• сабота, 27 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

29 февруари 2024

 

Тетово - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска беа во работна посета на подрачјето што го покрива Секторот за внатрешни работи Тетово.

Тие на средба со раководствата на СВР Тетово и ОВР Гостивар разговараа за безбедносната состојба.

- Од минатата недела со директорот на БЈБ Сашо Тасевски почнавме серија посети на сите СВР, почнавме во Куманово, денес во Тетово, а ќе ги посетиме сите СВР да се запознаеме со безбедносната состојба на територија на која постапува СВР и да ги дадеме нашите јасни насоки за идното постапување во оваа техничка Влада. Од раководството на СВР Тетово и началникот бевме информирани за безбедносната состојба на територија на СВР Тетово која е поволна и ги задоволува критериумите и да кажеме дека граѓаните се безбедни, изјави Бојмацалиев.

Тој рече дека СВР Тетово има голем број успешни акциски контроли во повеќе области во последните два месеци.

- На раководството ја пренесов истата порака дека треба да работат исклучиво согласно законот и да бидат на страна на граѓаните и законот. Да не подлегнуваат на никакви притисоци од одредени политички партии бидејќи ние им служиме на граѓаните да бидат тие безбедни и да го остварат своето право на глас. Така што, таа е пораката која сум ја праќал и секогаш ќе ја праќам кога имам средба со одредено раководство на СВР. Исклучиво по закон и исклучиво да се работи во интерес на државата и граѓани и на никој друг, истакна Митко Бојмацалиев.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи информираше дека во областа на недозволена трговија имало 16 акции на територија на СВР Тетово. Во 21 угостителски објект при акциски контроли откриени се 27 лица странски државјани кои нелегално престојуваат и работат. 

Струмица - Со поддршката од Министерството за транспорт и врски за капитални инвестиции ја променуваме сликата во градовите и државата. Минатата година реализиравме рекордно ниво на капитални инвестиции во државата од независноста до денеска од преку 700 милиони евра, што значи дека државата од буџетот одвоила најголем дел од средствата за реализација на проекти кои значат развој и ја градат иднината за граѓаните, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешниот увид на завршувањето на градежните работи на новиот булевар „Братсво и Единство“ во Струмица, што го изврши со градоначалнкот на Струмица, Костадин Костадинов.

Според министерот, изградбата на овој булевар, пред се, значи развој на градот и тоа не само преку новиот лик со изградбата на овој булевар, туку и заради фактот што тука се отвораат нови работни места.

-Овој проект е со вредност од преку 300 илјади евра за кое како Министерство дадовме поддршка на барањето на Општината и ми е драго што успешно го привршуваме. Вториот проект, на кој денеска вршиме увид и се уште е во тек, е со вредност од 1,3 милиони евра, а тоа е фекалната и атмосферската канализација во селото Градско Балдовци, каде работите се завршени околу 70 отсто и со тоа условите за живот на граѓаните во ова населено место ќе се подобрат, истакна Бочварски.

Тој најави подготвување на тендерска постапка за почнување на изградбата на улуцата „23 Октомври“ во Струмица, а досега Министерството на општините помогнало со изградба на 180 локални патишта во повеќе од 60 општини.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека изградбата на булеварот „Братство Единство“ е во завршна фаза и е пред технички прием.

-Овој булевар значи ново грло во Струмица, растоварување на сообраќајниот метеж кај Пазарот на големо,многу подобра комуникација со повеќе населени места и развој на на една од најзначајните индустриски зони во овој дел на градот, каде имаме преку 30 милиони евра инвестиции од страна на домашни и странски компании, како и потенцијална можност за нови со изградбата на булеварот, рече струмичкиот градоначалник.

Посетата на Струмица министерот Бочварски ја продолжува со средба со превозниците од Југоисточниот дел на државата.

Штип - Комуналните инспектори од земјава денеска на годишното собрание на Здружението на комунални инспектори ги презентираа проблемите со кои се соочуваат, и предложија иницијативи за нивно решавање и надминување. Претседателот на Здружението на комунални инспектори, Борче Везенков вели дека Штип го има надминато проблемот со недостатокот на комунални инспектори, од оваа година ангажиран е и помошник на комуналниот инспектор.

-Во другите градови бројката е задоволителна, но во помалите општини се појавуваат проблеми околу бројката на инспектори. Значи не само комунални инспектори, туку од сите области на инсектори, истакна Везенков.

Тој посочува дека најголемиот проблем на граѓаните и за што реагираат до комуналните инспектори е фрлањето на отпадот, покрај самите садови за отпад, потоа создавање на мали депонии од градежен отпад и секаков друг на отпад. Везенков вели дека ова им создава проблеми на заедницата, но и на инспекторите и комуналните претпријатие, кои трошат ресурси за да нечија негрижа биде санирана.

-Имаме и казнување, се пишуваат глоби за сторен прекршок и е 40 евра во денерска противредност, а за правните лица од 1.500 до 2.000 евра. Во просек годишно вакви глоби се изрекуваат околу 12, рече Везенков.

Комуналните инспектори и од останатите општини во земјава посочуваат дека на терен исти се проблемите со фрлање на отпадот, а помалите рурални општини имаат и дополнителен проблем, а тоа е немање на одводни канали, потоа несоодветното одглањето на отпадните води, бидејќи голем дел од селата немаат и канализациона мрежа. 

Прилеп - И официјално заврши откупот на тутун од ланската реколта. Откупени се нешто помалку од 15 000 тони по просечна цена од 353 денари за килограм.

Според Државниот земјоделски инспекторат откупната кампања беше неочекувано турболентна.

-Во оваа кампања се откупија речиси 15 000 тони тутун по просечна цена од 353 денари.  До утре ќе ги знаеме и точните податоци, но откупот моментално се заокружува на нешто помалку од 15 000 тони.  Почна подоцна, прво тутунарите не го носеа за откуп тутунот, се случи да има два анекси на договорите помеѓу откупувачите и производителите, што е специфично, изјави Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Ваквата состојба укажа дека мора да има измени во законот за тутун, но и пожелно е да има либерализација во извозот. Процесот за законски измени е почнат со првиот состанок на 19 февруари во Министерството за земјоделство меѓу откупувачите претставници на Сојузот на земјоделските здруженија и на Инспекторатот. Почнаа да пристигнуваат предлог измени и ќе се формира работна комисија.

-Пред, сѐ, увидено е дека има проблем во начинот на договарање, утврдување на цените, улогата на тутунарите при договарањето на цените и, секако, можеби треба да се размиослува за либерализација во извозот на тутун. Тоа значи да се земе примерот на соседните земји и да не мора да важи за секој регистриран откупувач или преработувач на тутун да извезува тутун, туку да извезуваат и помали компании кои би обезбедиле извоз. Така, се надеваме, би се добила поголема конкурентност. Досега се тврдеше дека законот за тутун е добар, и беше, но последните реколти покажаа нешто сосема спротивно. Така што, дефинитивно мора да се работи на измена на Законот за тутун, рече Станкоски.

Сојузот на земјоделските здруженија кој откупната кампања ја оцени како катастрофална и не сака никогаш да се повтори, ги доби договорите на компаниите со предлог цени за новата реколта во кои се предлага за прва класа 365 или 375 што е неприфатливо за тутунарите. Сојузот ги повика тутунарите да не склучуваат договори за новата реколта што законски како можност почнува од 1 март.

-Категорично на компаниите им испративме електронски соопштенија дека ги отфраме нивните предлог-цени и не ги прифаќаме, зашто оваа година беа повисоки цените од овие сега што ни ги предлагаат за новата реколта. Затоа ги повикуваме сите тутунопроизводители да не склучуваат договори. Фирмите ни ја воспоставија практиката наесен да потрпишуваат анекси на договорите, тогаш и ние, на есен ќе склучуваме договори . Тогаш, пак ќе си ги гажеме нашите цени, нашите трошоци и нашите барања. И тогаш ќесклуќиме договори со која фирма сакаме и која фирма ќе се согласи со нашите предлог цени. А нашиот предлог е што сега компаниите не го прифаќаат 500 денари за прва, 420 за втора и 350 за трета класа. Ние што произведуваме, ќе продолжиме да го произведуваме тутунот, зашто од тоа живееме. Ние не може да го уништиме тутунопроизводството поради интереси на фирмите, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

Скопје - Сајбер булингот е „злото“ на новото време кој бара сериозен пристап од повеќе институции за да се намали и спречи, истакна денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој учествуваше на настанот "Дигитализацијата и Сајбер Безбедноста: Сегашноста и Иднината на Учениците" организиран од Аналитика Тинк Тенк.

Сспоред него, во оваа ера на технолошки развој кога младите уште од рана возраст имаат пристап до компјутери и мобилни телефони, не само булингот како врсничко „физичко“ насилство, туку и сајбер булингот е проблем кој никако не смее да се занемари ниту било како заобиколи.

Напротив тој носи последици кои децата, а често и родителите и целото семејство може да ги носат со години, па и цел живот. И ова е она кое ние како општество, не смееме да го дозволиме. Борбата со булингот мора да биде заедничка и единствено како таква ќе се намали и спречи, нагласи Герасимовски.

Тој потенцираше и дека Општина Центар многу сериозно работи за подигнување на свеста за булингот и заштитата од истиот преку бројни обуки, предавања и работилници со цел учениците, наставниците и стручните служби да го препознаат и соодветно делуваат со цел да го спречат.

-Во сите осум наши училишта особено изминатата година имавме навистина многу работилници, обуки и предавања од психолози, педагози, претставници од Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации. На овие работилници и предавања учествуваа учениците од трето до деветто одделение, но обуки за препознавање и спречување на булинг поминаа и директорите, стручните соработници и наставниците од сите училишта во општината. Нашата цел како општина е на овие работилници учениците да ги препознаат видовите насилство, последиците од булингот, начините на изразување задоволство без навреда како и промовирање на другарството и негување на позитивните вредности како љубеност, почитување и ненасилна комуникација, рече Герасимовски.

Тамара Мијовиќ Спасова, извршниот директор на Аналитика Тинк Тенк појасни дека проект за последиците од сајбер булингот е посебен по многу нешта, пред се, како што рече, поради фактот што преку него директно се обучуваат учениците и професорите со техники и вештини за безбедно користење на интернетот и другите дигитални технологии.

-Повеќе од 50 ученици и 15 професори се обучија за спроведување на иновативни програми во училиштата фокусирани на сајбер безбедноста на младите. Ваквиот пристап на директна комуникација и едукација на сите чинители во образовниот процес се покажа како многу ефективен. Затоа за училиштата поддршката од градоначалниците и нивните иницијативи кои се насочени кон борбата против сајбер насилството е клучна за заштита на нашата младина. Ако сакаме да постигнеме вистински напредок во ова од суштинско значење се континуираните работилници и обуки за препознавање и заштита од сајбер нападите, изјави Спасова.Општина Центар во насока на превенција и подигнување на свеста и последиците од булингот во изминатиот период покрај активностите во училиштата организираше „Соседски патроли“ на кои родители, наставници и претставници од МВР правеа обиколка во градскиот парк каде со младите се зборуваше за придобивките и последиците од булингот. Воедно Општина Центар при пријава од родители за насилно однесување во делови од општината, веднаш реагираше и во соработка со Полициската станица Беко беа засилени полициските патроли во општината.

Скопје - Со цел да се контролира загаденоста на воздухот во близина на Цементарница УСЈЕ АД, Општина Кисела Вода постави мерна станица во парцелата на компанијата, соопштија денеска од ОПштина Кисела Вода.

Се работи за уред кој поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на PM 10 честички е во две мерења и опфаќа честичките PM1, PM2.5; PM 10 и TSP. Опсегот на големина на честичките е од 0.1микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат согласност стандардите и директивите на ЕУ.- Денес исполнуваме уште едно ветување од мојата предизборна програма, кое што на нашите жители ќе им обезбеди увид во квалитетот на воздухот во близина на фабриката Цементарница УСЈЕ АД Скопје. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода прави сеќ што е во рамки на своите ингеренции за на граѓаните да им обезбеди поквалитетен воздух и подобра еколошка средина. На потег се сега надлежните, односно неминовна е потребата од неселективен ангажман на градот Скопје и на централната власт преку своите ресорни Министерства, кои имаат ингеренции над овој индустриски капацитет, бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде на прво место, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, стои во соопштението.  Во изминатите две години, како што се посочува во соопштението, ставена е во функција мерната станица кај Домот на култура „Билјана Беличанец”, секоја година по неколку пати се организираат масовни акции за пошумување, се доделуваат субвенции за набавка на печки на пелети и на пелети како еколошки енергенс, а интензивно се работи на имплементација на проекти за енергетска ефикасност.- Во Буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици, со што ќе се штеди енергија, парични средства и ќе се намали загадувањето. Заштедата исто така може да се искористи во нови инвестиции за еколошки проекти. Говорејќи за проектите за заштита на животната средина, сакаме да потенцираме дека во Буџетот на Општина Кисела Вода за претстојната 2024-та, како никогаш досега, акцент е ставен токму на оваа сфера. Мерната станица поставена во близина на Цементарница Усје АД е уште една потврда дека Кисела Вода работи на обезбедување на  најдоброто за своите жители и повторно апелираме за поголема свесност кај институциите кои имаат директна надлежност околу решавањето на овие горливи проблеми што директно го задираат здравјето и животот на граѓаните, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски. 

Крива Паланка - Општина Крива Паланка освои втора награда на конкурсот за „Најеколошка општина за 2923“ година во организација на Пакомак и Балкан ЕКО институт, кои ја наградија општината со сет реквизити за најмладите жители.

-Висока, втора награда за Крива Паланка на конкурсот за „Најеколошка општина во државата за 2023“, кадешто првото место му припадна на Берово. Заложбите за чиста и зелена општина се препознаени, даваат резултати и носат позитивен имиџ на градот. Благодарност до сите што со секојдневната работа придонесуваат нашиот град да биде позициониран високо на листата на најчисти градови и секако, благодарност до организаторите кои придонесуваат за подигнување на еколошката свест, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Општина Крива Паланка во изминатите две години интензивно вложува во уредување јавни зелени површини, засадување цвеќа и дрвја, како и одржување на хигиената во градот.

Програмите за хортикултурно уредување и јавна чистота бележат 100 отсто реализација, а за две години се засадени над 2500 садници.
Организаторите на конкурсот, Пакомак и Балкан Еко институт поттикнуваат и поддржуваат подигнување на еколошката свест, заштита на животната средина и селекција на отпад од пакување во општините во државата. 

Штип - Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска се запознаа со ретките болести, на кој говореа познати научници, но и лицата со ретки болести. Одење по минско поле – ваков е животот на лицата со ретки болести. Првата мина се симптомите кои се појавуваат, па продолжува втортата мина – односно одредување на точната дијагноза. Вака го опишува животот на лицата со ретки болести, Весна Алексовска претседателка на Здружението „Живот со предизвици“. Таа забележува дека овој пат воопшто не е лесен , бидејќи како што вели се поминуваат дури и до 10 специјалисти за да се одреди точната дијагноза. Потоа започнува поврзување со семејствата, размена на искуства и подобрување на начинот на живот и на овие лица.

- Мојата болест е откриена кога имав седум години, како мала бев слабокрвна па ми даваа витамини, па видоа дека ми се зголемува слезината и црниот дроб, забележаа модрици, ниски тромбоцити. Во Скопје мислеа дека е вид на рак, вели Алексовска.

Ако пред повеќе од 30 години немало соодветни знаења и лекови за ретки болести денеска ситуацијата е далеку подобра. Но, пациентите бараат децентрализација на здравствениот систем, со цел пациентите да не минуваат стотина километри, да губат време и пари, за да одат на контрола или по терапија до главниот град. 

-Проблемот е следен: дури и да не ослободат, патот е тој од Скопје до Ресен се патува четири часа во еден правец. Фондот покрива за пациентот ама мора да има и придружба, се губи цел ден во Скопје, таму треба да јадеш. Иницијативата е да биде децентралзиирано, додава Алексовска.

Секоја ретка болест е приказна за себе. Љеља Муаремовска-Канзоска субспецијалист невропедијатар вели дека најголем дел од ретките болести се манифестираат во детска возраст, но може да се откријат и кај повозрасните.

-Се дијагностицираат ултра ретки болести, тоа значи дека се јавуваат 1 на еден милион. Има и такви, но најголем проблем е дека за 50% од ретките болести не постои терапија, не кај нас туку и во светот, рече Муаремовска-Канзоска.

 Со симпозиум  за ретки болести на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип денеска беше затворена кампањата за ретките болести која започна во Охрид на почетокот на месец февруари, со цел да се подигне свеста за борба против ретките болести.

Куманово - Почна реконструкцијата на три улици во населбата „Иго Тричковиќ“, наскоро се очекува да почне санација на дополнителни две, информираа денеска од Секторот за комунални дејности.

- Се поставува бекатон на три улици, дополнително следуваат уште две. На дел од овие улици имаше тампон. Очекуваме значително подобрување на условите за движење на пешаците, особено на учениците до подрачното училиште, изјави помошникот раководител на Одделение за комунални дејности, Момчило Јовановски.

Завршени се улиците „423“, „416“ и „417“, наскоро ќе се санираат улиците „412“ и „411“. Жителите на приградската населба со години бараат санација на улиците. Тие велат дека самите поставувале тампон за да обезбедат непречено движење.

Општина Куманово склучи договор со две компании за поставување на бекатон. Од буџетот на Општина Куманово одвоени се 5, 5 и 5, 3 милиони денари или приближно 11 милиони денари за поставување на бекатон на улиците во Куманово. Градот е поделен на две зони за поефикасно изведување на програмата. 

Тетово - Планинарскиот клуб Љуботен од Тетово и Национален парк Шар Планина вчера одржаа презентација студија, стратегија и публикација кои се насочени кон развој на заштитено подрачје како и формирање на бази со податоци.

Создадени се Пилот-студијата за планинско рекреативните патeки на НП Шар Планина, стратегија за работа на Инфо Центарот за Шара на ПК Љуботен и публикација со заклучоци од студиските посети и работилниците. 

Пилот студијата е главниот изработен документ, направен согласно планот за менаџирање на националниот парк и таа е насока или водич во насока на изработка на нови студии за планинските патеки во рамки на заштитеното подрачје.

-Студијата ќе овозможи еднаш засекогаш да се воспостави некој ред на Шар Планина и од тоа ќе може Национален парк да знае кој се наоѓа на патеките, кој каде се движи и што прави.  Пример се земени шест планинско-рекреативни патеки низ Шар Планина. Студијата ќе биде основа за формирање или уредување на нови планинско-рекреативни патеки, пример едукативни за деца, или екстремни патеки за поискусни планинари, изјави Јован Божиновски од ПК Љуботен.

Студијата се дели повеќе области.

-Има основен информативен дел за Шар Планина, потоа анализа за инфраструктура, насоки како да се треба да се уреди една планинско-рекреативна патека и кои се нивните цели, како се маркира, како се уредува, и како се дефинира тежински и туристичка валоризирање или категоризација. На крај имаме и една база на податоци, табела со елаборати на патеки, изјави Јован Божиновски.

Изработените документи се резултат од проектот „Инфо Центар за Шар Планина – линк помеѓу чинителите во заштитеното подрачје“ поддржан од организацијата ПОНТ, кој проект планинарскиот клуб „Љуботен“ го имплементира во соработка со Националниот Парк „Шар Планина“.

Велес - Десет модни креациии од кои осум вечерни тоалети и два модни свечени комлета, утревечер  во 19:00 часот во фоајето на велешкиот театар Јордан Х.К-Џинот“, ќе бидат претставени на модната ревија којашто е завршен настан на проектот „Клуч за сопствен бизнис“ . Модните креации кои потоа ќе бидат понудени на тивка аукција се изработени од велешките средношколкци кои се обучуваа во рамките на овој проект во изминатите шест месеци.

Како што информира на денешниот прес Убавка Јаневска од Фондација „Фокус“ која го реализира проектот, по завршување на обуките младите средношколци ќе се стекнат и со сертификат за работа за моден и декоративен дизајн, кој освен за нивна самостојна работа во земјава ќе биде важечки и во странство.

-Сертификатите што деновиве  ќе ги добијат  62 средношколи од велешките средни училишта, од кои 30 за моден дизајн и 32 за декоративен дизајн за нивната успешно завршена обука, се веќе сретифицирани во Центарот за образование на возрасни, а сега постапката привршува и во Министерството за образование. Деновиве го очекуваме и овој сертификат  и  во моментот кога ќе го добиеме  овој  сертификатот сите учесници кои успешно ја завршија оваа обука ќе можат  да го започнат својот прв бизнис во земјава или во странство, појасни Јаневска.

Воедно додава  дека останува да  верифицира простор  во коишто тие  овие обуки ќе се одржуваат и понатаму за да можат да произведуваат нови генерации на млади и возрасни граѓани, коишто ќе се пронајдат и гледаат шанса во овие два бизниси.

 Таа информира  дека учесниците од месец септември лани досега  посетиле 16 обуки на коишто најпрво го совладале теоретскиот дел, а потоа во декоративен дизајн имале можност и да изработуваат скици, цртежи за внатрешен интериер, за изработка на предмети од дрво и слично, додека во модата имале шанса да започнат од технички, а да завршат до цртеж за модел.

Учениците посетуваа и практичната работа за којашто сме презадоволни. Тие што беа во групата за Моден дизајн заесно  со модниот дизајнер Катерина Чукниева и обучувачката м-р Соња Пљакова ги подготвија  десетте модели коишто утревечер ќе бидат прикажани на модната ревија. Декоративците кои заедно со обучувачката дипл. инг.  архитект  Цветанка Саздова, за жал немаа шанса да ги изработат предметите кои ги направија на скица.  Но тоа не значи дека ќе застанеме тука, ние како проектен тим и понатаму сме спремни да ги исполниме дел од желбите на учесниците  и тоа ќе го направиме многу скоро..Целта ни е   да оставиме едно трајно одбележје во градот дека оваа е  прва генерација на средношколци од Велес, а кои  освен во модниот покажаа и  исклучителни резултати и во декоративниот дизајн, потенцира Јаневска.

Проектот „Клуч за сопствен бизнис“ на Фондација „Фокус“ во изминатите девет месеци се спроведуваше  во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2-ReLOaD 2, финансирана од ЕУ и имплементирана преку Програмата за развој на Обидинетите  Нации UNDP. Проектот е кофинансиран и од Општина Велес

Скопје - Поради техничи зафат од „ЕВН“ во пумпна станица Морани, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населеното место Морани. Од ЈП Водовод и канализација -  Скопје соопштуваат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:45 часот до завршување со работните активности. 

Скопје - Поради уличен дефект на улица „Јосиф Михајловиќ“ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа и од улицата „Атанас Бабата“. Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 09:20 часот до завршување со работните активности за санација на дефектот.

Остани поврзан