• петок, 06 февруари 2026
МИА Општински пул

6 февруари 2026 

Охрид - Шеесет годишно лице од Охрид, вработено како инженер по агрономија во фабрика за одгледување на медицински канабис во Ново Село, општина Дебрца, е лишено од слобода.

Причина за приведувањето е што при претрес на неговото пристојувалиште во Охрид била пронајдена марихуана што тој како вработен неовластено ја изнел од фабриката каде бил работно ангажиран, со цел користење и натамошна продажба.

Пронајдената марихуана е запленета, а лицето е лишено од слобода.

Против него ќе биде порнесена кривична пријава за основано сомнение дека е сторител на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик и по член 95 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

Прилеп - По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на Прилеп - Дувачкиот оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп.

- Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Големо е задоволството од фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век, рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски кој присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар.

Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.

Тетово - За луѓето со договор на дело кои во декември 2025 останаа без трајни вработувања во Клиничка болница Тетово продолжува процесот со цел и за нив да се обезбеди решение за постојан работен статус. Вака одговори министерот за здравство Азир Алиу за тоа што ќе се случува со 40-тина лица медицински персонал и технички кадар кои во јануари и февруари одат на работа и без договор на дело.

- Процедурите после Нова година значи во новата фискална година се дека треба да бараат институциите мислење до нас, до Фондот и до Министерство за финансии. Тоа веќе директорот го направи, процедурите се во тек завршен и ценам за кратко време, ако не е веќе и завршено ќе треба да се потпишат договорите. Исто така, напомнувам дека тие договори, ние работиме да бидат трајно вработени се со цел да може да инвестираме во човечки капацитети и тие да бидат спокојни има некоја политичка промена тие ќе бидат дел од здравството и нема да зависат и да бидат злоупотребени уште еднаш за жал како што беа досега злоупотребени, рече министерот за здравство Азир Алиу.

Скопје - Советот на Општина Карпош заседаваше по осми пат, каде советниците разгледуваа 23 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока поддршка доби Одлуката со која Општина Карпош отстапува дел од спортската сала „Партизан“ која е во нејзино владеење, на времено користење од 3 години без надоместок, за намена Младински центар – Карпош. Оттука, Општината во претстојниот период ќе распише јавен повик за избор на младинска организација, која ќе раководи со младинскиот центар. На тој начин локалната самоуправа ќе овозможи простор со големина од 270 м2 за младите лица на возраст од 15 до 29 години, каде ќе се јакнат нивните индивидуалните вештини за вработување, преку организирање на креативни работилници и други техники за унапредување на формалното и неформалното образование, се наведува во соопштението од Општина Карпош, што МИА го објавува во интегрална форма.

Со мнозинство гласови, членовите на Советот ја поддржаа и Одлуката за едногодишно отстапување на простор во спортската сала „Партизан“, во чии рамки ќе функционира канцеларија на Ресурсниот центар – Карпош. И за оваа намена Општина Карпош ќе објави Јавен повик за невладини организации и граѓански здруженија, кои би биле дел од Ресурсниот центар. Основната дејност на Центарот ќе биде здружено делување преку вмрежување и аплицирање на проекти кои би биле од нивни интерес, како и од интерес на локалната самоуправа и на граѓаните. Поддршка доби и Предлог – Одлуката со која Општината ќе му отстапи на Црвениот Крст на Град Скопје, просторија во салата „Партизан“ која ќе може да ја користи до една година, без никаков надоместок. На таа локација, Црвениот Крст на Град Скопје ќе ја реализира услугата ,,Помош и нега во домот “.

Пустец - Новиот префект на округот Корча, каде територијално припаѓа Општина Пустец, Флоринда Зегуљај, беше во посета на оваа општина, каде покрај другото имаше средба со градоначалникот Пали Колефски.

-Задоволство ни беше да го пречекаме новиот прв човек на округот Корча, Флоринда Зегуљај, на која од свое и од име на администрацијата и жителите на нашата општина ѝ посакав успех во нејзината нова должност и изразив уверување дека институционалната соработка ќе биде плодотворна, во служба на заедницата, рече Колефски .

Додаде, дека, за време на средбата, ги презентирал приоритетите и плановите за развој на неколку клучни проекти оваа година, а посочил и некои од најважните атракции на општината, кои бараат инвестиции и внимание.

Скопје - Поради изведување градежни активности од понеделни, 9 февруари се воведува едногодишен времен сообраќаен режим на улицата „Лазар Трпевски“, по старо улица „Ферид Мурат“, во општина Чаир. 

-Согласно издадено Одобрение за времена измена на режим на сообраќај од Град Скопје со број 15-13418/4 од 2 февруари 2026 година, Ве известуваме дека на ден 9 февруари 2026 година ГД „Гранит“ АД Скопје ќе започне со градежни активности кои се однесуваат на изградба на улица „Лазар Трпевски“ (улица „Ферид Мурат“), Општина Чаир во Скопје. Времениот режим ќе се одвива во период од 9 февруари 2026 година до 2 февруари 2027 година, соопшти ГД „Гранит“ АД Скопје.

Куманово - Четириесет ученици од кумановските основни и средни училишта се отпишале, информираа денеска од секторот за образование од општина Куманово. Од секторот велат дека од основните се испишале 38 ученика, додека од средните двајца.

- Од основните училиште се испишале 38 ученици од кои 29 поради преселба во друга општина во рамки на границите на државата и девет поради преселба во друга држава. Во средните училишта во првото полугодие се испишале два ученика поради преселба во друга држава, заклучно со ден 05.02.2026 година, информираат од секторот за образование.

Куманово има 21 училиште, од кои пет средни.

Кочани - Поради интервенции на водоводната мрежа воведен е привремен прекин на сообраќајот на дел од улицата „Димитар Влахов“ во Кочани. Затворен е потегот од кракот на улицата „Маршал Тито“ кај Катастарот, сè до кружниот тек во Стришани.

Екипи на КЈП „Водовод“ работат на отстранување на дефектот и обезбедување непречен проток на сообраќајот. Надлежните служби апелираат за зголемено внимание и почитување на сообраќајната сигнализација од страна на сите учесници во сообраќајот. 

Кавадарци - Кавадарчанец се заканувал преку коментар на страницата на МВР, ќе му биде поднесена пријава, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.

- Синоќа во 19:35 часот во ОВР Кавадарци, полициски службеници извршиле службен разговор со А.Х.(35) од Кавадарци. Тој на објава на официјалната фејсбук страна на Министерството за внатрешни работи, напишал коментар со заканувачка содржина. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против А.Х. ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес.

Струга - Струшката полиција при контрола во сообраќајот на регионалниот пат Струга - Дебар, затекнала 33 годишно лице од селото Корошишта како управува моторно возило со забрана за возење, возилото му било одземено, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата вчера во 9 часот и 25 минути, при контрола во сообраќајот близина на струшкото село Драслајца, полициските службеници сопреле патнички автомобил „Голф“ со струшки регистарски ознаки, управуван од Д.С.(33) од селото Корошишта. 

- Констатирано е дека тој, возилото го управувал иако претходно му била изречена санкција забрана на управување со моторно возило од Б-категорија во времетраење од четири месеци. По насоки на јавен обвинител, возилото е одземено и по целосно документирање на настанот, против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во информацијата.

Охрид - Едно лице е повредено при експлозија во станбен објект во охридското село Велогшти.

Како што соопштија од Територијалната противпожарна единица од Охрид, експлозијата била предизвикана од повеќе фактори кои придонеле за детонацијата, настаната поради истекување плин.

Од силината на детонацијата е оштетен објектот, автомобил паркиран во непосредна близина, додека повредената жена е згрижена од екипа на Службата за итна медицинска помош.

Охрид - Специјална единица на Армијата на Кралството Белгија од утре заклучно со 20 овој месец ќе спроведува активности за обука на вода на Охридското Езеро, во подрачјето на Охрид и кај струшкото село Радожда.

Како што соопштија од Секторот за внатрешни работи -  Охрид, во рамки на вежбовните активности предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.

Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.

Кавадарци - Без положен испит возел опел, кавадарчанец бил лишен од слобода, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес. 

-Вчера во 10:15 часот на улица „Западен булевар“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Ш.Ј.(42) од Кавадарци. При контрола во сообраќајот било сопрено патничко возило „опел“ со кавадаречки регистарски ознаки, кое го управувал Ш.Ј., при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Тој бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено, соопштија од СВР Велес.

Делчево - Општина Делчево денеска потпиша Меморандум за соработка со Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ од Кочани. Целта, како што истакна градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, е зајакнување на безбедноста и заштитата на граѓаните и посетителите, особено во планинските подрачја.

-Зголемениот развој на туризмот, а особено планинскиот туризам, како и сè поголемиот број љубители на природата, наметнува потреба од поголема подготвеност и одговорност во обезбедувањето навремена и ефикасна помош при несреќи и вонредни состојби. Со Меморандумот се предвидува заедничко и координирано имплементирање на активности насочени кон подобрување на безбедноста на планина, истакна Гоцевски.

Дебар - Општина Дебар преку официјална реакција ги отфрла, како неточни и злонамерни, информациите објавени на социјалните мрежи, во кои се тврди дека од Општина Дебар биле „вратени околу еден милион евра“ и дека средствата „биле вратени поради нереализирање на проекти“. 

- Ја информираме јавноста дека овие тврдења се целосно невистинити и претставуваат дезинформација. Сите проекти за кои станува збор се потпишани со Министерството за транспорт и се архивирани согласно законските процедури, со рок за реализација до 2028 година. Проектите се во тек на реализација и се планирани да се спроведуваат во две фази, согласно утврдената динамика, стои во објавената реакција на Општина Дебар.

Гостивар - Жител на гостиварско Чегране е лишен од слобода, откако при контрола на сообраќајната полиција било утврдено дека нема возачка дозвола.

Според портпарлот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, вчера попладне во 16:45 часот на магистралниот пат Гостивар-Стража, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Ф.А.(24) од селото Чегране, гостиварско.

- При контрола во сообраќајот, полициски службеници запреле патничко возило „ауди“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ф. А и по извршени проверки е констатирано дека го управувал возилото без положен возачки испит. Возилото било одземено, изјави за МИА, Фатмир Реџепи портпарол на СВР Тетово.

Кочани - Центарот за култура „Бели мугри“, во соработка со семејството Јорданови, подготвува проект од културата во чест и за спомен на Сара Јорданова, средношколка во кочанската гимназија, која почина во трагедијата во „Пулс“ од 16 март минатата година. Станува збор за хуманитарна групна ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“, со поднаслов „За децата, за животот, за трагата“.

На изложбата ќе има поставка од дела насликани од Сара и од нејзината мајка Лидија Јорданова. Ќе можат да се купат репродукции од овие слики.

Освен ова, ликовни уметници од градот и од различни делови на државата имаат најавено учество на оваа изложба со свои слики. Се предвидуваат и други содржини...

Тетово - Во Клиничката болница - Тетово денеска свечено беа пуштени во употреба новите простории на регионалниот тетовски центар на Институтот за трансфузиона медицина. Од Министерството за здравство информираа дека реконструкцијата на новите простории почнала на почетокот на 2024 година, а Институтот има вложено речиси 8,3 милиони денари.

- Тетовскиот центар е еден од четирите центри на Институтот за трансфузиона медицина, меѓу кои спаѓаа штипскиот, битолскиот и скопскиот како централен. Ланската година беше рекордна со оглед на бројот на дарители што даруваа во нашиот Институт и изнесува 60.222. Интенцијата и заложбата е и оваа година да имаме повеќе и поголем број дарители затоа што хируршките клиники, особено онколошките болни пациенти, чекаат на нас за крв и крвни продукти, а тука спаѓаат и интерните гранки, особено хематологијата, која има побарувачка од крв - истакна Амир Ељези, директор на Институтот за трансфузиона медицина.

Штип –Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип посети 30 средни училишта на територија на цела држава, со порака дека инвестицијата во знаењето е инвестиција во иднината на младите. Од УГД-Штип информираат дека учениците имаа можност директно да се запознаат со студиските програми, студентскиот живот и можностите што ги нуди еден современ, европски ориентиран универзитет. Посочуваат дека преку интерактивни работилници, отворени дискусии и презентации, младите добија реална и автентична слика за академскиот свет, но и поддршка во процесот на избор на својата идна професионална патека.

- Посебна вредност на оваа иницијатива претставува интерактивниот и ученик-ориентиран пристап, кој значително го зголеми интересот и активното учество на средношколците. Наставничкиот кадар, заедно со студентите-волонтери, споделија лични искуства од студентскиот живот, практичната настава, мобилностите преку Еразмус+ и можностите што ги отвора членството во Европската универзитетска алијанса ACE²EU, соопштуваат од УГД-Штип.

Гостивар - Амбасадорот на Република Италија во Северна Македонија, Паоло Палминтери, денеска беше во посета на Општина Гостивар и се сретна со градоначалникот Ваљбон Лимани.

На средбата амбасадорот Палминтери ја потврди постојаната поддршка на италијанската држава за Северна Македонија и беше потенцирано зајакнувањето на соработката со Општина Гостивар. Амбасадорот пројави интерес за придонес во процесот на образованието и вклучување на италијанскиот јазик во училиштата во земјата како мост на поврзување меѓу двете земји.

Дебар - Македонското друштво „Илинден“-Тирана, чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, денеска одбележува 17 години од формирањето.

- На денешен ден 2009 година нашето друштво е регистрирано во Основниот суд во Тирана. Во изминатите 17 години посебно внимание им посвети на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник. Како претседател на друштвото заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, како и со меѓународни организации, информираше Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Берово - Општина Берово, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објави Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3), која е финансирана од Европската Унија.

Целта на програмата е зајакнување на соработката меѓу општината и граѓанските организации, преку транспарентна распределба на средства и поголемо учество на граѓаните во процесите на креирање јавни политики на локално ниво. Право на учество имаат граѓански организации кои ќе аплицираат со проекти во следните приоритетни области: локален економски развој и туризам, култура и културно наследство, социјална заштита и човекови права, животна средина, енергетска ефикасност и климатски промени, како и млади и спорт.

Скопје - Градоначалничката на општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и градоначалникот на општина Сопиште Јане Мицевски денеска извршија увид на областа Теферич, каде со заеднички ресурси почнува да се работи на расчистување на теренот.

- На барање на жителите, ангажиравме багери и скипови за отстранување на депониите со шут и отпад, додека екипите со тримери ги уредуваат обраснатите јавни површини. Во акцијата се вклучени 40 работници кои активно работат на расчистување на насобраниот отпад. Ова е дел од пошироката генерална акција која веќе една недела ја спроведуваме во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ низ населбите и населените места во општина Кисела Вода, се вели во објавата на Стаменкоска Трајкоска на Фејсбук.

 

Остани поврзан