МИА Општински пул
- 6 февруари 2026
6 февруари 2026
Кавадарци - Оштетен е преминот на реката Блашница поради надојдена вода, се работи за реката што се влева во Тиквешко Езеро, а немањето премин им отежнува на луѓето да стигнат до другата страна на реката. Оваа информација ја потврдија денеска за МИА, од месната заедница на село Клиново.
- Како последица од надојдената поголема количина на вода во реката, а поради врнежи од дожд и топење на снегови, оштетен е преминот, пред вливот на реката во езерото, појаснија од месната заедница.
За новото оштетување на преминот го известиле градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Куманово - Малолетно лице е повредено откако во него удрил автомобил во Куманово, соопшти денеска полицијата.
-Вчера во 19:10 часот во СВР Куманово пријавено e дека на булевар „Октомвриска револуција“ во Куманово се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „голф“ управувано од С.В.(23) удрило во малолетно лице, соопшти полицијата.
Скопје - Без вода денеска од 10:00 часот ќе останат дел од жителите на Стајковци. Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок на улицата „1“ број 25 и на улицата „2“ број 9б во Стајковци.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.
Скопје - Општина Илинден и понатаму активно инвестира во подобрување на воспитно-образовниот процес. Со нови конкретни инвестиции во ООУ „Ристо Крле“ во населените места Бунарџик и Кадино, Општината уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на образовниот процес и подобрување на условите за учење во сите делови на општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во реализираните активности во подрачното училиште во н.м. Бунарџик, при што истакна дека инвестициите во образованието се еден од највисоките приоритети на локалната самоуправа.
„Годината ја започнуваме стабилно и одговорно, со вложувања во најмладите и најважни жители на нашата општина. Ќе продолжиме континуирано да работиме на подобрување на воспитно-образовниот процес и создавање современи услови за сите ученици“, нагласи градоначалникот Георгиевски.
Скопје - ЈП „Комунална хигиена“-Скопје соопшти дека нивните екипи во текот на првиот месец од 2026 година подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.
Отстранети се и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.
Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници - вкупно 32 - се врачени во скопската општина Чаир.
Скопје - Без вода денеска од 8:30 часот се дел од жителите на село Драчево.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради промена на воздушен вентил на улицата „Јустинијан Први“, кај мостот. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.
Битола - На 6. февруари 1945 година во битолската гимназија, за прв пат во едно македонско средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик.
На првиот наставнички совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре биле донесени шест одлуки, меѓу кои и одлуката, на 6 февруари во гимназијата во Битола да се одржи првиот наставен час на современ македонски јазик.
- Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето, задачите и улогата на гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш по прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните, се нагласува во монографија на гимназијата.
Скопје - Поради уличен дефект на цевка со пречник од 80 милиметри на улицата „Св. Кирил и Методиј“ бр. 48, денеска од 8:30 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата „Димитрие Чуповски“, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар во Општина Центар.
Како што информираат од ЈП Водовод и канализација – Скопје, корисниците ќе бидат без водоснабдување до завршување со санација на дефектот.