• среда, 04 февруари 2026
МИА Општински пул

3 февруари 2026 

Струга - Струшката полиција лишила од слобода жител на селото Велешта, во возилото во кое се наоѓал биле пронајдени дрога, оружје и муниција, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Според информацијата, вчера во 17 часот и 20 минути на улица „Партизанска“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода Ф.Ж.(37) од струшкото село Велешта. 

- При преглед во паркирано патничко возило „дачиа дастер“ со албански национални ознаки, во кое тој се наоѓал, полициските службеници, пронашле отворен патнички куфер и ќеса со марихуана, додека во багажниот простор биле пронајдени пакување со бела прашкаста материја, два пиштоли, 105 куршуми различен калибар, дигитална вага и други предмети, стои во соопштението на МВР. 

Пронајдените работи, како што е наведено, биле одземени и по целосно документирање на настанот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Куманово - Почна изградбата на водоводната мрежа на дел од булеварот „Октомвриска револуција“, соопшти денеска кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.  Пробивањето на трасата на „Октомвриска револуција“ во текот на летниот период беше одложена,  поради метежот во средината на август.

Надлежните од општината очекуваат дека со изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ со улиците „Доне Божинов“ и „Братство и единство“ ќе се намали сообраќајниот метеж во Куманово. Како што претходно соопштија од Секторот за комунални дејности, за овој проект одвоени се приближно 27 милиони денари, со вклучен данок на додаде вредност.

Проектот опфаќа реконструкција на дел од улиците кои гравитираат на тоа подрачје, современо осветлување, асфалтирање. Претходно, општината во неколку наврати одвои средства за експропријација на земјиштето, изработка на техничка документација.

Крива Паланка - Десетина жени од Крива Паланка и околината учествуваа на работилница за родова еднаквост и дигитална писменост во рамки на едукативните активности што ги спроведува здружението „Спасител - Служба за спасување и помош“ од Крива Паланка.

Работилниците и обуките се дел од проектот „Биди модерен - научи“ кој овозможува подобро разбирање на негативните последици од несоодветно користење интернет и социјални мрежи, како и согледување на потребата од внимателно и одговорно дигитално однесување.

-Општина Крива Паланка дава поддршка на активности кои придонесуваат за унапредување на родовата еднаквост и креирање подобри можности за жените во заедницата. Повеќето учесници беа во позрели години и изнесоа свои лични искуства, поставувајќи конкретни прашања за тоа како да препознаат несоодветни состојби и ситуации при онлајн комуникација на социјалните мрежи, се интересираа за тоа колку се безбедни нивните лични податоци, за видот и коректниот процес и постапка при онлајн комуникација, а прашањата соодветно им ги одговорија проектниот координатор Сашо Цветковски, од „Спасител“, предавачот Жаклина Алексовска и секако, добија адекватни одговори и насоки од моја страна, информира Гордана Ристовска, координатор за еднакви можности во Општина Крива Паланка.

Штип - Објавен е првиот јавен повик за продажба на градежно земјиште за оваа година, во индустриската зона во Три Чешими во Општина Штип, информираше на денешната прес-конференција Секретарот на општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова. Таа истакна дека станува збор за две градежни парцели и се со намена лесна преработувачка индустрија. 

-Овие градежни парцели се со различни површини, една од нив е со површина од 3.600 квадратни метри, другата е со површина од 9.500  квадратни метри. Истите нудат можност за изградба на приземје и два ката. Почетната цена на јавното надавање изнесува 61 денар за метар квадратен, вели Шорова-Ангелова. 

Заинтересираните инвеститори апликациите за купување на овие две градежни парцели можат да ги достават до 23 февруари, а јавното надавање ќе се одржи на 25 февруари. Инаку станува збор за парцели кои се наоѓаат покрај регионалниот пат Штип-Свети Николе, а имаат и сообраќјна врска со автопатот Штип-Миладиновци и експресниот пат Штип-Радовиш. 

Кавадарци - Четири општини од Тиквешко со подготовки за Свети Трифун, празникот заштитник на лозарите и винарите. Од локалните самоуправи Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија најавуваат многубројни настани за достојно одбележување на традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Се верува дека празникот е заштитник на лозјата од мразови, суша, болести и штетници, секаков вид невреме. Со празнувањето на овој празник се верува дека годината за лозарите и винарите ќе биде родна, плодна и бериќетна, ќе се добијат високи и квалитетни приноси од грозје и ќе се произведе квалитетно вино.

Празникот Свети Трифун е ден на лозјето, надежта, велат од средното земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“, кое постои 70-ина години, во изјава за МИА. Од таму потврдуваат дека и годинава продолжуваат со традиционалното одбележување на празникот.

- Во февруари е студено, но во срцата на луѓето тлее надеж. Ова не е обичен ден, ова е денот на свети Трифун, ден кога земјата се благословува, а човекот се потсетува на трудот, верата и љубовта. Луѓето се собираат во лозјето со молитва, со почит и со љубов, како што правеле со векови - истакнуваат од училиштето.

Притоа нагласуваат дека секоја година на овој ден симболично се почнува со работата во лозјата за новата производствена сезона со молитва.

Струмица - Врнежите од дожд од снег ги полнат хидроакумулациите во Струмичко, од кои, заради сушниот период лани, во сезоната на наводнување имаше распоред за пуштање вода од по три дена за повеќе атари во регионот, а годинава нема да има проблеми за земјоделците.

Според раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“, Томе Спасов,врнежите ги полнат акумулациите, а неколкуте помали веќе преливаат.

- Според мерењата во најголемата акумулација „Турија“ имаме 27,3 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони. Во „Водоча“ се измерени 11,1 милиони кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода, информираше Спасов.

Додава дека за претстојната сезона за наводнување на посевите добро е што и помалите акумулации „Новоселка“, „Чаушица“, „Иловица“ и „Маркова река“ се целосно наполнети,а од последните врнежи веќе и прелеваат.

Инаку, за споредба лани во ноември во „Турија“ имало собрано 11,1 милиони кубни метри, а во „Водоча“ 9 милиони кубни метри вода.

Кавадарци - Претрес бил извршен во дом на млад кавадарчанец, при што одземени биле предмети под сомнеж дека се од кражби, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Денеска, полициски службеници од ОВР - Кавадарци извршиле службен разговор со Б.Б., на возраст од 29 години од овој град. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела „кражба“. Одземеното ќе биде вратено на сопствениците, соопштија од СВР - Велес.

Оттаму додадоа дека известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биле поднесени соодветни поднесоци.

Куманово - Одложено е судењето за обвинетата Вангелица Илијевска, која предминатата година ги уби својот сопруг и свекор во семејн ата куќа во Кратово. Од Основниот суд Куманово информираа дека судењето се одложува, бидејќи треба да се направи супервештачење на Клиниката за психијатрија за обвинетата  Илијевска.

На претходното рочиште судот ја донесе одлуката по барање на обвинителството, со образложение дека новото мислење ќе ги отстрани сите евентуални недоречености, пропусти и можни различни правни квалификации произлезени од претходното вештачење подготвено на барањето на одбраната на Илијевска. Одбраната, рече дека и во двете вештачење предложени и од обвинителството и од одбраната, психијатрите укажале дека поради конфликт на осомничената и жртвите и чувството на загрозеност на физичкиот интегритет довело до афективна ерупција и силна раздразнетост.

Обвинителството бара Илијевска да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана.

Јавниот обвинител во воведниот говор кажа дека Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован. Наредното рочиште е закажано за април, годинава. 

Скопје - Во Општина Кисела Вода денес беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединетата македонска дијаспора - подружница Македонија, со кој се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.

Со потпишувањето на меморандумот почнува имплементацијата на проектот STAR FOR LIFE, кој предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата - булингот и врсничкото насилство.

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоск, заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединетата македонска дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето Елена Симоновска, дискутирале за програмата, која има цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.

Остани поврзан