• четврток, 05 февруари 2026
МИА Општински пул

5 февруари 2026 

Кавадарци - Дел од Кавадарци од утре ќе биде затворен за сообраќај поради градежни активности, информираа денеска од локалната самоуправа.

- Поради започнување на градежни работи, од утре улицата „Миле Вчков“ ќе биде целосно затворена за сообраќај, на делницата од спојот со улицата „Браќа Хаџитефови“ до спојот со улицата „Тиквешко востание“. Сообраќајот од улицата „Браќа Хаџитефови“ ќе биде пренасочен кон улицата „Ило Костов“, каде за времетраење на градежните активности ќе се одвива двонасочен сообраќај, а паркирањето нема да биде дозволено, појаснија од Општина Кавадарци.

Од локалната самоуправа побараа од граѓаните трпение и почитување на привремената сообраќајна сигнализација. 

Куманово - Општинската организација на Црвениот крст Куманово во текот на минатата година реализирала 37 организирани крводарителски акции, во кои биле евидентирани вкупно 2.966 крводарувања, информираа денеска од организацијата. Ова претставува пораст во однос на 2024 година, кога биле регистрирани 2.771 крводарување во рамки на 29 акции.

Според податоците од Црвениот крст, зголемувањето се должи на поголемата вклученост на граѓанските организации и приватните компании кои започнале да организираат крводарителски акции. На одделението за трансфузиона медицина при Општата болница во Куманово, крв најчесто даруваат редовни крводарители.

– Граѓаните сè повеќе ја препознаваат хуманата димензија на крводарувањето. Тоа е резултат на континуираните апели на нашата организација, одличната соработка со Институтот за трансфузиона медицина и поддршката од медиумите, изјави секретарот на Општинската организација на Црвениот крст Куманово, Ива Младеновска.

Во текот на јануари биле реализирани две редовни крводарителски акции – една во приватна лабораторија и една со членовите на рибарското друштво „Мак Дам“. Во февруари е одржана акција со членовите на здружението „Сила“, а во наредниот период се очекува крводарување од припадниците на Армијата и членовите на „Коледарскиот клуб“.

Кочани - Доброволното противпожарно друштво Кочани од денеска е побогато за уште едно противпожарно возило, кое пристигна од Унтершлајсхајм, Германија. Станува збор за донација од Доброволното противпожарно друштво Унтершлајсхајм. 

Возилото е марка „Mercedes-Benz“ и претставува автоцистерна со капацитет од 5.000 литри вода и погон на сите шест тркала (6x6), што го прави особено соодветно за интервенции при пожари на отворен простор и шумски пожари. Ова е седмо противпожарно возило во возниот парк на ДПД Кочани.

Од друштвото информираат дека трошоците за транспорт, како и обврските за плаќање на данок и царински давачки, биле целосно покриени од страна на ДПД Кочани.

-Со ова возило, ДПД Кочани значително ги зголемува своите оперативни капацитети, како и ефикасноста и брзината на интервенција на терен. Традиционално, новото возило беше свечено пречекано од останатите возила од возниот парк со воден мост, истакна денеска претседателот на кочанските доброволни пожарникари, Златко Илијев. 

Кочани - Поради претстојниот хуманитарен фудбалски натпревар меѓу ГФК „Осогово“ и ФК „Вардар“, кој ќе се одржи во сабота, на 07.02.2026 година, саботниот „Марш на ангелите“ ќе биде одложен, информира здружението на граѓани „16 март 2025  Кочани“.

Новиот термин за одржување на маршот ќе биде дополнително утврден и навремено соопштен на јавноста, велат оттаму.

- Хуманитарниот натпревар, кој е посветен во чест и сеќавање на жртвите во трагичниот настан на 16 март 2025, претставува значајна иницијатива насочена кон обединување на заедницата во моменти на голема болка. Токму преку спортот – најпрепознатливиот симбол на фер натпревар, човечност, заедништво и подадена рака – се истакнува вредноста на колективната поддршка и солидарност, особено кога заедницата се соочува со длабока загуба. Целта на хуманитарниот натпревар не е само спортски настан, туку и општествен чин на почит и возобновена сила. Во вакви моменти, спортските клубови имаат моќ да бидат двигатели на позитивни иницијативи, да донесат надеж и да потсетат дека вистинските вредности се мерат преку човечноста, а не преку резултатите на терен, се наведува во соопштението на ЗГ „16 март 2025 Кочани“ .

Охрид – Полицијата заплени две возила и поднесе кривини пријави против две лица кои учествувале во сообраќајна несреќа во Охрид.

Според полициското соопштение, синоќа во 20:30 часот до СВР – Охрид било пријавено дека на улицата „АСНОМ“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „Фолксваген амарок“, со охридски регистарски ознаки управувано од В.В.М. (24) од Охрид, патничко возило „Ланчија“ со охридски регистарски ознаки управувано од Ј.П. (37) од Охрид и патничко возило „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки управувано од П.Н.(35) од Охрид.

По преземени мерки било констатирано дека В.В.М. го управувал возилото под дејство на алкохол со измерени 0,71 промили алкохол во крвта, а истиот имал и изречени три забрани за управување со моторно возило за „Б“ категорија. Забрана за управување моторно возило за „Б категорија“ имал и Ј.П.

За случајот е известен јавен обвинител, по чии насоки им се одземени возилата на В.В.М. и Ј.П. и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување со возило“. 

Виница - Откако неделава временските услови се подобрија, Општина Виница започна со реализација на повеќе инфраструктурни проекти,  подготвуваме во текот на изминатиот период. 

Денеска почна реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа на улица „Ванчо Прке“,  која го поврзува градот со населба и село Градец.

-Се предвидува реконструкција на водоводната мрежа во должина од 558 метри, односно замена на азбест-цементни со полиетилентски цевки со висок квалитет. Предвидена е и реконструкција на канализационата мрежа во должина од 543 метри, која е доста стара, изградена од неквалитетни материјали и јавното комунално претпријатие се соочуваше со постојани дефекти на истата, реферира Митко Костадиновски, градоначалник на Општина Виница.

-Веднаш после реконструкцијата на комуналната инфраструктура на оваа улица, на која има голема фреквенција на сообраќај бидејќи се поврзува со локалниот пат Виница- село Градец и која беше многу оштетена и не реконструирана најмалку 20 години, ќе следува и нејзина целосна реконструкција, најавува Костадиновски.

 

Остани поврзан