички дијалог и соработка, ќе работиме на континуитетот и желбата заеднички да ја градиме понатамошната културна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија.

Како што соопшти Министерството за култура и туризам, на одбележувањето на значајниот јубилеј присуствувале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дипломатскиот кор и комесарот за културна соработка на Јапонија Шуничи Токура.

Скопје - Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и  размената на информации е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.

Како што информира денеска Министерството за финансии, Димитриеска-Кочоска истакнала дека поддршката е потребна за сите земји.

- Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само законодавството што ќе се усвои, туку многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него, рече министерката Димитриеска-Кочоска. 

Скопје - Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од годинава. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари или зголемување за 7,4 проценти.

Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од годинава, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари, а на крајот на 2019 година изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од годинава, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, а на домаќинствата 995 милиони денари.

Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од годинава се забележува промена од 2,2 на 4,4 проценти.

Скопје - Државната награда „Св. Климент Охридски“ за  2024 година во областа на воспитанието и образованието ќе ја добие универзитетската професорка Маја Бојаџиевска, а во  областа на културата и уметноста - писателот Милован Стефановски, сликарот Мирослав Масин и актерот Рефет Абази.

Како што соопшти Министерството за култура, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, под претседателство на Томислав Османли, ја донел одлуката за годинашните лауреати на кои признанието ќе им биде врачено на 8 декември напладне во Собранието на Република Северна Македонија.

Белград - Српската опозиција денеска објави дека нема да учествува во работата на седницата на Парламентот каде треба да се гласа за предлог буџетот за 2025 година. Во салата се распоредени повеќе од 20 припадници на обезбедувањето, јавија белградски медиуми. Дел од пратениците објавија дека на зградата на Парламентот има и снајперисти. 

Пратеникот во српскиот Парламент Стефан Јањиќ (Србија Центар) покажа кривична пријава поднесена против претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, поради основано сомнение дека ја злоупотребила службената положба и несовесното работење во службата.

„Впрочем, по злосторството во Нови Сад што се случи на 1 ноември, го искористивме механизмот со кој располагаме, а кој е предвиден со Уставот на Република Србија, како и со законот за влада, кој е дека можеме да поднесеме предлог за гласање недоверба на премиерот Милош Вучевиќ, бидејќи сметаме дека тој е на чело на институцијата која е одговорна за она што се случи во Нови Сад, токму затоа што некогаш беше градоначалник на Нови Сад“, рече тој.

Загреб - Туризмот сочинува една петтина од економијата на Хрватска, а зад нас имаме успешна туристичка година, како што покажуваат бројките. Подобро беа исполнети сместувачките капацитети кои се поквалитетни. Хотелите со 5 ѕвезди биле пополнети за 96,5 отсто во средината на август, а хотелите со 4 ѕвезди за 92,5 отсто, изјави Вељко Остојиќ, директор на Хрватското туристичко здружение на 26-от Конгрес на хотелиери.

Тој наведува дека глобалната геополитичка ситуација ни носи одредена доза на неизвесност, имајќи предвид дека економските движења, вели, не се најдобри, особено во Германија и затоа е исклучително важно да се зајакне инвестицискиот циклус во хотелиерството и поттикнување на работата на локалното население и обезбедување побрзо добивање работни дозволи за странски работници. 

Министерот за туризам и спорт, Тончи Главина, признава дека не било лесно во претходната сезона и дека претстојат тешки години, јавија хрватските медиуми.

Атина – Кафулиња, ресторани, минимаркети, аптеки, бензински пумпи, се меѓу 50 бизниси во Солун кои ќе бидат означени како „засолништа“ за жртви на родово насилство, односно ќе бидат безбедни простори за луѓето во опасност сè додека не добијат соодветна помош и за таа цел ќе бидат означени со специјални налепници, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, конкретната кампања е по иницијатива на непрофитната и невладина организација „Ирида-Центар за жени“ во Солун, а доаѓа откако во март во центарот на Солун беа нападнати две лица од ЛГБТ заедницата и беа засолнети во ресторан, а пред неколку години келнерка во кафуле во Атина спаси малтретирана жена.

Иницијативата била соопштена на настанот „Солун го крева гласот против родовото насилство“ во организација на Општина Солун, Генералниот конзулат на САД во Солун и невладината организација.

Брисел - Шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен денеска нагласи дека Европската унија мора брзо да ги зголеми трошоците за одбрана на ривалските руски нивоа, предупредувајќи дека блокот „нема време за губење“ додека беснее војна на нејзините граници.

„Мораме да бидеме толку амбициозни колку што се сериозни заканите“, рече фон дер Лајен пред Европскиот парламент пред гласањето за потврда за нејзиниот нов тим.
Таа нагласи дека „нешто не е во ред“ кога Русија троши до девет проценти од БДП за одбрана. наспроти 1,9 проценти на ЕУ. 

Брисел - Борбата за слобода „не поврзува како Европејци“ и таа е причината за постоењето на нашата Унија и денес станува нејзина движечка сила повеќе од кога било досега, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во пресрет на денешното гласање за одобрување на новиот Колеџ на комесари.  

- Оваа борба за слобода не се однесува само на нашите 27 земји членки. Сонот за Европа се протега до Западниот Балкан, до Украина, до Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во продолжувањето на нивниот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да се држи до својата европска иднина. Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви да се приклучи на нашата Унија, нагласи Фон дер Лајен.  

Таа нагласи дека Русија нема ништо да ја запре во напорите за да ги спречи овие земји да имаат европска иднина, но посветеноста на Европа кон нив секогаш ќе биде посилна од обидите на Москва.  

Брисел - Согласно одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ, почнувајќи од оваа недела 19 „многу големи онлајн платформи“ и „многу големи пребарувачи“ треба да ги објават своите први годишни проценки на ризик и ревизорски извештаи, соопшти Европската комисија.  

Овие извештаи мора да вклучуваат проценки за идентификуваните ризици што произлегуваат од нивните услуги, како ширењето на илегални содржини, дезинформации, лажни вести и говор на омраза или злоупотреба на малолетници. Дополнително, во извештаите треба да бидат наведени и мерките што платформите и пребарувачите ги вовеле за ублажување на последиците од идентификуваните ризици. 

Брисел - Европскиот парламент на денешното продолжение на овонеделното заседание во Стразбур треба да гласа за одобрување на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен со мандат за следните пет години. 

Сесијата ќе започне со тричасовна дебата на европратениците со Фон дер Лајен околу составот и програмата за работа на новата Европска комисија, по чие завршување ЕП ќе треба да гласа за нејзино одобрување во пакет. 

За да биде одобрена, новата Европска комисија треба да добие мнозинство од гласовите на европратениците што ќе учествуваат во гласањето.

Москва - Русија продолжува со работата на оперативната подготвеност на најновиот ракетен систем „Сармат“, изјави командантот на Ракетните сили за стратешка намена, Сергеј Каракаев.

Според него, ракетните системи „Јарс“ и „Авангард“ веќе се дел од борбениот состав на Ракетните сили, додека работата на „Сармат“ продолжува, пренесува ТАСС.

Каракаев истакна дека реализацијата на државната програма за модернизација овозможила стабилен напредок во опремувањето на ракетните полкови, и дека моментално повеќе од 88% од системите во борбената готовност се современи модели.

Западни медиуми потсетуваат дека ракетата РС-28 „Сармат“ е наменета за лансирање на нуклеарни боеви глави кон цели на илјадници километри оддалеченост во САД или Европа, но нејзиниот развој е проследен со одложувања и неуспешни тестирања.

Сеул - Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, денеска се евидентирани најсилните снежни врнежи за месец ноември во историјата, а лошото време предизвика застој во сообраќајот, прекин на електричната енергија и откажување на стотици летови. Властите најавуваат дополнителни снежни врнежи во наредните денови.

Најмалку две лица загинаа во сообраќајни несреќи на автопатите источно од главниот град, додека парчиња конструкции кои паѓале од згради и градилишта поради силниот ветер, повредиле неколку пешаци во Сеул, пренесе Ројтерс повикувајќи се на јужнокорејски медиуми.

Студениот воздух од северозапад го претвори дождот во снег во текот на ноќта, формирајќи снежна покривка од 18 сантиметри до 15 часот по локално време – најголеми снежни врнежи во Сеул од 1907 година, кога започнало мерењето, соопшти јужнокорејската метеоролошка агенција.

Вашингтон - Министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 ја осудија „неодговорната и заканувачка нуклеарна реторика“ на Русија. Во документот објавен синоќа, тие исто така истакнаа дека поддршката што Северна Кореја ја дава на Москва претставува опасна ескалација на конфликтот и закана за безбедноста на Европа и индотихоокеанскиот регион.
 
Групата од седумте економски најразвиени демократии е составена од Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД. Шефовите на дипломатиите од овие земји ја повикаа Кина да стави до знаење дека е против вовлекувањето на Северна Кореја во војната во Украина.
 
-Користењето балистичката ракета со среден дострел од страна на Русија на 21 ноември е уште еден доказ за нејзиното безобзирно однесување насочено кон ескалација на конфликтот, се нагласува во осудата.  

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го избра истакнатиот лекар и критичар на мерките за изолација поради Ковид-19, Џеј Батачарја, за директор на Националниот институт за здравје, водечка агенција за медицински истражувања во земјата.

„Д-р Батачарја ќе работи во соработка со Роберт Ф. Кенеди Џуниор на медицински истражувања и на важни откритија кои ќе го подобрат здравјето и ќе спасат животи“, објави Трамп.

Батачарја (56), американски професор по медицина, економија и здравствена политика на Универзитетот Стенфорд, се спротивстави на мерките за изолација и задолжителната вакцинација за време на пандемијата со Ковид-19.

Аман - Јордан денеска соопшти дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанската групација „Хезболах“, која е поддржана од Иран, треба да послужи како поттик за засилување на меѓународните напори за завршување на војната во Газа.

Во официјалното соопштение од Кралството се наведува дека прекинот на огнот е прв чекор за спречување на ескалацијата на тензиите во регионот, која претставува закана за мирот и безбедноста.

Teл Авив - Израелските одбранбени сили (ИДФ), по стапувањето на сила на примирјето, испукаа предупредувачки истрели кон, како што рекоа, членови на Хезболах во селото Кфаркела во Либан, објавија израелските медиуми.

„Кан њуз“ објави дека во последниот час ИДФ идентификувала неколку возила со можни членови на Хезболах. Возилата биле во забранетата зона. Силите на ИДФ пукаа за да го спречат нивното пристигнување во областа.

ИДФ соопшти дека израелските воздухопловни сили се подготвени за акција, додека територијата на Либан и израелскиот одбранбен систем се во состојба на висока готовност.

 

Остани поврзан